Феминизмот – последeн цивилизациски воз

31.10.2018 01:06
Феминизмот – последниот цивилизациски воз

Кога политичкиот систем, културата и општеството на една група ѝ ја одземаат моќта тие ја доведуваат на маргините од општеството, надвор од сите извитоперувања, статистики, каде далеку од фокусот на општеството со најбрутални инструменти (читај – верски, медиумски, политички – етикетирање, навреди, претепување, навредување, закани, повикување...) им се одзема достоинството што е последно ниво на дискриминација, каде веќе нема назад, каде веќе немаш што да загубиш, освен животот, чија вредност и онака е прашална во сите тие околности...

Кога системот ќе потфрли, кога ќе се одземе достоинството, останува да се верува дека ќе затрепери жицата на солидарноста на кое било ниво, она човечното, што донекаде секогаш е добра сламка за спас за која сакаме да се држиме кога сè останато ќе потфрли, сè останато во чии рамки на надлежност би требало да биде решавање на проблемите на маргинализираните, но, подобро нешто отколку ништо, нели...

Кога феминизмот ќе стане фетиш

Можеби на одредено ниво сум љубоморен на луѓето на кои активизмот – феминизмот им е фетиш, хоби или можност за забава, но од друга страна, секако повеќе сум им лут и бесен на сите оние кои кукаат по некакви конференции, тренинзи и разноразни собири за што сè не. Можеби јас сè сфаќам премногу сериозно, а можеби тие се несериозни, не знам, за мене тоа е интернализиран аспект на посматрањето, односно, стојалиште на некој кој се чини дека е премногу чувствителен.

Се сеќавам дека на еден мировен тренинг еден тип се шегуваше за силувањето и партнерското насилство. Мене тоа не ми беше смешно, на лично ниво тоа ми е многу блиско, а тогаш молчев, мислев дека тоа е само моја лична работа. Подоцна дознав дека тоа е многу важно искуство, моето движечко искуство за сето досегашно јавно ангажирање или како што би се рекло – личното е политичко.

Од друга страна, зошто е неопходно некој да има блиско искуство со насилството за сериозно да се заложи во борбата против него? Зарем нивото на нашата емпатија е толку ниско што сè уште мораме да го користиме она – а како ќе се чувствуваше ако тоа беше твојата сестра или мајка... Зарем навистина толку сме назадувале, како човечки битија, како луѓе? Ова не е тажна приказна, ниту поплака, само ми е важно да ги повикам на одговорност сите оние кои одат наоколу и ги фетишизираат овие нешта, се прават кул и урбани, а во желбата да станат алтернативна раја направија мајтап од многу сериозни нешта, што повторно е резултат на клучен недостаток на емпатија, солидарност и едноставно слушање.

Не сакам да верувам дека не можеме да напредуваме како култура, како општество, како политички систем, во спротивно не би пишувал за ништо од ова. Сакам да верувам дека можеме да бидеме поинтелигентни, посолидарни и најпосле, многу, многу посериозни. И да не дозволиме недостатокот на лично искуство или различните искуства да нè спречат да се ангажираме, зашто – кога ќе дојдат по вас нема да остане никој за да се бунтува.

Вашата сестра не мора да биде жртва на насилство, вашата мајка не мора да ја запознае бруталноста на животот на една самохрана мајка и вие не мора да бидете геј за да се ангажирате за правата, слободата и нормалните животи на овие луѓе, но факт е дека ова многу лесно може и вам да ви стане блиско искуство, како што е и факт дека ни системот ни општеството нема да застанат зад вас. Сето ова не е избор, ниту некој е прашан дали сака да живее во толку неблагодарни околности, каде предизвик е да се отиде во продавница, зашто ви е мака од дофрлање и подбивање...

И затоа верувам дека е многу важно сите да ги преиспитаме своите лични ставови и мислења и своето лично да го трансформираме во политичко/активистичко, зашто верувам дека токму тука се прекинува ланецот на револтот или какво било општествено одговорно реагирање – длабоко сме уверени и долго време нè учеле дека нештата како што е насилството од секаков вид, проблематизирањето на сексуалноста, општото чувство на несигурност, впрочем се лични нивоа. Колку пати не сме се вмешале во случаи на партнерско насилство, зашто научени сме дека тоа се приватни работи во кои не треба да се мешаме, што впрочем е балон во кој на жртвите единствено им преостанува да имплодираат, каде партнерското насилство е само еден пример.

Начинот на кој хомофобите се обидуваат да креираат балон за ЛГБТИКА заедницата е токму враќањето во четири ѕида, каде континуирано на различни начини сосема сублиминарно од општествената маса се елиминира сè што е реален проблем, што би требало да биде дел од некаков политички дневен ред, но проблемите упорно се ставаат под килим и на тој начин се туркаат над сите извитоперувања и статистики.

Кога феминизмот ќе стане единствен глас, медиум и начин

Ако државата и општеството не сакаат да ги слушнат гласовите на одредени поединци или групи луѓе, факт е дека за тие луѓе ќе се преземат репресивни мерки со цел нивниот глас едноставно да се загуши. Факт е дека феминизмот претставува реална опасност за системот од секаков вид, со оглед на тоа дека ги преиспитува нивоата на моќ и тежнее кон рамноправност, што никако не им оди во прилог на луѓето од врвот, така што во оваа смисла нештата се очигледни, нема што да се додаде ни да се одземе.

Секој облик на плеткање околу феминизмот е подеднакво опасен, како и секој друг облик на активизам, што повторно не изненадува, но факт е дека и нам угнетените ни треба глас, дека ни треба канал и место за обединување и солидарност. Иако во јавниот дискурс феминизмот е мошне демонизиран, секако од страна на луѓето кои на различни начини пружаат отпор, од причина што не знаат или едноставно ги учат дека не треба ни да знаат, зашто како што напишав, системот не сака да си создава непријатели, но и нам депривилегираните ни треба своја слободна зона и начин за пружање отпор и да бидеме солидарни со сите кои ги потиснуваат истите проблеми, зашто понекогаш сознанието дека не си сам во оваа борба е многу олеснувачко, споделувањето лични приказни нè прави посилни и нè охрабрува и нас и другите да се приклучиме, зашто најпосле, сите нè гази истата чизма...

Илустрации: Jennifer Linton

Извор: http://avangarda.ba

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото