1021 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 02:59
Игнац Семелвајс
Пред лекарите да откријат како се шират микробите на заразите, се сметало дека болестите ги предизвикува загадениот воздух кој бил нарекуван мијазма. Овој збор со грчко потекло означувал загадување кое е последица на гниење. Мијазмата, како што сметале учените луѓе до пред крајот на 19 век, како отровно испарување содржела колера, хламидија, чума и други заразни болести кои со векови ги коселе луѓето. Се сметало дека самата болест не можела да се пренесува од човек на човек, туку од болниот доаѓала до воздухот, создавајќи мијазма, пред која и лекарите биле немоќни. Умееле да ја препознаат само некогаш по лошиот мирис.
Со оглед на таквиот поглед на болестите, не е ни чудо што лекарите во новоотворените болници во 19 век не се грижеле многу за хигиената - мијазмата не се пренесувала преку допир туку се вдишувала, а лекарите работеле во валкани мантили и со неизмиени раце.
„Процутот на болниците во најголема опасност ги довел жените, зашто опасноста по здравјето и животот при породување наместо да опадне, се зголемила. Околу 1840 година во болниците умирале дури и до 32 проценти од родилките. Лекарите, во тоа време исклучиво мажи, вината за умирањето ја припишувале на сѐ и сешто, од емоционална траума до нечистотија во цреват“, пишува Алана Колин во книгата „10 проценти човек“.
Младиот унгарски акушер Игнац Семелвајс во тоа време работел во Виенската општа болница, а родилките наизменично биле примани на две одделенија - едното, пишува Колин, го воделе лекари, а другото бабици.
„Доаѓајќи на работа Семелвајс секој втор ден гледал како жените се породуваат на улица пред болничката врата. Тоа биле денови кога во болницата се паѓал редот на лекарите за да примаат родилки. Жените знаеле дека шансите да го преживеат породувањето не им биле големи ако не успеат да се стрпат до утредента. Породилната грозница, која била причина за смрт на повеќето родилки, демнела на одделението кое го воделе лекарите. Затоа жените чекале, со болки, на студено, со надеж дека бебето ќе почека со доаѓањето на свет додека не дојде полноќ. Ако ги примеле кај бабиците, биле релативно значително побезбедни. Со негата на бабиците умирале два до осум проценти родилки - многу помалку отколку со грижата на лекарите“.
Семелвајс - подоцна познат како „спасител на мајките“ и пионер на антисептичките процедури во болниците - почнал да трага по причините за толкавата смртност на одделението на лекарите. Кога некој негов колега за време на аутопсиите се пресекол со скалпел, а потоа заболел и умрел со дијагноза „породилна грозница“, Семелвајс конечно ја сфатил главната разлика помеѓу двете одделенија за породување. Имено, лекарите на паузите помеѓу породувањата времето го поминувале во мртовечницата каде обучувале студенти, а потоа се враќале да пораѓаат жени. Така ја пренесувале смртта од мртовечницата во породилната сала.
Марко Теренсио Варон
Семелвајс на колегите кои се враќале од мртовечницата во породилиштето им предложил да ги мијат рацете со хлорна вар - за еден месец стапката на смртност на родилките опаднала толку што се изедначила со онаа на одделението на бабиците. Но, заклучоците на Семелвајс за кои тој немал некое посебно научно објаснување (но знаел дека имаат ефект) ги одбила медицинската заедница - ако ги прифателе тоа ќе значело дека лекарите впрочем сејат смрт. Освен тоа, наметнувањето да се мијат рацете звучело навредливо.
Меѓутоа, постоењето микроорганизми не било непознато во тоа време. И покрај тоа, нивното постоење е потврдено век и половина претходно, но уште од 5 век п.н.е се шпекулирало за нивното постоење. Махавира, учител, мудрец и предводник на индиската религија џаинизам, зборувал за постоење ситни организми наречени нигоди кои живеат насекаде, но многу кратко. Нигодите постојано ги уништуваат луѓето додека јадат, дишат, седат, се движат...
Марко Теренсио Варон, еден од најобразованите Римјани, надзорник на првата јавна библиотека во Рим, во 1 век п.н.е, во една од 600-те книги чиј автор бил, напишал дека болестите ги пренесуваат невидливи организми и дека е нездраво да се живее во близина на мочуриштата зашто во нив живеат овие „минијатурни суштества... кои лебдат во воздухот и влегуваат во телото преку устата и носот и предизвикуваат сериозни болести“.
Персискиот филозоф Авицена (Ибн Сина) во своето дело „Канон на Медицината“ на почетокот на 11 век пишувал за заразните болести како што е туберкулозата, а кон половината на 16 век италијанскиот лекар Џироламо Фракасторо тврдел дека болестите се пренесуваат преку невидливи сенки, дури и без контакт и на оддалеченост. Најпосле, во 1673 година, Холанѓанецот Антони ван Левенхук - денес познат како татко на микробиологијата - открил, набљудувал и се занимавал со микроорганизми во научни експерименти со микроскоп. Роберт Хук приближно во исто време набљудувал микроби под микроскоп.
Но, и покрај веќе познатото знаење, врската помеѓу микробите и болестите во 19 век не можела ни да се претпостави. Акушерот Семелвајс бил многу напаѓан заради сугестиите дека валканите раце на лекарите ги убиваат пациентите, дека наводно доживеал тежок нервен слом, па колегите го сместиле во душевна болница. Таму го претепале стражарите, а една од повредите на рацете толку се инфицирала што две недели подоцна умрел од сепса на 47 години.
Само неколку години подоцна Луј Пастер ја објавил својата теорија дека болеста се пренесува преку клици - со тоа конечно било дадено научно објаснување за тврдењето на Семелвајс за валканите раце. Идејата за мијазмата конечно била напуштена, а во болниците почнале да се воведуваат хигиенски мерки.
Извор: http://naukakrozprice.rs