Присутно-отсутни: прегорувањето како опасен симптом на независната културна сцена

06.11.2023 13:50
Присутно-отсутни: прегорувањето како опасен симптом на независната културна сцена

 

Постојаната финансиска неизвесност ги тера луѓето од независната културна сцена кај нас на постојани десетици помали ангажмани. Тоа им помага да преживеат, но придонесува тие да чувствуваат хронична прегореност.

Светската здравствена организација го класифицира синдромот на прегореност (burnout) како комплексна емоционална и физичка појава поврзана со прекумерна работа, неизвесни работни услови и нереални очекувања. Во таа смисла, прегорувањето е сè поприсутно во прекарни работни услови, а хроничниот стрес од социјалната неизвесност ја прави состојбата колективна, иако е таа недоволно препознаена и актуелизирана во нашата земја.



На овдешната независна (вонинституционална) културна сцена состојбата на прегореност може да се препознае преку постојаното брзање „да завршам некои работи“ и драматичното „во гужва сум“, преку ненавремено преземените или вратени документи, преку трката да се аплицира на што повеќе повици за грантови, анксиозноста од неизвесноста на продукциите за следната година, нерегулираното работно време... Оттука потекнува и дополнителното чувство на несигурност: дека трудот на учесниците на независната сцена не е незаменлив, заради фрагментираноста на обврските и очекувањето дека може било кој да ги заврши во било кое време. Отсуството на искуство за долгорочно да се проектираат и извршуваат работите исто така делумно е резултат на прегореноста, зашто ретко кој актер на сцената успева да се одржи подолго во добра кондиција. Сè повеќе колеги и организации повеќе се дистанцираат или пасивизираат отколку што се вклучуваат во активно и конструктивно делување и планирање на иднината во рамки на независната сцена.



Хито Стајерл [Hito Steyerl] зборува за „економии на присутноста“ кога пишува за притисокот да се биде присутен на повеќе места истовремено, постојано вклучен во што е можно повеќе проекти, безусловно прифаќајќи партиципации во активности од различен вид. Да се биде присутен значи да се биде видлив, а со тоа и вреден, и евентуално значаен – со надеж дека оваа присутност евентуално ќе може да се квантифицира или да се замени во нешто со материјална вредност. Во нашиот контекст тоа подразбира да се биде независен уметник или културен работник, но и да се мисли на финансиската стабилност; да се мисли на локална и меѓународна кариера истовремено; да се биде индивидуален уметник, но и дел од колектив; да се прифаќаат комерцијални ангажмани заради одржливост на индивидуалната уметничка практика. Овој притисок да се биде постојано присутен, активен и видлив дел од културната сцена исто така е причина за исцрпеноста и недоволната волја за работа кои речиси невидливо ни се случуваат.



Во нашиот општествен и економски контекст има два начини да се биде дел од независната сцена. Првиот е да се има сигурна позадина со девет-до-пет работа (нешто што најчесто нема врска со некаква уметничка или културна продукција, без разлика дали се однесува на вработување во приватниот или државниот сектор). Вториот начин е да се биде самовработен прекарен работник со несигурни приходи од типот: „хонорарците, вработените на одредено време, парцијално вработените, оние на парче“ (Георгиевски, 2014). Неофицијално, најголемиот дел од уметниците и културните работници кај нас се прекарни, односно, со зборовите на Стајерл, во овие општествени услови тие „треба да изведуваат безброј дополнителни услуги кои полека стануваат многу поважни од која било друга форма на работа. Q&A сесиите се поважни од филмската проекција, предавањето во живо е поважно од текстот, средбата со уметниците е поважна отколку средбата со делата. Да не зборуваме за брдото квази-академски и ПР формати за социјални мрежи што само ги мултиплицираат веќе познатите шаблони во кои се очекува да се сподели некаква неотуѓена присутност.“ (Стајерл, 2015: 51)



Прегорувањето во оваа смисла подразбира и извесно разочарување, страв од неуспех, чувство на непостигнување. Постојаниот притисок за присутност на ироничен начин подразбира и сѐ почеста отсутност, неволност, неможност да се види некаков потенцијал во нејасниот културен пејзаж. Колективната емпатија ја снемува заради ова разочарување, а го снемува дури и очекувањето дека емпатијата некогаш ќе се вклучи баш заради подеднакво тешките услови на кои сме сите изложени. „Во време на претерано самовработување, или поточно само-невработување, идејата дека некој би се грижел за трудовата сила на другиот звучи егзотично.“ (Стајерл, 2015: 50) Историски гледано, значаен пример за ваква колективна емпатија од 20 век е Коалицијата на уметнички работници [Art Workers' Coalition] – отвореното здружување на уметници, филмски работници, писатели критичари и музејски персонал, кое се формирало заради извршување притисок врз њујоршките музеи за спроведување економски и политички реформи во уметничкиот систем. Тука мораме да го спомнеме Јадро – Асоцијација на независната културна сцена (како и платфрмата Кооператива на регионално ниво), субјекти кои, и покрај прекарните услови, постојано успеваат да издејствуваат реални промени во полето на културата, но кои во своето идно делување би требало да го земат предвид препознавањето и долгорочното справување со прегорувањето на директно и индиректно вклучените работници.

Во обид овој текст да не звучи крајно песимистички, од друга страна, оваа разочараност како последица на прегорувањето може да ја гледаме и како потенцијал. Муњоз [José Esteban Muñoz] за ваквата перцепција вели дека „разочарувањето е важен дел од утопискиот копнеж“ за нешто што e „сè-уште-не-тука или нешто што недостасува.“ (Муњоз, 2009: 272) Независната културна сцена, и покрај многу лошите услови за работа, постојано треба да ги негува токму ваквите утописки перспективи, кои се смислата на нејзиното постоење: одржување на погледот кој понекогаш и низ прегореноста, неуспехот и разочарувањето ќе се стреми кон сосема поинакви животни, културни и општествени хоризонти.



Стрип Кадри: The Adventures on Mars of... Flint Baker (Planet comics 2, 1940)

Референци:

• Георгиевски, Sвездан (2014) Прекарни работници. Окно.мк. 28 јули 2014. <https://okno.mk/node/39647> пристапено на 3 ноември 2023.

• Muñoz, José Esteban (2009) Cruising Utopia: The Then and There of Queer Futurity. New York: NYU Press.

• Steyerl, Hito (2015) The Terror of Total Dasein: Economies of Presence in the Art Field. Duty Free Art: Art in the Age of Planetary Civil War. London: Verso Books.

• <https://www.who.int/news/item/28-05-2019-burn-out-an-occupational-phenomenon-international-classification-of-diseases> пристапено на 3 ноември 2023.

ОкоБоли главаВицФото