Патриотизмот не им припаѓа само на конзервативците и десничарите

24.11.2023 14:11
Патриотизмот не им припаѓа само на конзервативците и десничарите

 

Патриотизмот е дел од националната свест и се поврзува со гордоста и љубовта кон татковината. Идеално, патриотизмот е позитивна сила, негување единство и заедништво на различностите, промовирање на културното наследство и градење чувство за заедница со крајна цел развој и унапредување на заедницата.

Инспирирана (поточно, изнервирана) од подкастот на самопрогласеното „Патриотско друштво“, емитуван неодамна, каде четворица дечки неартикулирано го надгласуваат едното девојче кое гостува на емисијата, одлучив да пишувам за лицето на патриотизмот кое во последно време во Македонија добива загрижувачки црти.

Сликата на подкастот пред сè е симболичен приказ на тоа што значи дискусија во нашето општество: дискусија - нема. Пошироко, подкастот испрати слика за македонскиот патриотизам целосно монополизиран од конзервативните движења. Ако „патриотизмот“ кој се негува меѓу младите во моментов е идеја за изградба на држава која ќе биде добра само за стрејт мажите со македонска етничка припадност, во држава во која живеат и жени и неконзервативни мажи, и ЛГБТ лица, и лица со попреченост, и Македонци со друга етничка припадност - тогаш во земјава место ќе има за двајца без тројца.



Она што некогаш било обединувачка сила, денес се претвора во агресивно и шовинистичко чувство. Овој бренд на „патриотизам“ (читај: национализам), обележан со исклучувачки и непријателски ставови кон сè што не е хетеросексуален маж од македонска етничка припадност, прави само штета и раздор. Ако идејата на патриотизмот е негување на заедништвото и државата, со крајна цел таа да се унапредува, во секоја смисла, економска, општествена, политичка, здравствена итн., се прашувам како овој наратив ќе придонесе кон тоа?

Хипотетички сценарија не служат како интелектуален аргумент за „патриотски друштва“. „Што ако сите станеме геј?“ A, што ако врбата роди грозје? Жената требала да седи дома и да не е промискуитетна, а мажот да работи и со тоа да ја заслужува наградата на промискуитетот (односно фраерлукот, оти е маж). Вакви и слични аргументи и излитени ставови никогаш никаде не придонеле за развој и добробит.

Гледајќи ја блиската историја, ми се чини дека ВМРО-ДПМНЕ, како конзервативна партија, оставила своја партиска шепа врз „брендот“ патриотизам, па во некои кругови се доживуваше срамно да бидат изразени чувства на љубов и негување кон македонската култура и постоење. Или се доживуваше дека изразот патриотизам подразбира анти-либерални, анти-европски и анти-западен наратив. Сепак, имавме надеж дека доаѓа напредок за државата. Надежта која постоеше за време на шарената револуција неславно згасна и нè остави несигурни, гневни и немоќни. Сега кога гледаме дека срамот од патриотизмот не нè доведе никаде, логичен е обидот тој „одново да се роди“.



Но ако повторно се монополизира патриотизмот од страна на конзервативните сили, кои го разбираат застарено и тесноградо, тогаш одново се отуѓува значаен дел од населението; нивната љубов кон својата земја не е помала од љубовта на конзервативците. Одбивањето на луѓето да бидат признаени како патриоти врз основа на нивниот пол, сексуална ориентација или политички убедувања не е само штетно за тие лица, туку и за нацијата во целина. Едноставно кажано, постојат жени патриотки, и лезбејки патриотки (меѓу другото).

Исклучувачкиот патриотам својата основа е саморазорен, оти не успева да го искористи целиот потенцијал и страст на сите свои граѓани во заедничкото тежнеење кон градењето нација. Исклученоста не само што ги поткопува разновидноста и богатството на македонското општество, туку поттикнува поделби наместо единство. Сето ова го спречува општествениот напредок, го задушува конструктивниот дијалог и го намалува колективното чувството на припадност кое е суштински за здравиот развој на која било заедница. Вистинскиот патриотизам процветуваво вклученоста и во препознавањето дека силата на нацијата лежи во прифаќањето на разноликата ткаенина од искуства, верувања и придонеси на сите граѓани.



Во сегашнава состојба на паника, лутина и немоќ, се создаваат несигурности и фрустрации кај народот и лесно е да се смеша патриотизмот со национализмот. Кога несигурноста кај групите почнува да надвладува, дефанзивно се претвораме во агресивни животни.

Треба да разбереме дека Македонци се сите кои имаат македонско државјанство. Да се сака една држава значи да се сакаат сите кои во неа живеат и плаќаат данок. Да се сака државата значи да се обезбеди квалитетен здравствен систем за своите граѓани; да не се касапат урбанистичките планови; да си го собираш ѓубрето зад себе и да не го демолираш секој објект кој не е твој; да се создава на македонски јазик, да се инвестира во културата која ќе остане да живее и по нас, итн. Тоа значи да се сакаат заедницата и државата.

Додека се караме дали жените треба да имаат еднакви права, дали ЛГБТ лицата треба да имаат воопшто права, младите (кои не гледаат смисла во расправање и надвикување) ќе си отидат, и тука ќе останат само конзервативните самопрозвани патриоти, да се гушат во загадениот воздух.

Време е да ја редефинираме националната гордост, усогласувајќи ја со вредностите на толеранцијата, почитта и меѓусебното разбирање.



Стрип кадри: Digital Comics Museum
Извор за текстот: Trn.mk

ОкоБоли главаВицФото