Дали ве боли ноцебото?

08.03.2024 01:52
Дали ве боли ноцебото?

Сте седнале да ги „гуглате“ своите симптоми и одеднаш го чувствувате секој можен симптом за кој сте дознале. Ве фаќа паника, ве облева студена пот. Дали вашиот мозок може да ве измами да почувствувате болка која не постои? Сигурно сте слушнале за ефектот плацебо, подобрување на симптомите заради очекување позитивен исход. Но, дали се случува и спротивен ефект ако имаме негативни очекувања? Овој феномен постои, а познат е и како ефект ноцебо.

Господинот А, 26-годишен маж кој страда од депресија, волонтирал во испитување на дејството на нови антидепресиви. По кавга со својата девојка, во состојба на конфузија, итно заминал во болница и пријавил дека испил 29 капсули одеднаш. Мислејќи дека се предозирал, бил исплашен дека нема да преживее – бил во состојба на сериозна хипотензија и измерен пулс од 110 отчукувања во минута. Откако пристигнале лекарите било утврдено дека капсулите всушност не биле антидепресиви, туку плацебо – тој испил капсули кои содржеле само обичен шеќер. Откако ја добил информацијата дека всушност бил во контролната група и не било можно да се предозира, почувствувал огромно олеснување, крвниот притисок се вратил во нормала, а пулсот се намалил на 80 отчукувања во минута.

Како моќта на мислите и сугестијата влијаеле тој речиси да ја изгуби свеста? Дали само негативните очекувања биле доволни мозокот да го убеди дека ќе му биде лошо? Вакви случаи имало многу ширум светот, пациентите искусиле поголеми негативни ефекти доколку биле загрижени, односно доколку очекувале несакани ефекти и негативни резултати од терапијата. Негативните уверувања довеле до значително влошување на симптомите, побавно закрепнување, па дури и појава на болки.

Имено, во едно истражување група пациенти на кои им било соопштено дека инјекцијата со епидурален аналгетик предизвикува чувство слично на убод од пчека, пријавиле поголем степен на болка во споредба со групата пациенти на кои им било соопштено дека ќе почувствуваат само благо трпнење. Исто така, информацијата дека примената на силен аналгетик е започната или прекината, довела до намалување/зголемување на чувството за дејството на инјекцијата кај испитаниците, иако аналгетикот бил применуван континуирано.

Иако со сигурност сè уште не се знае зошто се појавува ноцебо ефектот, познато е дека негативните очекувања имаат многу посилно влијание на нас отколку позитивното размислување – нашиот мозок е програмиран така што е во состојба на будност и постојано ги „скенира“ сите можни опасности по нашиот организам. Да речеме дека сте добиле рецепт за некој лек, замислете како би ви влијаело предупредувањето од лекарот: „Еден од пет испитаници искусиле несакани ефекти“, за разлика од: „Четири од пет испитаници не искусиле несакани ефекти“. Доколку очекуваме лоши исходи, голема е веројатноста дека тоа и ќе го искусиме – нашиот мозок прави сè за да нè заштити од потенцијална штета.

Покрај комуникацијата на лекарите со пациентите, меѓусебната комуникација и искуствата на пациентите со несаканите ефекти исто така паѓаат под велот на ноцебо ефектот. Во 2013 година во британските медиуми се појави вест за појава на болка во мускулите како нуспојава на статин, лек за намалување на холестеролот во крвта. Откако веста се прошири масовно, проценето е дека повеќе од 200 000 пациенти престанале со терапијата. Подоцна се покажа дека овие пациенти веројатно искусиле ноцебо ефект, зашто по повторната терапија немале негативни искуства. Престанокот на терапијата заради ваквите „лажни“ нуспојави доведе голем број луѓе во ризик од појава на кардиоваскуларни болести кои можеле да бидат спречени.

Се покажа дека дури и цената или изгледот на производот влијаат на нашата перцепција. Во една студија, 49 испитаници пробале нова крема против иритација на кожата. Првата група ја добила кремата во сини кутивчиња, специфично дизајнирани така што ќе изгледаат атрактивно, слично на останатите луксузни брендови кои постојат на пазарот. Од друга страна, другата група испитаници добиле крема во обично, портокалово кутивче. На испитаниците им било кажано дека како нуспојава може да се јави зголемена чувствителност на болка. Иако составот на кремата не се разликувал, испитаниците од првата група пријавиле речиси двапати поинтензивно чувство на болка во однос на другата група. Заради само привидно поголемата содржина на активните компоненти, кремата со „поскап“ изглед предизвикала поголем страв од појава на несакани ефекти во однос на онаа со „поевтин“ изглед.

Ноцебо ефектот најмногу е застапен во клиничката пракса, но често е занемарен. Во клиничката пракса може погрешно да се опише како несакан ефект од терапија и на тој начин да се попречува процесот на опоравување на пациентот, да доведе до влошување на симптомите, да ги направи терапевтските интервенции поболни и да ја намали ефикасноста на клиничкото лекување или испитување. Токму затоа е мошне важно да се посвети внимание на начинот на кој им се соопштува дијагнозата на пациентите како и на начинот за нивно информирање за нуспојавите од некој лек. Мозокот може да нè лаже, затоа внимавајте дали размислувате или замислувате.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pep Carrio

Извор: https://naukakrozprice.rs/