Нови правила го ограничуваат учењето за Месецот на црнечката историја

02.02.2022 16:41
Нови правила го ограничуваат учењето за Месецот на црнечката историја

Шеснаесет деца придружени од нивните мајки носат натписи против сегрегацијата во Хилсборо, Охајо во 1956

Секоја година училиштата и универзитите во САД го одбележуваат февруари како Месец на црнечката историја. Традиционално, во текот на целиот месец се учи и се зборува за историјата на Афро-Американците. Сепак, ова е прв пат празникот да биде прославуван под новите рестрикции за диверзитетот во образованието наметнати во некои држави.

Правилата, под кои се крие забрана за учење на критичка теорија на расата, ограничуваат што некои институции поддржани од државата смеат да дискутираат за расното минато на нацијата а што не. Образовните работници што го поттикнуваат Месецот на црнечка историја примаат закани по живот.

Од минатата година, 14 држави во САД наметнаа строги законски рестрикции. Дополнитено, 35 држави предложиле закони или презеле други чекори за ограничување на учењето на критичка теорија на расата – концепт што го проучува наследството од системскиот расизам – или ограничуваат како учителите може да ги дискутираат расизмот и сексизмот.

Учителите во основно училиште, администраторите и универзитетските професори се соочуваат со парични казни, физички закани и страв од отпуштање. Широко дефинираните закони им овозможуваат на државните службеници да ги казнуваат училиштата и образовните работници за дискутирање на расизмот и на историјата на афро-американците.

„Според тие ограничувања, учителите смеат да споменат дека Џеки Робинсон бил првиот црн бејзбол играч во професионалната лига кога влегол во Бруклин Доџерс во 1947 година, но не смеат да дискутираат зошто на црните играчи пред него тоа им било забрането“, вели Шариф Ел-Меки, основач на Центарот за развој на црни едукатори.

„Учителите може да го претстават Малком Екс, но не смеат да ги читаат неговите говори; смеат да го споменат соул-пејачот Марвин Геј но не смеат да го дискутираат текстот во неговата песна ‘What’s Going On’; или смеат да ги покажат Роузвуд, Флорида, или Тулса, Оклахома на мапа, но не и да зборуваат за расистичките ужаси што се случувале таму.“

Во многу случаи, најтешките забрани би можеле да ги спречат учениците да учат за историјата што се случила во нивните сопствени места на живеење.

Мартин Лутер Кинг

Гувернерката Кристи Ноем од Јужна Дакота, неодамна предложи закон за забрана на универзитетите и училиштата да се предаваат одредени лекции поврзани со расни злочини. Во таа држава во 1980 се случи масакрот на луѓето од народот Лакота од страна на армијата на САД.

Државните законодавци во Алабама, кајшто Џон Луис беше претепан од полицијата за време на маршот за гласачки права во 1965 година, се очекува наскоро да усвојат закон што ќе ги спречи универзитетите да предаваат критичка теорија на раса.

Законодавците во Мисисипи и во Флорида разгледуваат закон што би ги забранил часовите по историја што на учениците им предизвикуват непријатни чувства во врска со нивната раса.

„Овие закони што наводно ги штитат белите ученици од вина кажуваат повеќе за авторите на законот отколку за учениците“, вали Маниша Синха, историчарка на Универзитетот во Конектикат и авторка на книгата „Каузата на робот: историја на аболицијата“.

„Не постои причина зошто еден бел ученик не би можел да се идентификува со аболиционистички поборник, или со поборник за граѓански права, наместо со робовладетел.“

 

Трејси Лин Ненс, учителка во основно училиште во Џорџија, проценува дека половина од учителите што ги познава ќе продолжат да држат часови за афро-американска историја во февруари, според планираното, додека другата половина е вознемирена.

„Мислам дека сега многумина се автоцензурираат. Многумина се чувствуваат гневни бидејќи мислат дека некој ќе ги нападне или дека ќе им ги извртат зборовите.“

Ненс, која се соочила со напади онлајн бидејќи ги бранела диверзитетот и еднаквоста во образованието, вели дека планира да продолжи да ги држи часовите за Корета Скот Кинг и за црните поети за време на Месецот на црнечка историја.

Од друга страна, Џејмс Хендерсон, конзервативен активист од Алабама, ги отфрла поплаките дека законите против критичка теорија на расата, кои тој ги поддржува, ќе ги спречат учениците да учат за историјата на Афро-Американците или за Мартин Лутер Кинг.

„Учењето за моралноста е добро во јавното образование. И, за жал, во голема мера се оддалечивме од тоа“, вели Хендерсон, реферирајќи на учењето на Кинг за бидувањето добар морален граѓанин.

Учењата за расата се критикувани од страна на десницата и дури и од некои припадници на левицата. Сепак, дури и пред да започне Месецот на црна историја, нападите врз критичната теорија на расата, непропорционално предводени од бели родители во руралните предградија, доведоа до забрани на книги и притисоци врз локални училишта да го преиспитаат диверзитетот во наставните програми.

„Мајките за слобода“ во Тенеси, на пример, поднесоа жалба минатата година барајќи државата да ревидира одредени книги за деца посветени на Кинг и на борката за граѓански права Руби Бриџес. Државата ова го одби.

„Драг Мартине“, роман за млади кој раскажува за црн средношколец кој му пишува писма на Кинг, минатиот месец беше отстранета од едно средно училиште во Северна Каролина по поплаки од родителите за екпслицитните делови во книгата.

 

Инаку, историчарот Картер Г. Вудсон е заслужен за поттикнување на одржувањето на Месецот на црнечката историја откако ја организирал првата Недела на црнечката историја во февруари 1926 година.

Во 1976, на 50-годишнината од првата Недела на црнечката историја, Асоцијацијата за проучување на афро-американската историја официјално ја направила промената во Месецот на црнечката историја.

Претседателот Џералд Форд таа година се обратил на јавноста во прослава на месецот, и тоа станало традиција за секој следен претседател.

Извор: Axios

ОкоБоли главаВицФото