Бионичкиот живот

14.01.2017 11:07
Бионичкиот живот

Засега не е сосема јасно дали сè поголемите можности за манипулирање и управување со генетиката еден ден ќе придонесат повторно да се појават неандерталци, но јасно е дека тоа би можело да значи крај за хомо сапиенсот, барем онаков каков што го познаваме. Постои уште една технологија која исто така ги менува законите на животот. Тоа е инженерството кое создава киборзи – битија чија физичка градба на телото ја сочинуваат органски и неоргански делови. Овие последните доаѓаат од работилниците за производство на сложени и скапи механички и електронски направи. Изразот киборг е изведен од комбинацијата електрика и организам.

Напредокот на технологијата придонесе за појава на сè поголем број луѓе со бионички раце и други бионички делови од телото, механички системи кои функционираат како да се биолошки, односно живи. Оттука и називот бионика. Сите ние во одредена мера може да се сметаме за киборзи или бионички луѓе зашто сопствените сетила и некои делови од телото сме ги замениле или подобриле со направи како што се очилата, апаратите за слух, пејсмејкерите, вештачките зглобови, стентовите, а во поново време со компјутерите и мобилните телефони од кои не се одвојуваме.

Забрзаната појава и подемот на новите технологии наменети за замена на оштетените делови од телото, заради кои се манифестираат физичката и економската инвалидност, почна пред дваесетина години, а заради својата спектакуларност и фантазија потестува на научната фантастика.

Командите од мозокот

Од неодамна неизбежен е и медиумски експлоатираниот случај на Американецот Џес Саливен, електричар од малиот град Дејтон, кој 2001 година останал без двете раце зашто со нив случајно допрел „жив“ електричен кабел, под напон од 7 200 волти (толку висок напон обезбедува доволно енергија за потребите на населбите со околу 10 000 жители). Неговите речиси сосема изгорени раце, веднаш биле ампутирани до рамениците во блиската болница, а тој бил во кома следниот месец.

По излегувањето од кома научил како се користи конвенционалната протеза, но лекарите од Институтот за рехабилитација во Чикаго го ставиле во тековната истражувачка програма за користење раце од робот. За среќа, уште во текот на ампутацијата, хирурзите од двете страни идентификувале по четири делови главни нерви на раката. Тоа било од голема помош за реализација на планот според кој роботизираните раце наменети за Саливен, се однесувале според командите што доаѓаат од мозокот. За време на втората операција и подготовката на теренот за монтажа на двете роботизирани раце, претходно идентификуваните нерви од двете страни биле наместени во градните мускули. Се очекувало дека ќе пуштат млади нерви кои подоцна ќе продрат до мускулните влакна. По три години тоа и се случило.

Џес Саливен и Клаудија Мичел

Потоа, со многу поедноставна хируршка интервенција во градните мускули биле вметнати електроди, а потоа под кожата биле спроведени до страничните површини на рамениците каде било предвидено поврзување со компјутер, сместен во горниот дел од секоја роботизирана рака. Секоја рака е полна со 6 000 сензори. Со нив има по три електромотори кои ги придвижуваат зглобовите. На тој начин е создадена физичка врска на мозокот со придвижувачите на рацете за чие користење на Саливен му бил потребен повеќемесечен тренинг.

Моментот на вистината настапил по поврзувањето на електродите со компјутер и монтирањето и прицврстувањето на двете раменици. Кога Саливен ќе посака да ја крене раката, импулсите од мозокот ќе тргнат надолу и со помош на претходно изолираните нерви ќе дојдат до мускулите. Мускулите на градите реагираат со умерени но доволно интензивни вибрации за електродите во мускулите да ги регистрираат и да ги пренесат до компјутерот. Сè што се случува понатаму е интересно, но станува збор за механика која не би функционирала доколку претходно не е извршена сложена хируршка и програмерска работа.

Службените раце

Смислата на потфатот е што секој импулс на дел од мозокот задолжен за движење на рацете има посебен квалитет што се изразува преку интензитетот на реакцијата на градните мускули. Компјутерите го препознаваат тоа и активираат само некои од илјадниците сензори во секоја роботизирана рака. Џес Саливен со леснотија и без никакви напори крева шолја кафе од маса, а тврди дека го воодушевува својот внук кршејќи ореви со своите бионички прсти. По втората фаза клинички проверки, Саливен ја контролирал силата на своите дланки фаќајќи разни предмети и веќе се движел на природен начин. Додуша, се жали дека и после толку години тренирање, кое трае и денес, сè уште тешко ги врзува врвките на чевлите.

Рацете на Џес Саливен чинат повеќе од шест милиони долари и заради тоа ги користи само во центарот за рехабилитација каде и денес е еден од најважните пациенти – соработници. Кога ќе завршат сложените истражувачки работи тој ги остава своите службени раце, ги зема оние „за носење“ и со нив се служи кога е дома за извршување на секојдневните работи.

Роботизирани раце како оние на Џес, засега има само шест, а ги конструирал докторот Тод Кјуликен, професор по медицинско инженерство и директор на центарот за вештачки екстремитети на Институтот за рехабилитација во Чикаго. Дланките на роботизираните раце се направени во Кина, зглобовите на лактите во Бостон, а спојувачите и зацврствувачите за тело во Шкотска.

Слична бионичка рака добила и младата Клаудија Минчел, која настрадала во сообраќајна несреќа, возејќи мотор. Таа и Саливен често позираат покажувајќи што можат да направат со своите бионички раце.

Извор: Политика

ОкоБоли главаВицФото