Зошто концептот на затворот не е феминистички?

15.02.2022 20:21
Зошто концептот на затворот не е феминистички?


Клои Тејлор во прилогот Anti-Carceral Feminism and Sexual Assault – A Defense посочува дека поголемиот дел од мејнстрим феминистичката литература и активизам против сексуалното насилство се засноваат на поддршка за затворските казни и на полициската интервенција, при што изостанува темелна критика на кривично-правниот систем.

Како главна политичка цел често се поставува зголемувањето на осудителните затворски казни за силувачите и за домашните насилници. Со тоа се занемарува фактот дека долгите затворски казни не го решаваат сексуалното и семејното насилство во општеството. Тејлор го опишува затворот како хипер-мизогин простор во кој припадниците на ЛГБТ-заедницата и сексуалните престапници се особено изложени на опасност од силување и каде сексуалното насилство е структурно и секојдневно присутно во форма на присилни претреси, обврзно соблекување за пребарување и проверка на телесните отвори.

Во дела како Rape Justice: Beyond the Criminal Law (Пауел, Хенри и Флин 2015), авторките истражуваат низа вонзаконски одговори на сексуалното насилство. Ова не го прават затоа што се загрижени за судбините на сторителите или за начините на кои полицијата и затворите угнетуваат одредена демографија криминализирани луѓе, туку бидејќи казнено-правниот систем дополнително трауматизира и не одговара на потребите на луѓето кои преживеале сексуално насилство. Силувањето и сексуалното насилство, општо земено, се меѓу најретко пријавуваните злосторства. И кога има пријави, полицијата често ги отфрла поради недостиг на докази, додека судиите и поротите се сомничави кон сведочењата на жртвите.

Во САД се случува црните жени кои пријавиле сексуален напад во полиција повторно да бидат нападнати од полицајците на кои им се обратиле за помош, а имигрантки кои повикале полициска помош во случаи на семејно насилство самите биле апсени и депортирани. Казнено-правниот систем континуирано ги изневерува жртвите на сексуално насилство. Во сценариото што мејнстрим феминистките често го гледаат како „најдобро“, сторителите се затвораат во институции кои се алатки на расистичко, колонијално, класистичко, хомофобично и трансфобично насилство, институции во кои мизогинијата е ендемична а силувањето е сеприсутно.



Како што пишува Констанс Бекхаус, историчарка и адвокатка специјализирана за родова и расна дискриминација: „Како испраќањето на силувачите во институции каде што и тие самите се изложени на ризик од силување може да биде феминистичко решение? Ако сме против силување, тогаш сме против сите силувања “(2012). Затоа, дури и кога воопшто не би нè интересирала судбината на затворениците/затвореничките, и натаму би требало да бидеме загрижени за насилството, хомофобијата и мизогинијата на затворското искуство и за неговите последици врз луѓето кои на крајот ќе се вратат во надворешниот свет, носејќи ги со себе насилството и омразата од затворот.

Рут Вилсон Глимор, која заедно со Анџела Дејвис е една од најистакнатите аболиционистички феминистки во САД, истакнува дека целта на аболицијата е да се отстранат условите што довеле до тоа затворите да ги гледаме како решение на проблемот – а не само укинување на установите што ги нарекуваме затвори. По убиството на Џорџ Флојд и појавата на движењето Black Live Matter се популаризираа аболиционистичките барања и слогани, но аболиционистичкиот феминизам има долгогодишна историја на активизам во САД.

Анџела Дејвис во својата книга Are Prisons Obsolete? затворите ги поврзува со ропството, колонијализмот и белата надмоќ. Расата отсекогаш играла централна улога во конструкцијата на криминалитетот во САД. По укинувањето на ропството, поранешните робовладетелски држави донеле нови закони кои претставувале само модификација на робовскиот кодекс, а со цел да се регулира однесувањето на слободното црнечко население на начини многу слични на оние што постоеле за време на ропството. Дејвис го наведува примерот на скитањето што било криминализирано како црнечко злосторство и за кое можело да се биде осуден на затвор со принудна работа, понекогаш на самите плантажи кои се богателе од работата на робовите. Ширум Британската империја, затворот се користел за одржување на ропството и за спречување на отпорот. Терминот „злосторник“ се применувал на целата заедница што била сметана за нецивилизирана и опасна, со тоа создавајќи ја и зајакнувајќи ја расната хиерархија. Во тие колонијални „лаборатории на модерноста“, британската влада тестирала и усовршила методи на контрола на населението, поврзувајќи го поимот криминалитет со расата и класата.

Расистичката историја на затворите се рефлектира во фактот што американските затвори и денес имаат непропорционално повеќе афроамериканско и латиноамериканско население. Луик Вакуант во својата книга Punishing the Poor: The Neoliberal Government of Social Insecurity идентификува неповрзаност помеѓу криминалот и стапката на затворање во Америка, со оглед дека статистиката за периодот 1975-1993 година покажува дека стапката на виктимизација стагнира додека стапката на затворање расте. Таа наведува дека дерегулацијата на пазарот на труд влијаела врз зголемување на сиромаштијата и социјалната нестабилност на дното од класната структура истовремено намалувајќи ги мрежите за социјална заштита, што довело до удвојување на социјалната несигурност и нестабилност. Вакуант истакнува дека неолибералната казнена држава ги користи полицискиот и затворскиот систем за да врши контрола над сиромашните доделувајќи затворски казни за помали прекршоци.



Поедноставно кажано, неолибералната казнена држава е држава која ја заменила социјалната политика со казнување на поединци, што потоа довело до процут на затворите. Вакуант наведува дека во Америка буџетски се одржуваат скапи казнени и затворски системи во кои се сместени значителни делови од социјално исклученото население, додека идеите за рехабилитација и политиките за вклучување на маргинализираните заедници се напуштени.

Тезата на Вакуант оди во прилог на тезата за криминалирање на стратегиите за преживување на жените изложени на насилство. Речиси 60 % од затвореничките во женските затвори во цела Америка и дури 94 % од женската затворска популација во одделни држави, имаат историја на физичко или сексуално злоставување пред да завршат во затвор, според организацијата Survived and Punished. Тие посочуваат дека многу жени завршиле во затвор поради самоодбрана или поради околности во кои биле принудени да бидат соучеснички во злосторството. Организацијата истакнува дека многу од овие жени, вклучително и трансродовите жени и родово небинарните лица, искусиле сексуално и/или семејно насилство, што во многу случаи било катализатор за извршување на кривични дела. Исто така, по пристигнувањето во затвор тие се изложени на висок ризик од сексуално насилство или вознемирување од страна на стражарите или други поединци.

Адвокатката и професорка по право, Леи Гудмарк се залага за декриминализација на семејното насилство. Во својата книга, исто насловена, таа ги истражува социјалните, правните и финансиските ресурси насочени во казнено-правниот систем, кој во повеќето случаи не успева да обезбеди заштита или правда за жртвите на насилство ниту да спречи случаи на семејно насилство. Наместо насилството од партнерот да се гледа како кривично-правен проблем, таа нуди гледање на насилството како економски, јавно-здравствен, општествен и проблем на човековите права.

„Дури и кога случаите на насилство совршено би минувале низ правниот систем, тој сè уште не би можел да го обезбеди она што им треба на жените кои преживеале насилство: долгорочна економска стабилност, темелни промени во однесувањето на мажите кои ги злоупотребуваат своите партнерки и општество кое го осудува и го отфрла семејното насилство“, пишува Гудмарк.

Таа истакнува дека казнено-правниот систем не се покажал успешен во борбата против семејното насилство и дека во некои случаи тој дури и го влошува семејното насилство. Таа ја игнорира финансиската зависност од насилниот партнер и со затворањето не го спречува туку го поддржува бескрајниот круг на насилство.

Во една важна серија прилози, феминистичката социологинка Елизабет Бернштајн го критикува неуспехот на мејнстрим феминистичките теоретичарки и активистки адекватно да го критикуваат казнено-правниот систем и начините на кои намерно или ненамерно го поддржуваат, опишувајќи ја оваа тенденција како „про-затворски феминизам“ (анг. carceral feminism). Бернштајн се фокусира првенствено на критика на криминализацијата на сите форми на сексуална работа и на сојузот на белите феминистки од средната класа со левицата и евангелистичките христијанки од десницата, кои се обединија во борбата против „новиот облик на ропство“. Како резултат на тој сојуз, дефиницијата за трговијата со луѓе ги опфати сите форми на сексуална работа и придонесе за зголемување на бројот на затвореници од сиромашното црнечко население.

Лиз Готел ја критикуваше (2015) Бернштајн дека во своите дела се занимава исклучиво со декриминализација и аболиција во случаите на сексуална работа, што е релативно „едноставен“ случај за аболиционистичко застапување, за разлика силувањето и злоупотребата на деца. Според Готел, ескалацијата на затворските стапки никогаш не била примарна цел на феминистичките правосудни реформа поврзани со сексуалното насилство. Таа наведува дека покрај загриженоста за стапката на осудителни пресуди, феминистките барале и измени во законот со цел да се оспорат митовите околу силувањето, да се променат родовите норми, и хетеронормативните претпоставки за сексуалноста и искуството на тужителките во судењата за сексуално насилство да се направи помалку трауматично. Сепак, и покрај децениските феминистички реформи во правосудството, искуството од судењата продолжува да биде трауматично искуство за жртвите, а силувањето останува широко распространето во општеството.

Укинувањето на затворите не е само површна аадемска теориска идеја одвоена од реалноста, туку таа постои во форма на општествено ангажирани практики кои не се засноваат на казнено-правна интервенција. Грасрут организациите како Sista II Sista, CARA и GenerationFIVE обезбедуваат вредни насоки и примери за трансформативни правни рамки со кои на сексуалното насилство може да се одговори на начини кои ја земаат предвид општествената, како и индивидуалната одговорност и трансформација, и кои не ги зајакнуваат ниту насочуваат уште повеќе ресурси кон главните извршители на сексуално, родово, расно, колонијално и класно насилство - полицијата и затворскиот систем.



За разлика од ресторативната правда, трансформативната правда е грасрут одговор кој на ниту еден начин не е поврзан со казнениот систем или со државата. Исто така, практиките на трансформативната правда одат многу подалеку од ресторативната, во обидот да се разбере контекстот што довел до насилството и начинот на кој самата заедница придонела кон него или го поддржала. На овој начин, целата заедница одговара за направената штета, а не само индивидуалниот сторител. Организациите како CARA и GenerationFIVE ги потенцираат одговорностите на пошироката заедница во создавањето и одржувањето на услови кои допуштаат сексуално злоставување.

Организацијата Critical Resistance, која се залага за укинување на затворите заедно со INCITE!, мрежа на небели радикални феминистки против насилство, издадоа соопштение во 2001 година во кое прават проценка на погубните последици од зголемената криминализација и игнорирањето на врската помеѓу родовото и полициското насилство. Тие забележуваат дека потпирањето на полицијата и на затворите ги обесхрабрило организирањето и интервенциите на локалните заедници. Оттаму, во соопштението ги повикуваат активистките и активистичките организации да се поврзат, да создадат стратегии за борба против двата облика на насилство и да ги документираат своите напори како примери за другите кои бараат алтернативи за казнено-затворскиот систем.

Поединци и локални организации го прифатија овој предизвик, па така една од активистките против насилство, Мими Ким, ја основаше Creative Interventions во 2004 година. Препознавајќи ја потребата да се демонстрираат алтернативни пристапи кон насилството, групата разви веб-страница за собирање и ширење алатки и ресурси за справување со насилството во секојдневниот живот. Тие, исто така, го отпочнаа проектот „Раскажување и организирање“ каде луѓето можат да ги споделат своите искуства од интервенциите при партнерско насилство, семејното насилство и сексуална злоупотреба. Активистките за социјална правда и оние кои искусиле насилство, Чинг-Ин Чен, Џаи Дулани и Леа Лакшми Пиепнза-Самарасина ја составија компилацијата „Револуцијата започнува дома“, списание од 111 страници кое документира различни напори во активистичките кругови да се повикаат насилниците на одговорност без интервенција на полицијата и казнено-правниот систем.

Сиве овие примери покажуваат дека затворите секако се феминистичко прашање, но и дека нивното укинување не е прашање на утопија, туку на тоа колку навистина се грижиме за социјалната правда а колку за затворските решенија кои всушност и не се решенија, туку дел од проблем.

Извор: Vox Feminae

ОкоБоли главаВицФото