Натрапниците во вашиот мозок

12.04.2024 01:05
Натрапниците во вашиот мозок

Со нашето здравје во голема мера владее микробиомот, огромна заедница микроорганизми кои живеат во и на нашето тело, а најмногу во гастроинтестиналниот тракт.

Широк спектар фактори зависат од видовите микроорганизми кои го населуваат и доминираат во нашето тело, како на пример дали ќе се разболиме од одредени болести, дали телото ќе има доволно хранливи материи, па дури и какво ќе биде нашето расположение.

Дали е така и со мозокот? Дали за здрав мозок е неопходен здрав микробиом на мозокот, како што е случајот со цревата?

Новите сведоштва за микроорганизмите во мозокот дадоа нов правец и надеж во повеќедецениската потрага по причината за една од најтешките болести на модерниот човек, како за пациентот така и за неговото опкружување - Алцхајмеровата болест. Во 2021 година во светот околу 55 милиони луѓе боледувале од некаков облик на деменција, а како што расте стапката, се очекува во 2050 година со оваа болест да живеат повеќе од 150 милиони луѓе - повеќето од нив во држави со ниски и средни приходи.

Но, за каков микробиом на мозокот станува збор? Зарем мозокот нема специјализирана бариера чија улога е токму да ги држи токсините и патогените подалеку од мозкот, штитејќи го најважниот орган во телото?

Повеќедецениската потрага по причината за Алцхајмеровата болест - најчест облик на деменција - веќе со години кружи околу инфекциите предизвикани од вируси и бактерии, од кои исто така страдаат многу пациенти со Алцхајмерова болест. Добро е позната силната врска помеѓу деменцијата и болеста на непцата која ја предизвикува бактеријата Porphiromonas gingivalis, како и врската помеѓу деменцијата и вирусот Herpes simplex. Како причина за деменција потврдена е и габата Cryptococcus neoformans пронајдена во цереброспиналната течност на заболените.

Се покажува дека одредени инфекции, предизвикани од различни микроорганизми, го зголемуваат ризикот од некаков облик на деменција. Од друга страна, случаи со излекување на таквите инфекции кои последично довеле и до излекување на деменцијата, документирани се во бројни истражувања изминативе децении. Тие привлекуваат големо внимание во медицината, во која сè почесто се споменува терминот „микробиом на мозокот“.

На пример, габата Candida albicans природно ги населува цревата кај повеќето луѓе. Иако се смета за патоген, Candida albicans вообичаено не му прави проблеми на домаќинот зашто нејзината бројност ја држат под контрола корисните бактерии. Меѓутоа, кај лицата со компромитиран имунитет, особено на пример кај лицата со ХИВ, пациентите на хемотерапија или на долготрајно лекување со антибиотици, Candida albicans може значително да се размножи и да почне да создава сериозни здравствени проблеми во цревата. Исто така може прекумерно да се појавува и на други места - како на пример на јазикот или гениталиите.

Еден од поновите научни трудови кој, наместо на поединечни микроорганизми како потенцијални причини за деменција, се фокусирал на хипотезата за бактерискиот микробиом на мозокот („Evidence supportive of a bacterial component in the etiology for Alzheimer’s disease and for a temporal-spatial development of a pathogenic microbiome in the brain“, Frontiers in Cellular and Infection Microbiology , 2023) ги профилирал бактериските заедници присутни во мозокот на починатите лица кои имале Алцхајмерова болест. Резултатите - класифицирање пет типови микробиоми на мозокот - биле конзистентни со тезата за пропусноста на крвно-мозочната бариера која, сепак, дозволува бактериите, вирусите, габите или други патогени да навлезат во мозокот. Исто така покажале дека доминацијата на одредени патогени е поврзана со Алцхајмеровата болест.

Друго истражување од 2019 година потврди дека веќе споменатата габа Candida albicans може да дојде дури и во мозокот - таа успева да ја помине крвно-мозочната бариера и да предизвика воспалителен процес во мозокот кој резултира со оштетување на памтењето.

Всушност, како што за New Scientist објаснува Ејми Паркер од Институтот Квадрам од Велика Британија, глувците со ослабен микробиом на цревата почесто имаат Candida albicans во мозокот. Кога ќе стигне до крвно-мозочната бариера, Кандидата може да создава хемикалии кои ја олабавуваат мембраната на бариерата, што ѝ овозможува да продре во нервното ткиво. Таму имуните клетки од мозкот се борат против габите создавајќи супстанца наречена амилоид бета. Акумулирањето на амилоид бетата е поврзано со мозочната плоча која типично се наоѓа кај заболените со Алцхајмерова болест, појаснува Паркер.

Ричард Лејт од Универзитетот во Единбург кој правел слично истражување на мозоци заболени од Алцхајмерова болест наведува дека микробиомот на мозокот содржи околу 100 000 видови микроорганизми, што е околу една петина од микробиомот на цревата. Меѓу нив доминираат околу 1 000 основни видови кои сочинуваат 90 проценти од популацијата, додека останатите се мошне ретки.

Очигледното постоење заедници микроорганизми во мозокот сè уште не ја потврдува ни разјаснува нивната поврзаност со деменцијата, но навистина е револуционерна трага која вреди да се следи. Откритието е толку неочекувано што дава надеж дека деменцијата еден ден би можела да се излекува или барем да стане контролирана болест.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Johnson Tsang

Извор: https://naukakrozprice.rs/

ОкоБоли главаВицФото