Пишувањето е пумпа за застојана вода: Ноќниот живот на Илак Ан

24.01.2023 17:21
Пишувањето е пумпа за застојана вода:  Ноќниот живот на Илак Ан

 

Дрво си ти,
мов си ти,
Темјанушки со ветер над нив.
Дете — толку високо — ти си,
а сето ова е будалаштина за остатокот од светот

„Девојка", Езра Паунд

 

Предговор

Дедото на ќерка ми со внуките зборува наопачки. Ги вика Ифос, Анеле и Илак Ан. И тие, или барем некои од нив, му се обраќаат со „одед“.

Бидејќи ќерка ми не зборува, ѝ останува само името Илак Ан. На своето име се одзива наопаку.


Цунами

26 декември, 2004 година. Утрото надвор е смог и студ. Внатре е меко и топло, како под дупло волнено ќебе. Бавно се поткревам, со замаглена глава. Во првите моменти на будност како одново да откривам дека сум бремена. Со доза на благ шок поради освежената веќе застарена вест и со обновена радост постепено ги изострувам мислите накај фетусот, со илузија дека можеби веќе и го чувствувам; фетус кој веќе неколку недели го обвиткувам со мисли и го облепувам во шарени фантазии како со циркуски постери; ментално го обликувам, го месам како од тесто, во човече со најразлични хумани црти: наместо очи — копченца, наместо уста — малинка. Додека сипам од чајот кој ме загрева уште повеќе, милиметарскиот плод (кој тоа утро за мене е веќе дете, мое дете) нежно се лула внатре топлиот меур. Го галам стомакот, барајќи потврда дека е зголемен, и ги отварам вестите на денот:

Земјотресот на 26ти декември 2004 година крај брегот на Индонезија, предизвика огромен бран, цунами, признат како најсмртоносна природна непогода во модерната историја. На 26ти декември 2004 година, утрото во 7,58 по локално време (00,58 по Гринич), како резултат на судир на индиски, бурмански и австралиски литосферични плочи, се случи еден од најголемите подводни земјотреси во историјата на Индискиот океан. Американскиот геолошки преглед (УСГС) ја процени големината на земјотресот на 9,1 степени. Земјотресот придонесе за остра промена на оската на вртење на Земјата за три сантиметри, а денот на Земјата се намали за три микросекунди.

Цунамито веднаш ги погоди островите Суматра и Јава. По 10-20 минути стигна до островите Андаман и Никобар. Деведесет минути подоцна го погоди брегот на Тајланд. Два часа подоцна стигна до Шри Ланка, источниот брег на Индија, Бангладеш и Малдиви. Цунамито доведе до огромно уништување и голем број мртви луѓе на брегот на Индискиот океан.

Најмногу штета претрпе брегот на Индонезија. На некои места на островот Суматра, потоците се ширеа десет километри. Бреговите на градовите и селата беа збришани од лицето на земјата, а три четвртини од западниот брег на Суматра беа целосно уништени. Вкупниот број жртви во земјите погодени од цунамито во Азија и Африка е приближно 230 илјади луѓе. Како резултат на цунамито, 1,6 милиони луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови...



Стомачните мускули и матката ми се грчат додека читам. Пресметувам временска разлика; што правев јас — ние — во 00:58 според Гринич? Дали почувствував нешто во моментот на стравотната разорност? Тогаш кога во епицентарот на земјотресот земјината кора вертикално се поместила 8 до 10 метри и кога во рок од неколку часа животот го загубиле 230.000 луѓе — однесени од бранот. Заклучувам дека во тоа време спокојно сме вечерале, па сме заспале.

Ужасот удрил негде другде.

Во заштитениот меур не продираат информациите кои надоаѓаат од сите страни; плодовата вода апсорбира сè што е остро, опасно, прекумерно. Ги задушува звуците; ја ублажува светлината. Амниотската течност е мека, се бранува бавно околу фетусот-дете кој по неколку месеци ќе го крстиме Илак Ан.

Но, дали е баш така?

Не го чувствувам ударот... не го чувствувам поместувањето кога нешто се изместува од сопствената оска внатре во мене, во матката, некаде декември 2004та. Чувствувам само мекост и топла плодова вода во која плива или можеби плови нов живот.


 

Поза на мртовец

Години подоцна, во текот на мојата долгогодишна психоанализа зборувам сенешто. Многу често за соништа во кои Илак Ан има своја двојничка. Две се, не една. Не ја разбирам таа потреба за двојност, но соништата ми прикажуваат две ќерки. Понекогаш и двете се живи, понекогаш едната не е. Треба да изберам една. Невозможен избор. За да ја доловам невозможноста на изборот со којшто сум соочена во соништата на психоаналитичарката ѝ раскажувам за изборот на Софија во истоимениот филм од Алан Пакула со Мерил Стрип; ѝ раскажувам за лудилото во кое Софија наоѓа засолниште и своевидно решение за невозможниот избор кој таа сепак го прави.

Но не разбирам што треба да изберам - јас имам само една ќерка, се чудам.

Сонот го конструираш ти; не заборавај, ми одговара таа.


***
Неколку месеци по почетокот на психотерапијата, ја сонувам мојата психоаналитичарка како медитира во позиција на лотус, па легнува на под, се опушта и ги шири рацете и нозете во не-сосема-отворена ѕвезда; во сонот ѝ велам: сакам да ја научам таа поза-ѕвезда; научи ме!

На следната средба ѝ раскажувам што сум сонувала: ...и на крај ти седна да медитираш, па легна во таа поза како полу-затворена ѕвезда... знаеш, сега ми текна, во јога таа поза ја викаме „the corpse pose”, поза на мртовец; „la postura del muerto“, ѝ преведувам, оти целиот разговор ни е на шпански.

Во тој момент ми кликнува дека сакам психоаналитичарката да ме научи нешто за мртвото тело. Јас сум овде дојдена да научам нешто за смртта, ѝ велам, изненадувајќи се самата од сопствените зборови. (Дури подоцна ќе сфатам дека позата на мртовец има барем уште едно значење. Позата на мртовец резонира со позиција на кукла, или dummy, важна позиција или функција која ја презема психоаналитичарот во лакановската психоанализа. Низ сонот ја изразувам желбата да станам психоаналитичарка, преку учењето за смртта и мртвото тело.)

Од следната сесија ќе легнеш на кауч, ми одговара таа.

Следната сесија, прва на каучот, лежам со нозете накај вратата. За првпат сум свртена кон зидот кој дотогаш секогаш беше зад мене; сега нозете ми се во насока на вратата, која во сите претходни сесии беше зад мене од лева страна; сега наместо вратата, позади мене од левата страна, од страна на срцето, седи психоаналитичарката во својата фотелја. Не ја гледам ниту ја слушам; но, таа може да ми го чуе срцето. Лежам со нозете накај врата и чувствувам надоаѓачка паника. Паника дека од таа соба можам (или морам) да излезам само со нозете напред, во хоризонтална позиција.

Исто онака како што Илак Ан излегуваше од салите за операции, како што и јас и Илак Ан излегувавме и влегувавме низ многу врати во замрсениот болнички лавиринт, лежејќи во болнички кревет на тркала; со нозете нанапред се лизгавме во хоризонтала низ темни ходници на чии краишта влегуваше светлина низ прозорчињата на дуплите врати кои што се отвораа при ударот со тркалата на креветот; со нозе нанапред низ темен тунел кон светлината на крајот, како што опишуваат некои кои велат дека ја искусиле смртта, или како новороденче кое се раѓа наопаку, со нозете нанапред наместо со главата.

Само мртов човек ја напушта собата хоризонтално со нозете нанапред низ врата, одѕвонуваат нечии зборови кои ги паметам од мала, и ѝ ги кажувам на аналитичарката. Сесијата завршува тука. Станувам и си излегувам исправена низ врата.



Потоа се редат сесии на каучот каде што зборувам за Илак Ан и нејзината двојничка, за двојни малечки тела во кутии за чевли од кои треба да изберам едно; едно живо и едно мртво; зборувам сенешто.

Зборувам и за сонот што ми се повторува, во кој секогаш сме сами со Илак Ан на брегот. Секогаш ја држам многу цврсто за рака; ѝ ја стискам раката во мојата за да не може никој, никаков бран, да нè одвои; знам дека не умее да плива, нема пливки на рацете; надоаѓа бран, ја припивам кон себе; бранот се издига бавно; бесшумно расте висок колку десеткатница, или планина; страшното е тоа што расте нечујно, како да сме во нем филм; секогаш се будам пред да стигне до нас, така споени, така нераздвојни, како исклесани во камен.

Повторувачки сон во илјада варијанти кој секогаш прекинува на истото место. После многу сесии на нови теми, повторувања, навраќања, репризи и рефрени од монолози насочени кон еден слушател — аналитичарката — една вечер повторно сонувам цунами.

...овој пат ја отпуштам раката на Илак Ан...

...и покрај ужасот во мене решавам (ако е воопшто можно нешто да се реши на сон) да не знам...

...не сакам да знам...

...заборавам каде е и како е Илак Ан која не знае да плива пред бранот кој надоаѓа...

...одвоени сме... можеби за првпат...

...го чекам водениот ѕид да ме поклопи лежејќи со нозете нанапред... сама...

...ме впива бесшумната водена маса без да се разбудам...

...оттогаш веќе не сонувам цунами.

Бранувања во ноќта

Едно лето Илак Ан нагло порасна. Почна да води богат ноќен живот, како што прилега на една тинејџерка.

Почнав да го откривам новиот ноќен живот на Илак Ан тоа лето кога отидовме на одмор, покрај море, кога спиевме во иста соба. Го забележав следново:

Кога ќе се успие Илак Ан започнува со своевиден говор: емитува гласови во разновидни нијанси и форми кои никогаш не ги слушам денски; гласови високи и ниски, затворени и отворени, тврди и меки, остри и тапи, со променлива боја и ритам, како да се искачуваат од најниски долини, или од уште пониски океански дна, до највисоки врвови или уште погоре кон ѕвездите во еден кус момент; како да се лизгаат надолу по планински сртови, без кочници; па пак полетуваат и се повторуваат во чудни ритми; тивки мрморења, но и комплетни реченици со интонација и со почеток и крај на непознат јазик. Се смее жизнерадосно, гласно, грлено, со восклици. Нешто многу ја развеселува; можеби не друго туку самото телесно задоволство на огласувањето, треперењето на утробата при изведувањето на мноштвото гласовни пируети, потполното телесното уживање при конструирањето калеидоскопи од гласови – можеби само тоа ја радува.

Ја слушам без да трепнам, да не ја разбудам и да не го прекинам реткиот разговор развиорен како развигор. Се прашувам: Со кого разговара? Кому се обраќа? Оти тоа не е само бебешко гугање. Нејзините гласови кои наликуваат на зборови кои не ги разбирам, насочени се кон некого отспротива. Кон некој што ја слуша.

Тоа е јазик на ноќта. Можеби најблиску до јазикот на ноќта во Финегановото бдеење. Илак Ан не го зборува јазикот на денот.

***
Многу често во одредени делови на ноќта Илак Ан спие седечки. Се исправа во сон нагло како повлечена од некаква сила, без да прекине да спие, како во филмот Егзорцист. И потоа како заглавена стрелка на часовник удира тапо по душекот со раката горе-доле, горе-доле, горе-доле. Или се врти на задникот со целото тело север - северозапад - север - северозапад - север, одново и одново. Повторувачки гестикулации како компас што шлајфува.

Се обидувам да ги разберам и врамам ненадејните исправања:

Будноста, а и секоја фаза на сонот имаат свои мозочни бранувања. Кога сме будни доминираат кусите и забрзани алфа бранови. Кога сме релаксирани, медитираме или почнуваме да се успиваме преовладуваат побавните бета бранови. Вистинскиот сон се состои од четири фази. Во првата фаза сонот е лесен и понекогаш ни се причинува дека паѓаме во празно, па додека паѓаме во бездната може да нè штрекне и разбуди рефлексно мускулно движење кое го потресува целото тело; во оваа фаза мозокот функционира со нерегуларни мали електрични бранови. Во втората фаза ја минуваме границата кон вистинското спиење; брановите се ситни и испрекинати со електрични празнења во форма на вретено (формата на брановите во оваа фаза е слична на вретеното на кое Трнорушка се боцка и потоа паѓа во длабок сон); во оваа фаза паѓа температурата на телото и се јавуваат куси сонувачки мисли, кои се различни од елаборираните соништа што се јавуваат подоцна во ноќта. Третата и четвртата фаза, во кои доминираат изразено големите и бавни делта бранови, се особено интересни. Во овие фази спиеме најдлабоко, и телото ни е делумно парализирано. Сепак, истовремено и паралелно со најголемата отсеченост од свесното денско постоење, можат да се јават таканаречените феномени на движење или парасомнии: говор во сон (сомнилоквија), движења во сонот (сомнамбулизам), или ноќен терор. На крајот, по фазите три и четири, доаѓа РЕМ фазата со брзите движења на очите, кога ги плетеме долгите наративни соништа кои понекогаш и ги помниме.

Кога ќе заврши РЕМ фазата, истиот циклус се повторува, почнувајќи од првата фаза и повторувајќи се неколку пати во ноќта. Повторливоста е вградена во циркадијалниот циклус, исто онака како што репетитивноста и ритмичноста се константи во животот на Илак Ан.

Изразено големи и бавни делта бранови се во прашање, си велам обидувајќи се да го разберам ненадејните исправања, повторувачките движења како стрелка на компас, и вдахновените весели разговори на Илак Ан со некого во ноќта.

Истото лето се појавуваат и други бранови на сцената.


 

***
Денски одиме на плажа. Илак Ан седи на работ каде што водената површина го сече копното... со часови... со денови... со години... цел еден живот... Секогаш ми изгледа дека комуницира, можеби разговара, со чудовишниот воден организам; оти можеби морињата и океаните како и целата земја се едно живо суштество чиј јазик Илак Ан го разбира и го зборува; а како инаку да го протолкуваме озарениот поглед на Илак Ан насочен кон водениот бескрај, како да го прашува, како да му одговара, како да разменува важни информации, или можеби споделува фантазии и смешки со другарчето-море... така со часови... денови... години... така цел еден живот...

Илак Ан е фасцинирана од движењата на морето, од сите негови придвижувања: од поместувањата невидливи за човечкото око или од силните и бучните, сеедно. На плимите и осеките кои човечкото око не ги перципира како движења, или на брановите кои ја подигнуваат со огромна снага и ја удираат во подножјето пред да исчезнат со грмеж—подеднакво им се радува. Им се радува и на невидливите и на средните бранови што ја лулаат горе доле како и на монструозните, кои се издигаат како Голем од калта. На Илак Ан сите морски движења ѝ раскажуваат.

Дење, брановите ја креваат во височини, ја спуштаат, ја тресат, удираат, расцепуваат, декомпонираат, лулаат во ритам, ја смируваат, ѝ шепотат меко, рикаат, ѝ пеат, ѝ се кикотат...

Ноќе морските бранови се смируваат. Додека под ѕвезденото небо морето благо и ритмично удира во брегот, и ги успива птиците, рибите, и сиот жив свет, во Илак Ан грмат брановите на ноќта: звучни бранови, бранови на гласните жици, електрични бранови, мозочни бранови... Летото тие бранови, за жал, преминаа во електрични празнења на епилептични напади... Тоа лето во кое брановите трепереа, лудуваа, дрмаа, се празнеа, тресеа и трескаа...

И тогаш конечно ми текна: Илак Ан им го прави на брановите ноќе она што тие ѝ го прават нејзе денски! Илак Ан ноќе му одговара на денот.


 

***
Денес понекогаш ѝ се придружувам на Илак Ан, ѝ правам друштво и во денот и во ноќта; по толку години почнав по малку да го зборувам јазикот на другарчето-море и јазикот на сите бранови. Не сум флуентна, но разбирам по малку; понекогаш тие бранови резонираат со моите бранови, кои почнуваат да се движат во иста бранова должина со нејзините. Живеам како резонирачка кутија. Понекогаш. И тоа е доволно.

 

Поговор

Во ниеден случај психоаналитичката интервенција не треба да биде теориска, сугестивна, т.е. императивна. Треба да биде двосмислена, повеќесмислена. Аналитичкото толкување не е наменето за разбирање или да ни прави смисла; неговата намена е да бранува. (Жак Лакан)

јануари, 2023

 

Слики: Кarlotta Freier

Слични содржини

Активизам / Психологија / Живот
Активизам / Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото