Музиката ги изразува емоциите што треба да се пренесат

01.09.2023 11:46
Музиката ги изразува емоциите што треба да се пренесат

Радамес отсекогаш сакаше музика. Конечно, има и на кого. Баба му беше музичарка, тато целиот живот и образование ги мина во музиката, мама му е музичарка.

Уште додека беше бебе, му пуштав секаква музика. Од детски песнички, преку лесен џез, до класика. Детските песни ги слушаше и се нишаше во ритам, џезот го смируваше, а на класика без исклучок танцуваше. А како само танцуваше!

Еднаш тоа ѝ го покажав на Тета Ана. Ја пуштив на музичкиот уред свитата од Оревокршачка на Чајковски и лицето на Радамес за миг блесна и тој почна да танцува...

Невозможно е тоа да се опише. Тоа не беше детско потскокнување во ритам.

Толку добро ја помнеше музиката, толку беше проникнат со неа, што во момент, точно на такт, импровизираше цели мали кореографии. Ќе се залеташе низ станот следејќи некој оркестрален форте, ќе се завртеше околу својата оска кога гудачите ќе ја преземеа делницата од дувачите, молскавично ќе ја испружеше раката и само со прстенцата ќе трепереше во воздухот кога некоја речиси нечујна флејта ќе ја изведеше својата колоратура. Толку слушаше баш сѐ што излегува од уредот, што и јас почнав некои работи во музиката да ги забележувам дури откако ја видов неговата кореографија која следи сѐ до детаљ.

Тета Ана ширум го отвори очите и без здив, со рацете покривајќи ја устата, го гледаше тоа. Вакво нешто немала видено, рече. Не вака.

И тогаш ѝ го изнесов моето размислување.

Музиката е најапстрактната уметност. Целосно е неопиплива и, иако е терминолошки можно, невозможно е да се опише како влијае на нас и на нашето расположение. Зошто... Но влијае! И тоа непогрешливо исто. На секого. Па и на оние кои страдаат од комуникациско нарушување. Со помош на музиката и тие потполно јасно комуницираат.

Музиката е илустрација на емоциите што треба да се пренесат. Тажно. Весело. Тоа се веќе две. Тоа се два збора. Со весело обично се поврзува и брзо. Со тажното, бавно. Тоа се четири збора. Така можеби би можел да му пријдам на Радамес. Можеби сѐ уште не би постигнал да зборува, но барем за почеток да разбира некои зборови.

Секако, музика, се согласи Тета Ана. Оттогаш често разговаравме за тоа дека би било добро Радамес да се вклучи во некоја група, да се запише на некој инструмент, во хор, на танц... Но никаде не примаа деца помали од пет години, а не, пак, деца со развојни проблеми.

А потоа Радамес беше исфрлен од државната градинка, па Тета Ана ѝ се јави на Тета Валерија, Радамес е примен во нејзината градинка, а таму... музикотерапија!

Нема да помине многу време, а веќе секаде наоколу радосно ќе зборувам дека оној ден кога Радамес е исфрлен од државната градинка е еден од најсреќните денови во мојот живот...

Логопед во градинката, воедно и музикотерапевт, е Тета Ивана. Ми беше позната кога првпат ја видов. Сум работел ли некогаш во музичко училиште, ме праша.

Многу одамна, односно, во времето на моето прво вработување во музичкото училиште, кларинетот што го предавав не беше баш популарен инструмент. Така, часовите ги дополнував со тоа што го водев училишниот хор. Меѓу постарите ученички се истакнуваше извесна Ивана. Сигурна, точна, одговорна. Ја немав долго во наставата зашто беше при крајот на својот основношколски музички циклус. Со премин во средното музичко училиште ја промени и локацијата на образованието. Но, ете, некои дваесет години подоцна, се сретнавме повторно. Овој пат требаше да ги следиме нејзините инструкции и да ја почитуваме нејзината стручност.

Сега дорасна во Тета Ивана.

Музикотерапијата е нешто многу забавно. Не се сеќавам веќе, ама речиси е патент на Тета Валерија. Барем на начинот на кој се спроведува во нејзината градинка. Тета Валерија накупувала секакви ударалки, ѕвонци, шушкалки, кастањети, чинели... Но сите вистински, професионални инструменти. Ништо пластично. Звукот мора да биде точен. Мора да биде квалитетен, велеше таа.

Со својот стручен тим Тети ќе направеше проценка на децата и на секое индивидуално ќе му составеше мала програма од дваесетина едноставни игри со тој инструментариум што треба да го совлада.

Така, посредно преку музика, децата учат да комуницираат, а воедно и го збогатуваат речникот со опис на дејства и играчки, односно, на инструментите со кои владеат.

И сега повторно доаѓаме до едно од фамозните Радемесови но...

Радамес, покрај сѐ друго, има и две особини кои многу ја отежнуваат работата со него. Многу кратко внимание и тврдоглавост. Ако некоја задача од почеток не му е јасна, а со повеќето е така, моментално ќе ја напушти зададената активност и никако не сака да ѝ се врати. На какво било барање да издржи во активноста, одговараше со врескање, туркање со нозе, фрлање... Секако, во миговите кога имав надеж и ентузијазам за можностите за негова рехабилитација, неизоставно ќе ме потсетеше дека нема, ниту ќе има едноставни решенија.

Зашто, дури и кога станува збор за некоја активност – како што се тие вежби и игри од музикотерапијата – приспособена токму на деца со посебни потреби, насоките на терапијата не се однесуваа на него. Неговиот отпор секогаш беше поголем отколку кај останатите деца. Нему повторно му требаше посебно приспособување.

Ја замолив Тета Валерија да ми дозволи да се обидам јас да го придобијам за соработка на Музика Медика. Сепак сум му тато, мене поскоро ќе ме послуша отколку која било од Тетите.

И секое утро кога ќе го донесев во градинка, прво ќе се упатевме во собичката каде што се одржуваше тој вид терапија. Првата недела се занимававме само со тоа да се согласи да ги стави слушалките на ушите. Сето тоа беше проследено со вресок, отпор, фрлање на под... Сѐ што беше барем малку ново во животот на Радамес за него беше недобредојдено. Но јас веќе успеав да отрпнам на тоа, во склад со оној препорачан родителски фашизам. Неговите одбивања веќе ни најмалку не ги уважував. Тогаш почнав да го планирам времето во минути. Минута по минута. Денес слушалките ги држиме на главата една минута подолго отколку вчера и јас сум задоволен. Денес ќе врескаме една минута пократко и јас сум уште позадоволен.

Се разбира, кога дојдовме до тоа Радамес без отпор да се согласува на слушалките, преку нив конечно му пуштив музика – и, а што друго, наидов на отпор. Преплашено ги извади слушалките од главата штом се појави звукот.

И повторно, минута по минута. Со дневен ритам. некогаш ни минута. Некогаш без врескање. И така месец по месец: април, мај, јуни, јули. И успеа.

Тета Валерија му имаше составено петнаесетминутна програма со музика предвидена за слушање во текот на терапијата. Сепак, ми дозволи да изменам некои работи; имено, сакав да го придобијам со музика што ја познава. Која ја сака. Штом веќе ја менувам програмата, ми предложи нешто:

Пуштајте му ја баба му – рече. – Гените се барем триесет отсто. Некаде длабоко во него постои информација, некаде во длабочината на битието тој ќе го препознае гласот на баба му.

Април, мај, јуни, јули...

Колку и да изгледаше можеби пребавно и предолго, сега со големо уживање гледам назад на тоа време на неговото приспособување и на таа терапија. Во почетокот не сакаше ни да ги стави слушалките на глава, немаше ни збор за тоа да седне мирно на масата. А потоа, минута по минута...

Во вакви периоди се чувствував речиси привилегирано зашто во таа голема концентрација на Радамес, колку и да беше исцрпувачка, ништо не пропуштав. Мора да научам да предвидувам, речиси да претчувствувам, морав да бидам целосно насочен кон секоја негова реакција, да научам на што пружа отпор, а што навистина не му одговара. На што сепак – како-така – реагира, и потоа тоа да го потенцирам како канал.

Ништо не ми бегаше, ништо не можеше да се случи изненадно, зашто зад секое ново знаење, зад секоја вештина, стоеше цела приказна. Некогаш смешна, некогаш болна, но секој детаљ од односот на мојот син со неговата околина, со мене, конечно, беше пребогат со своја мала историја.

Во својата свесност за сѐ, во својата будност, најдраго ми беше да ги набљудувам процесите. Некогаш инстинктивно ќе намирисав што е добро за Радамес и колку и да беше на сила, ќе го насочев и тогаш уживав во постепеното потврдување на моите претпоставки. Така беше и со Музика Медика.

Започна со целосен отпор, па продолжи со неволност да седи мирно. Следуваше неискрено согласување на изложеност на музика. Па толерирање на музиката со прашален поглед кога смее да ги тргне слушалките од главата. Па обрнување внимание на музиката која од слушалките му влегува во ушите. Па мирно седење. Потоа бавно, длабоко дишење. Па – колку прекрасен стана тој негов поглед – внимателно слушање. Па весело препознавање на очекуваната музика.

И конечно, мојот Радамес седеше на малото столче во градинката, удобно потпрен, шеретски ја префрлил едната нога преку другата, во рачињата ги држеше оние вибраторчиња и ги потпираше на образите, гледаше некаде далеку и со блага насмевка мирно и опуштено ја слушаше познатата и драга музика. И нежно се нишкаше во склад со мелодиските линии... И тоа цели петнаесет минути. Онака како што беше и предвидено.

Каква победа!

Извор: Далибор Талајиќ - „Мост над бурната река“ (Темплум, 2023)

Слики: Óscar Sanmartin Vargas

Слични содржини

Фотографија / Книжевност / Око
Книжевност / Психологија / Живот
Фотографија / Книжевност / Настан
Книжевност
Книжевност / Настан
Активизам / Свет / Музика

ОкоБоли главаВицФото