1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
Минатиот месец една од најпопуларните нелегални дроги доби уште една важна потврда дека е едeн од најефикасните лекови против тешки ментални нарушувања од кои страдаат повеќе од 290 милиони луѓе, од кои диспропорционално многу токму во Хрватска. Тоа е резултат на четиридецениската борба помеѓу експертите и регулаторите за соединението кое преку ноќ, од погрешни причини, беше прогласено за опасна супстанција без никаква медицинска корист. Станува збор за приказна за политичарите кои профитираат од стравовите и лекот што ги отстранува, која започнува кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век.
Дејството се одвива во куќичка во шумата на приватен имот надвор од градот Лафајет, Калифорнија. Средовечен маж и неговата сопруга ги почестиле своите пријатели со несекојдневно задоволство. Расположението им се подобрило, пулсот им се забрзал, низ собата почнале да се шират љубов и разбирање, додека претходно, главно непознатата супстанца значително ја менувала нивната психичка состојба во следните неколку часа. Човекот се викал Александар Шулгин, а супстанцијата ја произведувал во својата лабораторија во шупа до куќата, каде што го поминувал поголемиот дел од своето време. Таму правел психоактивни соединенија и го истражувал нивното влијание врз човечката психа. Себеси си служел како заморче - почнувал со мали дози, а потоа постепено ги зголемувал додека не доживеал промени во свеста и расположението. Внимателно ги документирал сите ефекти. Соединенијата кои имале интересен или пријатен ефект ги споделувал својата сопруга. Но оние навистина интересните или ветувачките ги споделувал и со пријателите.
Шулгин го имал овој луксуз зашто имал лиценца од американската ДЕА (агенција за сузбивање дроги во рамки на Министерството за правда) за синтеза на нелегални хемикалии, кои ги добил во замена за стручно советување на агенцијата во судските постапки кои се однесуваат на наркотици. Шулгин е доктор по биохемија, кој исто така се занимавал со психијатриски и фармаколошки истражувања, а за Dow Chemical го разви првиот биоразградлив пестицид, кој на компанијата ѝ донесе толку многу профит што му дадоа одврзани раце да развива што сака. По искуството со мескалинот, кој беше популарен во интелектуалните кругови во Калифорнија во педесеттите, сакал да развива психоактивни супстанции.
„Сфатив дека целиот наш универзум е содржан во умот и духот. Можеме да избереме да не пристапиме до него, можеме да го негираме неговото постоење, но тој е таму, во нас, и има хемикалии кои можат да ја катализираат неговата достапност“, верува Шулгин. Супстанцијата што ја споделил со пријателите во доцните седумдесетти имала хемиско име 3,4-метилендиоксиметамфетамин, дериват на фенитиламинот, на кој децении подоцна Шулгин и неговата сопруга Ен ќе ја посветат својата книга PiHKAL (кратенка за „Фенитиламините што ги запознав и засакав“). Денес оваа супстанца е многу попозната како МДМА, а „забавувачите“ ја знаат под името „екстази“.
Шулгин не бил првиот што произвел MDMA, супстанцијата била произведена уште во 1914 година од германскиот Мерк, барајќи посредник за употреба во производството на лек за згрутчување на крвта за да го заобиколи патентот на Баер кој користел друго меѓусоединение. Соединението останало патентирано и главно неискористено до крајот на 1950-тите, кога хемичарот од Мерк Волфганг Фрухсторфер почнал да го испитува како дел од неговата потрага по нови стимуланси. Потоа бил тестиран на животни, но нема докази дека е тестиран на луѓе.
Кога Шулгин пробал MDMA, забележал дека тоа е соединение што може да ги подобри комуникацијата и емоционалната интроспекција и заклучил дека е супстанца која може да има ветувачка примена во психотерапијата. Преку неговиот круг на пријатели, главно високообразовани интелектуалци, тогаш сè уште легалната супстанција почнала да се користи за терапевтски цели, а психотерапевтите кои им ја давале на своите пациенти забележале дека е многу корисна. МДМА почнале да ја користат илјадници психотерапевти во нивните практики. Ја олеснувала комуникацијата помеѓу пациентите и терапевтите, а исто така ги отстранувала и стравовите и срамот што ги спречувале луѓето да се соочат со сопствените проблеми.
Терапевтите вообичаено ја минимизирале својата улога и го воделе пациентот кон самоспознавање кое произлегувало од емпатијата предизвикана од соединението. Долга е листата на проблеми кои наводно успешно се решаваат со помош на МДМА: депресија, зависности, аутизам, проблеми во врската, предменструален синдром... МДМА почна редовно да се користи во терапијата за парови во западниот дел на САД, под името „емпатија“. Иако психијатрите се обидоа да ги скријат деталите за ова соединение од јавноста за да не дојде под будното око на регулаторите, до средината на осумдесеттите, МДМА се вкорени како една од најпопуларните супстанции на забавите со електронска музика, која за корисниците, во комбинација со танцување и физички допири, го зголемува чувството на еуфорија, љубов и поврзаност.
Во мај 1985 година, ДЕА во мандатот на претседателот Роналд Реган, чија платформа беше војната против дрогата, ја прогласи MDMA за забранета супстанција од категорија 1. Така, MDMA беше ставена во иста група како, на пример, хероинот и кокаинот. Одлуката беше донесена во пресрет на кампањата на првата дама Ненси Реган „Само кажи не“, а беше оправдана со широката употреба на супстанцијата и докази дека таа е невротоксична. Шефот на ДЕА, Џон К. Лоун ги отфрли приговорите на психијатрите кои тврдеа дека соединението било користено за психотерапија со позитивни резултати во повеќе од 200 случаи. Тие побараа да се стави во третата категорија - контролирани супстанции со корисен медицински ефект - што ќе ја направи достапна за лекување и научно истражување, но ДЕА ја смести меѓу високоопасните соединенија, без никаква легитимна медицинска употреба.
Соединението, сега како нелегална дрога, продолжија да го користат посетителите на концертите и фестивалите за електронска музика, но за психијатрите кои соединението го сметаа како помош при низа чести проблеми, започна долга битка за враќање во легалноста. Предводник на таа битка беше Рик Доблин, психолог и пријател на Шулгин, кој во 1986 година го основаше Мултидисциплинарното здружение за истражување психоделици (MAPS), непрофитна организација фокусирана на спроведување и промовирање научни истражувања за медицинска употреба на психоактивни супстанции. MAPS финансираше и спроведе едукација и истражување за придобивките и ризиците од супстанциите кои моментално се нелегални и одигра клучна улога во легализацијата на медицинската марихуана. Текот на истражувањата за лекување посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) почна да ја пробива регулаторната бариера поврзана со МДМА, во кои МДМА покажа потенцијално запрепастувачка ефикасност во терапевтско опкружување.
Прелиминарните истражувања ги наведоа регулаторите во САД да одобрат студија од Втора фаза на 90 пациенти, која беше завршена во 2021 година и чии резултати беа објавени во списанието „Nature Medicine“. Две третини од пациентите кои примале MDMA во рамки на психотерапијата повеќе немале симптоми на ПТСН по три третмани. Одобрена е и значително поголема и пообемна студија од Трета фаза, а МДМА доби статус на потенцијално пресвртен лек. Во најновата студија, објавена во септември годинава, дури 71,2 проценти од пациентите по терапијата повеќе немале симптоми кои би довеле до дијагноза на ПТСН. Не се пријавени сериозни несакани ефекти од ова соединение.
За шефицата на истражувањето Џенифер Мичел ова е последниот доказ дека на психоделиците местото им е во лекувањето на менталните болести. „MDMA може да ви овозможи да обработите длабока траума така што ќе ви овозможи да ги трансформирате сеќавањата поврзани со стравовите во делот од мозокот наречен амигдала на начин на кој не се повлекувате или одвојувате заради срам или страв, туку наместо тоа ќе ви помогне да ја прифатите и излекувате“, рече таа во соопштението по повод истражувањето.
Ејми Емерсон, денешната шефица на MAPS, здружението кое го финансираше ова истражување, се надева дека неговите резултати наскоро ќе доведат до одобрување од американската Администрација за храна и лекови (ФДА). Барањето ќе биде испратено наскоро, а одобрението би можело да пристигне до крајот на 2024 година. Ако тоа се случи, тоа ќе биде првиот психоделик кој официјално станал лек. МАПС верува дека нема да биде последен.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Owen Gent
Извор: https://www.portalnovosti.com/