Калина – девојчето со небо во очите

02.11.2016 15:47
Калина – девојчето со небо во очите

„Дали некогаш си се запрашала како едно дете добива одредена мајка? Според суфи мистицизмот, душата на детето погледнува надолу кон Земјата и ѕирка во душата на секоја жена. Кога ќе ја пронајде онаа што ќе му помогне да ја исполни својата задача на Земјата, го прави изборот. Спојот и врската помеѓу мајката и детето не е случаен.“

Текстов го насочив кон новите родители, да им кажам дека „не се сами“ во новото, ненадејно и неочекувано патешествие со нивното новороденче. Затоа најмногу пишувам за тоа како јас се чувствувам како родител.

Почетоците
(ревидирани дневнички извадоци, Пицбург, 2004-2005)

Пицбург, 2004, есен. Од Њујорк се вративме енергизирани. Се сретнавме со Е и В, кои долетаа од Ванкувер до Њујорк, ем за прошетка, ем да се видиме. Со Е првпат разговараме за деца. Време ни е, ваљда; како да сме спремни. Убава мисла е мислата за бебе; ме скокотка, но останува полуневидлива, како самовилка што пролетала на масата додека пиеме кафе во забавниот Њујорк. Како можев тогаш да знам дека таа идеја-пајажина ќе прерасне во главна фигура во филџанот? Слична како фигурите што ни се појавуваа многу одамна кога „си гледавме“ во дното од кафето и викавме: „Имаш голема тежина“.

Имам поважни работи сега. Предавам „Психопатологија“ на универзитетот „Дукејн“. Уживам во работата; слушам предавања за Фројд и за Лакан кај мојот омилен професор Брус Финк. Брус, исто така, е ментор на мојата докторска теза; предлогот на тезата ќе го бранам напролет; исчитувам текстови на Фројд, на негови ученици, за Дора, за Шребер, за јазикот, за тоа како е да се биде странец. Темата на докторската теза е интимна – сакам да дознаам повеќе за дислоцираноста на имигрантот, за поместеноста од домот, за странствувањето во јазикот.

Бремена сум!

Чувствувам и восхит и недоверба истовремено. Сите ние носиме полуосвестени, недоречени или полуизречени идеи за себе и за светот. Бременоста ми освести предрасуда – за моето тело – за која не сум размислувала претходно. А била важен дел од мене. Дознавам дека длабоко, многу длабоко во мене живеела мисла дека никогаш нема да зачнам и износам бебе. Моето тело е премногу слабо, а колковите премногу тесни. Ме фати на препад, бременоста. Значи во мене почна да се одмотува нов живот? Од ништо, од некаква случајност, од нулта точка се создава нова траекторија? Најосновната и најприродна даденост ја доживувам како најчудната научна фантастика. Помислувам на Сигурни Вивер и „Осмиот патник“. Но, тоа се фантазии за мене. За малото суштество внатре убедена сум дека е лично и здраво новодојденче. И имам слика за него или неа; личи на мене... Прекрасна е невината нарцисоидност на мајчинството.

Бременоста е мирна, без настани. Неризична, како што рекоа лекарите. Дојде и помина единствениот ехо-преглед. Бебето е девојче. На сликата видоа нешто помалечка глава, но рекоа „сè е во рамките на нормалата, без грижа“.

Сонувам чудно. Но, и очекувано. Многу рано, околу десеттата недела, го сонувам во тој момент бесполовиот плод, како 4-5 годишно девојче, заживеано во иднината. Слатко девојче, како излезена од цртан филм, како девојчето од „Spirited Away“ на Хајао Мијазаки, со шишки и две кики-опавчиња; стои и ме гледа, а околу неа се врти ДНК спирална молекула. Во друг сон го сонувам фетусот како фекалија што ја пуштам низ дупката на тоалетот. Брус Финк, мојот професор, психоаналитичар, се смешка додека му раскажувам.

Како што расте фетусот – мојата ќерка – така растам и јас. Во стомакот, необично многу растам, всушност, но растам и во умот, низ љубовта. Мислам дека ќе препукнам од љубов кон суштеството чиј лик уште не сум го видела, така движејќи се низ улиците како еден и пол човек. Ни една ни две. Облаците ме носат, газам меко, со бебето во себе. И растам огромна – што е чудно за мојата кревка конституција; стомакот зазема чудовишни размери. Уживам (додека го мачкам стомакот со различни кремови за спречување на неизбежните стрии) во семоќните фантазии дека, ете, поради мојата огромна љубов кон неа пораснав толку, ѝ создадов базен за пливање, во кој таа се врти како вртимушка, малото морско животинче. (Подоцна ќе дознаеме дека таа чудовишност од мојот стомак значело нешто друго: патологија кај плодот. Но, сега засега сите уживаме).

Во осмиот месец на бременоста се селиме во Бостон. Тоа е првата преселба на Калина – сѐ уште безимениот плод – од редицата преселби што ќе следат. Една другарка ми рече: „Како ќе се селиш? Изгледаш како утре да ќе родиш. Стомакот оди цела минута пред тебе“. Но, не се плашам. Ништо не ме плаши. Негодувам врз туѓите стравови. Живеам онака како што живее секој на кого никогаш не му се случило ништо особено лошо.


Раѓањето е чудо
(ревидирани дневнички извадоци, Бостон, 2005)

Бостон, 2005, лето. Една моја омилена македонска писателка Оливера Николова во еден свој расказ ќе напише: раѓањето е чудо. Овие зборови резонираат со срцевината на моето искуство. За мене и бременоста беше чудо. А раѓањето е нешто што надминува секаква необичност отаде секојдневното. Барем мене така ми се чини. Калина се роди во јули. Месецот на Ракот и месецот на мојата мајка. Една друга авторка, Јулија Кристева, напиша дека раѓањето ја отвора жената кон сопствената полиморфност (а бремената жена е најфин пример за преклопот, како плисе на сукња, помеѓу природното и културното) и истовремено отвора еден расцеп-тунел низ кој доаѓаме во подлабок контакт со сопствената мајка. Волшебен е тој момент на чудо, патувам низ расцепот нанапред кон своето чедо и наназад кон мајка ми. Отвореност и ранливост. Мајка ми долета во Бостон следниот ден.

Првата ноќ е единствената ноќ во која мислам дека сè е во ред. Во месеците што следуваат повремено се обидувам да ја вратам таа прва ноќ, да се вратиме сите во неа, да ја замрзнам нашата наивност, да ја донесам во сегашноста. Првите најтешки месеци ја користам запомнетата слика за таа прва ноќ како протеза, перцепција во која се вкотвувам, со која по потреба преминувам во друга полесна реалност. Таа прва ноќ ја замислувам како пат-виљушка што се двои во две насоки: нам ни ја доделија левата, другите мајки што ги познавав тргнаа по десната.

Сестрите во родилиштето во болницата во Бостон ни рекоа дека Кали е најслаткото бебе што се родило тоа деноноќие на катот; таа изјава му е посебно драга на Тато. Мене моето бебе ми личи на Е.Т. вонземјанче, векна леб. Не е баш таква каква што ја замислував, но веќе ја сакам и повеќе од тоа што можев да замислам. Првото утро забележавме дека Калина не може да цица; но добро, тоа не е толку необично; му прикачуваат мало цевче полно со вештачко млеко на прстот на Тато, а тој го пика прстот во минијатурното усте. Јас лежам покрај нив, во полузанес по царскиот рез. И уживам во глетката. Нешто итно ме лансира надвор од занесот. Во форма на брзи, но вкочанети фотографски кадри гледам дека Калина потемнува... „рез“... се престорува во модра слива... „рез“... се задушува... „рез“... сестрата ја грабнува од скутот на Тато и истрчува од собата, сосе Калина, сосе моето чедо, модрата слива... Многу часови во исчекување. Чекаме испразнети од себе, од секаква мисла. Најпосле пристигна докторката од Одделот за специјална нега и ни кажува дека ја откриле причината за задушувањето. Има дупче во грлото, недоразвиено ѝ е мекото непце, што значи дека храната од хранопроводот оди и во душникот. Добро! Нè тешат дека не е страшно, ова е една од најчестите вродени мани, само да нема и други, само да не е дел од посложен синдром. А за цицањето, исто така нема проблем – јас ќе пумпам со една голема електрична пумпа (здравственото осигурување покри поголем дел од трошокот), а Кали ќе пие од специјално шише, со издолжено грло, и нема да се задушува. Ќе се реши со операција на 10 месеци.

Кали има голема желба за спиење, малку повеќе од другите бебиња. Баба и ѝ ја пее „Низ двор трча бабичка“ и „Гале-мацо, кај си била...“. Ѝ се допаѓа.

Моето чедо не е во ред. Ѕемнам од чувството дека не е само мекото непце, дека е нешто повеќе. Различна е. Иако е мое прво чедо, знам дека е различна уште сега, од вториот ден во болницата. Ме учат како да пумпам; пумпата е мојата најнова најдобра другарка. Првите осум месеци од животот на Калина – Калина и пумпата – моите две придружнички во некаква поинаква женственост. Прво излегува колострумот, „кафено злато“, како што го нарекуваат сестрите, па млекото.

Калина спие на душек под агол од 40 степени. За да не се задуши. Кога повраќа да не влезе храна во душникот. Јас не спијам. Честопати спие врз мене, цела ноќ, додека јас седам во фотелја потпрена под истиот агол. Изигрувам сламено страшило во ливада. Постојано го демнам, како да го барам, да го пресретнам пред тоа да стаса до Кали, она од што најмногу се плашам: темна модра кожа, да не се задуши, да не ни умре... Неколку инциденти доаѓаат и поминуваат.

Тато ја гледа Кали во огледалото. Опсесивно, како научник. Кога и да помине покрај огледалото со Кали во рацете, застанува, посматра, се чуди и мурти. Главата ѝ е деформирана, вели. Да, се сложувам, лицето и черепот имаат форма на тродимензионален паралелограм, не на топка. Интересно и вознемирувачки, искривеноста во огледало се потенцира до толку како да станува збор за некаква перцептивна илузија – како некој да си поигрува со нас, чудовишно – зашто истовремено Калина е неодоливо мила, со очи маслинчиња, долги трепки и со длабок поглед, како мудрец во погрешно тело. А кога се мурти, мене ми личи на Мики Маус, со темниот триаголник што се спушта врз челото. На повторно задоволство на Тато, патронажната сестра ни рече дека Калина е најслаткото бебе во нејзиниот реон – нè тешат таквите изјави; како со тоа да ни кажала, „Ќе биде сè во ред, здрава е“. Пластичниот хирург во Детската болница во Бостон (кој по 10 месеци ќе го оперира непцето на Кали и за кого велат дека е еден од најдобрите во САД), процени дека деформацијата е банална. „Најверојатно била лошо поставена во утробата, ако спие на мека перница полна со оризови зрнца, ќе се исправи“. По месец дена, главчето се влошува. Тато го фотографира од сите агли, опсесивно испитува на интернет и открива дека вообичаено постојат две причини за деформација: баналната механичка смачканост и пострашната фузија на фонтанелите на черепот. Математичарот Тато разви геометриски шеми и забележа суптилни разлики во геометријата на кривините меѓу двете варијанти. Според неговото геометриско откритие, Калина, за жал, ја има втората варијанта во која некоја од фонтанелите сраснала. Со математичкиот аргумент го убедивме хирургот да направиме додатни тестови и снимања. Хирургот ни објасни дека, според типот на искривеноста, единствено задната лева фонтанела може да биде срасната, што теоретски е речиси невозможно, оти таа фонтанела статистички најретко сраснува, и никогаш кај девојчиња. „Веројатноста е помала од тоа да добиеш на лото во Америка“, ни вика. Камо да играв лото. Компјутерската томографија покажа сраснатост на долната фонтанела на левата страна на черепот. Дијагнозата е краниосиностоза. Тато доби несвестица. Нè упатија кај еден од најдобрите неврохирурзи во земјата, во истата болница. Ни велат „голема среќа е што Калина се роди во овој град“. И си мислам „На вистинското место, во вистинското време“. Неврохирургот ни дообјаснува: „Сраснатоста на оваа фонтанела никогаш не се открива олку рано, затоа што личи на обичното искривување што се средува само од себе. Честитки за откритието. И затоа имаме искуство со операции подоцна, околу 10-от месец на животот на бебето. Таа операција е агресивна – се прави засек од едното уво до другото (јас си мислам „првото венче на моето девојче“), се вади целиот череп, се крши и се враќа назад во правилна форма, слично на тродимензионален мозаик.“ Но, постои и помалку агресивна, но експериментална варијанта, што се изведува најдоцна до третиот месец.

Калина денес има точно 2 месеца. Среќен роденден! Значи за три недели може да се оперира и да се извади само мал дел од черепот и да се отвори затвореното. „Постојат два ризици“, ни вели неврохирургот: „мала е и во меѓувреме черепот може повторно да срасне и, сепак, да треба да ја правиме и операцијата-венче; исто така, оваа рана операција не е вообичаена. Направена 1-2 пати во САД (односно во светот); јас никогаш не сум ја извел“, ни вели. Постоперативно треба да носи шлемче за да се превенира сраснувањето. Ги измеривме ризиците и ја носиме одлуката: операција за три недели. Тешка одлука.

Нешто друго нè мачи. Педијатарот го мери обемот на главчето и изгледа загрижен. Бројката паѓа под првиот перцентил во табелата за нејзина возраст. Можеби е микроцефалија (мал череп поради мало и недоразвиено мозоче). Трикот е во чекањето, нè поучува, да видиме дали ќе надомести со растот. Читаме страшни значења на поимот „микроцефалија“. Живееме во матни денови.

Денот на првата операција е роденден на Кали; 12 октомври, денес слави точно 3 месеци. Ја носиме гладна, со празен желудник, според прописите. Гладното бебе вреска. Тато е замрзнат во стравот, па ми вика, „вози ти“. Јас возам во 5.30 наутро накај болницата; по патот на десната страна тече реката Чарлс, а на левата се протега универзитетскиот кампус на Харвард; наоколу студенти џогираат ентузијастично, а по реката се спуштаат спортски кајаци. Во болницата нè дочекуваат спремни; атмосферата е тегобна и сериозна, речиси свечена. Поминуваме уште неколку последни предоперативни испитувања, се случуваат мали компликации, но на крајот сè е во ред - „одиме“
.
Заедно со Тато и со баба чекаме со уште дваесетина други родители. Глинени маски во исчекување, додека децата ни ги отвораат (како цветови). Фаќам по некој разговор: „Да, на син ми му прават прва операција на отворено срце“;„Ах, на ќерка ми ѝ е дванаесетта, ние сме ветерани, си носиме и шпил карти, додека чекаме да ни мине времето“.

Ни јавија дека е завршена и однесена во постоперативната сала. Ме викнаа да влезам. Само јас. Гледам бебе во болки. Испушта глас сличен на новородено маче. На главата има оток, израсток како сината оперска дива од филмот „Петтиот елемент“. Екраните покажуваат големо варирање на кислородот и крвниот притисок. Индикаторите паѓаат повеќе од што се очекува. Сестрите ми викаат „фати ја, земи ја в раце и пеј ѝ, можеби тоа ќе помогне“. Не знам како да ја фатам, закачена за машините со десетици кабли, со голем оток... Ја земам некако, но ми се случува нешто што не ми се случило никогаш претходно во животот: немам глас, ја отворам устата да пеам, ама не излегува речиси ништо.

Ја префрлаат во Одделот за интензивна нега. Компликации и лудило од неколку дена. Сепак, на крајот си доаѓаме дома. Следните месеци Калина е со специјален шлем, кој успешно превенира затворање на фонтанелата. Операцијата беше успешна. На 10 месеци е втората операција. На сличен начин операцијата е успешна, но се јавуваат постоперативни компликации. Сепак, Кали не е веќе толку кревка, ги надминува побргу. На 11 месеци првпат без проблем седи сама и држи рамнотежа.

Заостанува во развојот. И со фината и со крупната моторика. Правиме секакви тестови: генетски, снимања на различни органски системи. Тестовите не покажуваат ништо, исклучивме различни синдроми.

По година и пол, во ноември 2006 година ја откриваме агенезата на корпус калосум (agenesis of corpus calosum), или ACC, како што си ја викаме на кусо. Мостот што ги поврзува десната и левата хемисфера не е развиен. Во јануари 2007 година дознавме и за другата структурална промена во мозокот: нодуларна хетеротопија. Некои од мозочните клетки уште на почетоците од развојот не се специјализирале и не мигрирале таму каде што треба.

Без разлика на сè ние сме на вистинското место во вистинското време, во Детската болница во Бостон, една од најдобрите во земјата. Добро сме вмрежени и чинам дека тоа е најважно – чувството дека сме силно поддржани во тешко време. Живееме во болницата – вселенски брод во градот; секогаш осветлен, со пациенти, посетители, членови на семејствата и вработени на кои дали е ден или ноќ не им прави разлика; дишеме со поинаков ритам; тоа што се случува надвор не нè допира, и не е така страшно. Што се однесува до медицинскиот дел и дијагнозите – го добивме најдоброто. И си велам: „сето ова се случува во сосема нов град за нас, без многу пријатели и познанства, но болницата ни стана сурогат-семејство“. Така треба да биде!

Во август 2007 година ја напуштаме Америка и се селиме во Кембриџ, Англија. Поточно, Тато останува таму, а Кали и јас привремено престојуваме во Македонија, кај баба и дедо. Почнува нова фаза.



(втор дел)

Слики: beatriz martin vidal

Промоцијата на книгата „Живот вреден за живеење“ на Мимоза Петревска Георгиева и Емилија Георгиевска Наневска ќе се случи на 6 ноември во 12.30 часот во клубот МКЦ. Книгата е збирка на 15 лични приказни на родители, сестри/браќа на деца и младинци со пречки во развојот.

Слични содржини

Активизам / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Графички Дизајн / Психологија / Живот

ОкоБоли главаВицФото