1026 hPa
87 %
5 °C
Скопје - Пон, 11.11.2024 22:59
Грозниот лик на коронавирусот се манифестира во болест, смрт и очај на многу луѓе. Жените се секојдневно конфронтирани со тоа, зашто носат посебно тешко бреме во пандемијата. Жените се попогодени од невработеност, имаат полош пристап кон здравствена заштита и многу често не добиваат економска или социјална поддршка.
Пандемијата масивно ја засили нерамноправноста меѓу половите. Ова е еден од депримирачките заклучоци на годинешниот извештај за човековите права на Амнести интернешнл, срочен на 408 страници. Тој треба да му биде испратен дома на секој политичар, зашто многу жени се наоѓаат во драматична ситуација.
Иако им е потребна целна заштита, во голем број земји нивната ситуација воопшто не се зема во предвид. Во Индија жените натпропорционално губеа работни места во првиот бран на пандемијата. Само во март и април 2020 година преку 15 милиони Индијки одненадеж останаа без работа, губејќи ги работните места во ионака лоши услови. Слична е сликата и во Латинска Америка.
Зголемена опасност од загуба на работата
Ризикот за жените да загубат работа за време на пандемијата е пораснат за 44 проценти. Потресувачка е рамнодушноста со која тоа се прима. Запрепастувачки често се заборава и дека во негувателската бранша во светот 70 проценти работат жени. Со тоа тие сносат зголемен ризик од инфекција, соочени се со посебна опасност да заболат од Ковид-19.
Потребни ни се мерки со кои жените ќе добијат заштита токму во пандемијата. Проактивно а не реактивно, зашто инаку често е предоцна. Потребно ни е лидерство, храбра политика која ќе ја сфати положбата на жените, ќе ги поддржи, а нема да ги маргинализира.
Од сето тоа сега малку се гледа. Наместо тоа фокусот се става врз краткорочни здравствени мерки за сузбивање на пандемијата, без сознание каде состојбата дополнитено се влошува.
Да го земеме на пример фактот дека прифатилиштата за загрозени жени во многу земји веќе една година се затворени, а веројатно така и ќе остане во догледно време. Тоа значи дека за многу жени нема спас од семејно насилство. За значителен број жени и девојчиња во Јужна Африка сопствените четири ѕида се исто толку опасни и заканувачки како и вирусот надвор, можеби уште повеќе.
Опасност од насилство
Насилството против жени бележи драматичен скок, не само во Јужна Африка, туку во цел свет. Во Мексико властите регистрирале 969 убиства на жени, извршени исклучиво поради половата припадност. Сеедно дали во Бразил, Доминиканската Република или Парагвај: во Латинска Америка жените не можат да се чувствуваат безбедно.
Исто така и во Европа. Во Шпанија, земја која е силно погодена од пандемијата, во текот на едно лето се убиени 19 жени од страна на нивните партнери. На оние на кои им е најпотребна помош, во услови на пандемија не им е пружена според потребата. А понекаде насилството против женитесе минимизира, дури и се поддржува, така гласи потресувачкиот биланс.
Биланс кој мора да нè протресе. Сега мора нешто да се преземе. Да се заштитат жените. Зашто, кризите не се полово неутрални. Исто така ни пандемијата на коронавирус. Жените имаат право на достоинствен живот, без страв, во секое време и на секое место. Тоа е нивно и наше човеково право.
Слики: Cait Schoolfield Art
Извор: Дојче веле