Кои се најопасните земји за жените

29.08.2011 12:25
Кои се најопасните земји за жените

Авганистан, Конго и Пакистан се најопасните земји во светот за жените, а по нив следат Индија и Сомалија. Во овие земји животот на жените е драматично загрозен од стапката на насилство и силување, недостатокот основна здравствена нега и убиствата поради „чест“.

Изложеноста на бандите силувачи, огромното семејно насилство, одмаздничките сакатења, каменувања, напади со киселина и слично придонесоа овие земји да се најлоши за една личност да се роди како жена во нив.

Тоа се резултатите од истражувањето на Thoomson Reuters Foundation (TRF) за оној свет во кој живеат над половина милијарда жени. Застрашувачките факти за нивното секојдневие го надминаа ефектот на парцијални вести од светот кој сењ доживува како „далечен“, или дека му припаѓа на „проблематичниот“ глобален југ или светот зад новата железна завеса, онаа меѓу исламските земји и сите останати. Не така одамна, и не првпат, беше објавена веста дека систематското силување на жените во Конго се забрзува и дека достигнало стапка од 48 силувани жени на час.

Воочливо е дека некои од земјите кои се добро познати по драматичната ситуација, како Судан, Либија или Саудиска Арабија, се изоставени од списокот најопасни. Но тоа не е единственото што го прави ова истражување доста провокативно, како што велат и самите автори. Фактот дека Авганистан е на врвот на листата поради застапеноста на несексуалното насилство и недостатокот на пристап до економските и здравствени ресурси, па дури потоа поради директната физичка и животна загрозеност, укажува дека најголемата опасност за жените демнее подалеку од масовните силувања или бомашките напади – таа е најсилна и најзачестена онаму каде што се одвива секојдневниот живот.

Според Елизабет Роуш од International Rescue Committee (IRC), која учествуваше во истражувањето, вистината се појавува дури кога директно ќе се разговара со Авганистанките. „Ќе ви речат: Не можеме да одиме на училиште, не можеме да заработуваме пари за нашето семејство. Не можеме да стигнеме до болница, или поради тоа што мажот не ни го дозволува тоа, или зашто не е возможно да се стигне до таму. Тоа се реалните проблеми“, велат нејзините соговорнички.

Професионалците кои се занимаваа со родови прашања и женските права добро знаат дека насилството над жените е структурално и дека секогаш доаѓа во пакет со бројни фактори. Иако тешкото физичко насилство по обичај привлекува најголемо внимание кај јавноста, се заборава или воопшто не се ни пишува дека физичкото насилство е последица на сплет од крајно опасни и длабоко вкоренети други фактори кои на жените не им дозволуваат да се избават од нив. Истото се однесува и на навидум помалку опасното семејство насилство – жената не може да преживее кога еднаш ќе успее да побегне, кршејќи ја железната врата на својот брак доколку надвор ја пречека општество кое ја гледа и препознава како човечко суштество само во еден единствен контекст – ако е сопственост на својот сопруг.

Се чини TRF успеа да го привлече вниманието на пошироката јавност. Дури и кога ќе престанат судирите, кога повеќе нема да има бомбашки напади и масовни силувања, агонијата продолжува. Истражувањето се заснова на разговорите на 213 стручњаци и стручњачки за родови прашања од пет континенти, од повеќе области, почнувајќи од пружањето хуманитарна помош, преку науката до новинарството и здравството. Експертските оцени се однесувале на шест категории во кои се групирани клучните фактори на ризик по животот на жените:

Здравје (смртност на родилките, недостатокот на здравствена нега и помош, немоќ над контролата на сопственото репродуктивно здравје, изложеноста на ХИВ/СИДА итн.);

Пристап до економските средства и дискриминацијата (дискриминација на работа, неможноста за заработка за живот, ускратеноста на сопственичките права и правото на образование, недостапноста до здрава исхрана итн.);

Култура, вера и обичајна пракса (обрежување на жените, присилен брак, каменување и друго физичко насилство како казнен чин, убиства не женски бебиња и деца итн.);

Сексуално насилство (силувањето како оружје на војната, силување во бракот, отежнат или оневозможен пристап до правдата на жртвите на силување итн.);

Несексуално насилство (изложеност на физичко и ментално насилство во семејството и насилства поврзани со конфликти);

Трговија со луѓе (домашно ропство, принудна работа, сексуално ропство итн.).

Авганистан е оценет како најризичен во дури три категории – здравје, економски фактори и дискриминација, како и несексуално насилство. Културата, верата и обичајната пракса се најопасни за жените во Пакистан, а сексуалното насилство е најлошо во Конго. Индија е прворангирана во категоријата на трговија со луѓе. Но, сите земји се застапени во сите шест категории како најлоши во светот.

Индија, со својот Боливуд и галопирачкиот економско-технолошки раст, во блиска иднина ќе управува со светот. Од оваа перспектива може да се види дека назадните обичајни практики, и покрај сиот тој напредок, и понатаму се закануваат неповратно да ја сменат рамнотежата меѓу бројот на жени и мажи во оваа земја со речиси двомилијардно население. Женските деца немаат иста вредност како машките; затоа и денес е широко распространета праксата на убивање на женскиот фетус (а за полот на нероденото дете се расудува на многу живописни начини) и женските новороденчиња. Само за време на последниве 30 години биле абортирани околу 12 милиони девојчиња.

Индијките се соочени со убиства поради навреда на честа, трговија со луѓе, ропство; голем е бројот на оние девојчиња што никогаш не доживуваат пубертет. И во Пакистан практично не постои заштита на жените од семејно насилство и дискриминација, од напади со киселина или каменување. Ни Пакистан ни Индија немаат закон за сузбивање на семејното насилство.

Во сите земји има напори за унапредување на животот на жените, но во овие земји, кои се длабоко нурнати во традицијата на најнемилосрдниот патријархат, структуралните промени се многу тешки. Дополнителен проблем е економскиот фактор, пристапот на жените до извори на приходи, посебно во услови на општа сиромаштија, но и пристапот до здравствена нега. Запрепастува процентот на жени кои се справуваат со бременоста вон болниците и без лекарска нега.

Министерката за жени во Сомалија, Маријан Касим, земја која со децениии бревта под товарот на бруталниот конфликт и која има најголем процент осакатени жени во светот, неодамна изјави дека, според начинот на кој стојат работите денес, „најголем проблем за Сомалијките не е војната, туку бременоста“. Во оваа земја починува едно од 14 родени деца, а таа стапка е уште поголема во Авганистан.

Факти

АВГАНИСТАН
87% неписмени жени
Една од 11 починува на породување
Над 70% од жените се присилени на брак

КОНГО
Дневно се силуваат околу 1152 жени
Жената не може да потпише ниеден правен акт без присуство на сопругот
57% од бремените жени се анемични

ПАКИСТАН
90% од жените дома доживуваат семејно насилство
Жените заработуваат 82% од помалку од мажите
Над 1000 жени годишно се жртви на убиство поради навреда на честа

ИНДИЈА
Над 44% од жените стапуваат во брак пред 18 години
55 милиони жени „исчезнале“ за време на минатиот век како последица на абортирање на женските фетуси и убиствата на родените женски деца
Сто милиони жени и девојки се жртви на трговија со луѓе

СОМАЛИЈА
95% од жените се жртви на сакатење на половиот орган со отсекување на клиторисот или поголем дел од вагината
9% од жените се породуваат во болници
Жените се 7,5% застапени во парламентот

Извор: НИН

ОкоБоли главаВицФото