Америка: Неуништената расна сегрегација

02.10.2014 10:29
Америка: Неуништената расна сегрегација

Секојдневните, навидум несвесни активности, како играњето во двор, разгледувањето на излозите, одењето во црква, се појавуваат како тема на фотографиите на Гордон Паркс (1912-2006). Ангажиран на полето на човековите права, овој самоук уметник цврсто верувал дека фотографијата како медиум има моќ да ги промени и освести луѓето, но и да ги поништи постоечките предрасуди.

Изложбата на ретките фотографии во боја на Паркс носи наслов „Гордон Паркс: приказна за сегрегацијата“, а ќе се одржи оваа есен во The High Museum of Art во Атланта. Фотографиите од прилично вознемирувачкиот период на американската историја го прикажуваат животот на едно афроамериканско семејство, Торнтон, во Алабама, во екот на сегрегацијата од 50-тите години на минатиот век.

Серијата фотографии оригинално е наречена „Ограничувања: отворени и скриени“, а сликите се првично снимени како фото-есеј за магазинот Life во 1956 година и ја прикажуваат расната дискриминација во помалку видливите, секојдневни ситуации. Тие откриваат како предрасудите продираат во најбаналните и сосема лични околности. Паркс не ги фотографирал протестите, големите јавни собири ниту насилните ситуации од борбата за човекови права. Им дал предност на помирните моменти во и околу домот.

Некои слики се однесуваат на нееднаквоста: тоа е семејство кое чека ред за сладолед во „редот за обоени“ или црномурести деца опкружени со бели кукли при разгледување на излог. Други се на трагата на насилството - прикажуваат како едно дете си игра со пиштол, додека друго внимателно го гледа.

Како и повеќето фотографии на Паркс кои се фокусираат на позитивните нешта, госпоѓа и господин Торнтон (на фотографијата подолу) седат цврсто, гордо и стамено. Наместо да ја нагласи дискриминацијата, Паркс овде се сосредоточува на сличноста која ги поврзува сите Американци: престојот во својот дом, времето кое се поминува со семејството, истражувањето на природата. Фотографиите на Паркс го откриваат она што на многу негови современици им било необјасниво: луѓето од сите раси се стремат кон заеднички вредности.

Иако помина повеќе од половина век, расизмот во САД сè уште е општествено чувствително прашање, а правата на Афроамериканците и денес се кршат - на улица, среде бел ден (на пример, убиството на Мајкл Браун во Фергусон). Затоа се чини дека фото-есеите на Гордон Паркс му се потребни на општеството повеќе од кога било.

Извор: pogledaj.to

ОкоБоли главаВицФото