Зошто Исланд е најдоброто место во светот да се биде жена?

02.11.2016 00:54
Зошто Исланд е најдоброто место во светот да се биде жена?

 Настап на Reykjavíkurdætur („Ќерките на Рејкјавик“), исландски феминистички рап колектив кој рапува за родовите прашања. Фотографија: Николас Роудс

Од 1975 година, нордиската земја ја расветли патеката на родовата еднаквост и сега, од рано детство до мајчинство, жените и девојките уживаат во прогресивен начин на живот. Како го постигнаа тоа?

Ребека е толку малечка што, дури и кога ќе застане на прсти и ќе ги крене рацете во воздух, не може ништо да досегне. Па, учителката ја поткрева за да ја дофати гранката. „Еден, два, три“, одбројуваат нејзините соученици. Таа решително виси. Кога ќе стигнат до 10, скока на земјата. „Јас сум силна!“ – извикува Ребека со гордост.

Уште едно вообичаено утро за групата деца од ист пол на тригодишна возраст во градинката „Laufásborg“ во Рејќавик. Во наставниот план нема играње со кукли или материјали за декорирање колачиња. Наместо тоа, Маргарет Пала Олафсдотир, основачка на училиштето, раскажува: „Ние ги обучуваме нашите девојки да го користат својот глас. Ги обучуваме да стекнат физичка сила. Ги обучуваме да стекнат храброст“.

Тоа е фасцинантен пристап кон образованието. И популарен. Во земја со само 330.000 жители, постојат 19 такви основни и детски училишта, кои работат на тоа да ги зајакнат девојките уште од рана возраст.

Во изминатите шест години Исланд се наоѓа при врвот на листата на Светскиот економскиот форум - во однос на родовиот јаз; изгледа наскоро одново ќе го освојат самиот врв. The Economist неодамна го именува Исланд за најдобро место во светот за работа за жените. Како за споредба, Велика Британија го достигна 24-то место. Се чини дека филозофијата на Олафсдотир добро им прилега на прогресивните достигнувања на нацијата;  нејзината мрежа на училишта постои помалку од дваесет години. Значи, ако децата од предучилишна возраст обучени во областа на феминизмот не се причина за оваа успешна приказна за родот, тогаш која е причината?

Историјата може да ни обезбеди заклучоци. Со векови жените од оваа поморска нацијата останувале дома додека нивните сопрузи патувале низ океаните. Без мажи во домот, жените играле улоги на фармери, ловци, архитектки, градителки. Тие ги организирале финансиите и биле од суштинско значење за способноста на земјата да напредува.

Во 1975 година на жените во Исланд им дошло преку глава. Не само зашто не биле соодветно платени за својата работа, туку почнува ужасно да им пречи недостатокот на политичка застапеност: деведесет проценти од жените никогаш не биле застапени во парламентот. Значи, согласно со позадината на глобалното феминистичко движење, жените од Исланд одлучуваат да ги преземат работите во свои раце.

Во тоа време огромните колони од жени на улиците биле веќе испробана форма на активизам. Во 1970 година илјадници жени протестираа на Петтата авенија во Менхетн. Во Велика Британија истата година 20.000 жени маршираа во Лидс против дискриминаторските плати. Она што го направи денот на протестите во Исланд на 24 октомври 1975 година толку ефективен е бројот на жените кои учествуваа. Тоа не беше само влијанието на 25.000 жени - кои во тоа време биле една петтина од женската популација - кои се собраа на улиците на Рејкјавик, туку 90% од женската популација на Исланд која одеше на сите на домашен терен организирани протести. Наставнички, медицински сестри, канцелариски работнички, домаќинки кои ги спуштија своите алатки и не отидоа на работа, да се грижат за децата или дури и да готват во сопствените кујни. Сето тоа само за да докажат колку се неопходни.

Тордис Лоа Торхалсдотир, извршниот директор на туристичката компанија CEO, тој ден бил на улиците: „Имав десет години во тоа време, и се сеќавам многу јасно како стојам таму со мајка ми која се бори. Сé уште можам да ја почувствувам толпата и моќта која владееше таму. Големата порака беше дека ако жените не работат, целата заедница е парализирана – целото општество“.

Reykjavíkurdætur
Фотографија: ITV News

„Грасрутс“* активизмот на такво ниво очекувано имаше значајно материјално влијание. Во рок од пет години земјата ја имаше првата, во светски рамки, демократски избрана жена претседател – Вигдис Финбогадотир. Сега, во своите осумдесети години, оваа дама со челичен поглед ми раскажува за влијанието кое денот на протестот го имал на нејзината сопствена кариерна траекторија.

„Никогаш немаше да бидам избрана во 1980 година, ако тоа не се случеше на женскиот ден на акција ... зашто кога мојот претходник најави дека тој нема повторно да се кандидира, гласовите веднаш се раширија: сега ќе мора да имаме жена меѓу кандидатите.“

Наскоро следуваа други значајни настани. Беше основана исклучиво женската политичка партија - Женски Сојуз. Беа избрани повеќе жени во парламентот, а до 1999 година повеќе од една третина од пратениците се жени.

И тогаш, во 2000 година, законодавството за родителско отсуство стапи на сила: со која личност и да зборував го истакнува овој момент како клучен во однос на маршот на Исланд кој се најде на врвот на табелата за родова еднаквост. Денес секој родител добива три месеци платено отсуство кое не се одработува. Родителите тогаш имаат дополнителни три месеци кои можат да ги искористат како што сакаат.

Бидејќи платите се значајни 80% од плата која достигнува до 2300 фунти месечно, и бидејќи се базира на „искористи или изгуби“, 90% од татковците во Исланд ги земаат своите татковски одмори. Ова парче социјален инженеринг има големо влијание врз мажите како и врз жените. Не само што жените се враќаат на работа по раѓањето побрзо отколку порано, тие побрзо се враќаат и на работното ниво пред породувањето. Истражувањата покажуваат дека по искористувањето на одмор од три месеци, татковците продолжуваат да бидат значително повклучени во грижата за децата и да бидат поангажирани во домаќинството. Се чини дека споделување на родителските одговорности и задолженија од самиот почетокот прави разлика.

„Ова е добро место да се биде жена“ – вели Торхалсдотир. Навистина е. Речиси 80% од жените во Исланд работат. Благодарение на задолжителните квоти, речиси половина од членовите на одборот на котираните компании се жени, додека 65% од студентите во Исланд и 41% од пратениците се жени.

И покрај тоа, сепак, жените кои ги сретнав на моето патување беа јасни дека земјата треба уште многу да работи во однос на овој проблем. Тие сé уште имаат помала економска моќ од мажите - само 22% од менаџерите се жени; само 30% од експертите на телевизија се жени; и жените сè уште заработуваат околу 14% помалку од мажите. Рекордот во Исланд на сите овие фронтови е подобар од повеќето земји. Во Велика Британија платата на жените е 18% помала од онаа на мажите.

Родовиот јаз во однос на платите е она што најмногу ме збунува. Како може тој јаз сé уште да биде толку голем со оглед на огромните напори кои државата ги прави да ја ублажи „казната за мајките“? Не само кога станува збор за родителското отсуство, туку и со огромните субвенции во детските градинки и училишната грижа?

Објаснувањата варираат: од она дека жените најчесто одат во помалку добро платени професии, до плаќањето казна за работа со скратено работно време (случај кој постои и во Велика Британија), до проблемот со времето што е потребно за да се искоренат имплицитните родови предрасуди на работодавачите.

Стини Скуладотир, една од „Ќерките на Рејкјавик“ (Reykjavíkurdætur), феминистички рап колектив кој рапува за родовите прашања, вината делумно ја препишува на одбивањето на жените да побараат доволно платена компензација. Раперот Блоер Џохансдотир се согласува. „Како да не можеме да бидеме дрски. Би требало да бидеме скромни.“

Се враќаме назад во училиштето, а Олафсдотир го соопштува следново: „Доколку од рана возраст учите дека не го добивате вашиот праведен дел, доколку сте научени и воспитани на чекање, што очекувате?“

Исландската влада вети дека ќе го затвори случајот со родовиот јаз во платите до 2022 година. Жените во оваа земја продолжуваат да бидат високо организирани и социјално свесни. Неверојатен е податокот дека една третина од жените во Исланд се членки на групата на Фејсбук, иронично насловена „Совети за убавина“, во која активно се дискутира за родовите прашања.

Историјата нè учи дека напредокот не доаѓа во вакуум и дека притисокот на „грасрутс“* иницијативите заедно со инвестирањето во политиката е многу моќен катализатор за промени. Во Исланд, се чини дека го имаат и едното и другото.

„Исланд е добро место да се биде жена“

Фотографија: Лофтур Арсгерсон, Градски Музеј на Рејкјавик

 

*Иницијативите од народот или „грасрутс“ (англ. Grass-roots) е термин кој означува јавна или политичка активност и организирање на широки социјални слоеви, обично личности со право на глас, со цел да се поддржи одредена политичко или социјално движење за промени. Во социјалната работа и другите општествени науки, „грасрутс“ значи и вид на организација на ниво на заедница или стратегија за помош на локално ниво. За „грасрутс“ иницијативата карактеристично е да спојува личности со развиени меѓучовечки односи (на пример, соседи) и заедничките цели, а фокусот да биде на организирање на личностите кои ќе бидат опфатени од резултатот на промените, повеќе отколку организирање на лидерите на заедницата. Овие иницијативи и стратегии вклучуваат едукација и мобилизирање на луѓе за акција кон однапред одредените цели.

 Извор: www.theguardian.com

Слични содржини

Активизам / Свет
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото