Патот на Чен Гуангченг

11.05.2012 10:22
Чен Гуангченг

Во текот на годините, животниот пат на Чен Гуангченг беше инспирација, протест и, понекогаш, мрачна фарса. Сега, исклучиво со силата на личната волја, неговиот живот за Кина и САД претставува можност.

Пред неколку дена, Чен се искраде од селската куќа во руралната провинција Шандонг, каде што со своето семејство беше држен во куќен притвор од 2005 г. Доколку Ченовите чувари обрателе внимание на неговото минато, би можеле да претпостават дека тој човек нема да се помири со ограничено движење. Слеп од раѓање, со селско потекло, еднаш во младоста поминал пат од 650 километри до Пекинг, за да предаде жалба за решение за данок. Подоцна започнал да учи масажа и акупунктура – што се едни од малкубројните работи допуштени на слепите во Кина – но тоа го жртвувал за да запише право, и подоцна стана еден од првите адвокати кои се застапуваа за жените подложени на принуден абортус и стерилизација поради „политиката на едно дете“. На крајот, неговите чувари можеле да се присетат дека тој во летото 2005, кога побегна за последен пат, излегол од куќата после девет навечер, бидејќи мракот му нудел предност. Овој пат повторно побегна ноќе, и со помош на пријателите стигна до Пекинг. Сега се верува дека е под заштита на американски дипломати. (Тие не го потврдија тоа.)

Случајот на Чен со години претставуваше незгодна дамка на кинескиот пат кон реформите; секој чекор кој го направи земјата кон поголемо владење на правото или одговорност на правосудството го ограничи фактот дека централната власт во Пекинг, откако Ченовите спорови во 2005 ја засрамија неговата локална влада, не може или не сака да го заштити од систематско злоставување од страна на локалните апаратчици. Неговиот случај во 2006 г. се претвори во своевидна авторитарна трагикомедија, кога Чен, некогаш славен во локалните весници поради својата одлучност да стане адвокат, беше осуден на четири години и три месеци затвор за „уништување на сопственост“ и „собирање маса народ со цел прекин во сообраќајот“ – иако во тоа време беше во куќен притвор. Овој случај повеќе не можеше да го разбере дури ниту кинескиот локален печат. Во октомври, Global Times напиша дека „случајот на Чен Гуангчен е преувеличен до таа мерка што сега претставува огледало на човековите права во Кина, и зигледа дека нам ни е потребна поискусна власт која би можела да го реши овој чир.“

Откако е пуштен од затвор, Чен помина деветнаесет месеци во неофицијален куќен притвор, без правна основа; забранет му е контакт со надворешниот свет, и често е физички напаѓан. Како и многу други, и јас се обидов да го посетам. Беше тоа во 2005 година, и стигнав до дворот на неговата куќа кога ме опкружија полицајци во цивилка. Ме внесоа во такси, ме испратија назад, и ме следеја со автомобил до главниот пат. Меѓутоа, оваа недела на Чен му тргна од рака она во кое не успеаа десетици репортери, адвокати и активисти – и најмалку една холивудска ѕвезда: го испрати својот глас во светот. „Ја молам кинеската влада да ѝ осигура безбедност на мојата фамилија во склад со принципот на владеење на правото“, рече на видео снимката во својот апел до кинескиот премиер, снимена додека се криеше во Пекинг, која сега е достапна за сите. Во пораката комбинирал адвокатски жаргон – „како оштетена странка, овде ги товарам за следниве кривични дела“ – со медицински и логистички детали за сопствените маки, вклучувајќи ги и повредите со кои се здобила неговата жена, Јуан Веиџинг, кога ја претепале стражарите: „левата јагодична коска“, „протрузија на лумбалниот диск“. Но, највпечатливиот пасус не се однесува на насилството. Тој зборува за распоредот на стражарите да го држат изолиран и замолкнат, што е слика која во кинеската историја ќе остане забележана како олицетворение на режимот престрашен од сопствениот народ.

Еден тим стражари сместени се во самата куќа, а други надвор, од сите четири страни на куќата. Малку потаму, го блокираат секој пат кој води до мојата куќа, и разместени се долж целиот пат до селото. Седум или осум луѓе се задолжени да ги чуваат мостовите во соседните села... на друмовите кои водат во моето село, секојдневно стражарат до дваесет и осум стражари... Колку што сфатив, во мојот прогон вкупно учествуваат отприлика стотина службеници и полицајци.

По бегството, Чен во својот апел постави неколку прашања. Го замоли премиерот Вен Џиабао да го заштити неговото семејство и да се позанимава со корупцијата која е причина за неговите неволји. Со тоа Чен му даде последна шанса на Вен, во последниот месец од неговиот напорен мандат, да ги исполни ветувањата за реформа на системот. Како што стојат работите, Вен ќе биде запаметен како добронамерен, но на крајот неефикасен заговорник на политички реформи. Ако би можел да ја заштити фамилијата на Чен и да ги доведе неговите мачители пред правдата, Вен зад себе ќе остави некаков резултат. Кинеската стабилност и економскиот раст – кои често се користат како аргументи против системските реформи – нема да претрпат никаква штета од казнувањето на злосторството кон Чен Гуангчен.

Тој постави и едно прашање до САД. Што е заедничко помеѓу слеп селски адвокат и повластениот шеф на партиската полиција Ванг Луџун – кој во февруари побегна во американскиот конзулат? Кога нивниот систем ги издал, обајцата, иако со сосема различни политички убедувања, побараа заштита од Американците. Со тоа треба да се гордееме.

Претпоставувам дека Чен не го избрал овој момент случајно. Следната недела, Хилари Клинтон, Тимоти Гајтнер и други бројни претставници доаѓаат во Пекинг на годишен Стратешки и економски дијалог. Дури и на американските претставници кои соучествуваат со Чен ќе им биде нелагодно. Кина им е потребна за дипломатска поддршка и притисок врз Иран, Северна Кореја, Сирија и други земји – и сигурно не сакаат да расправаат околу некој дисидент.

Но, без оглед на тоа, дојде време да се побара правда за Чен. На прашањето дали САД треба да му овозможи заштита, Сузан Шерк, поранешна претставничка на Стејт Депратментот, за Times изјави: „Слеп адвокат кого го прогонуват бидејќи разоткрил присилни абортуси? Мислам дека тука нема спор.“ Со други зборови, не е сосема јасно дали Чен е во амбасада или некаде на друго место, но тешко е да се поверува дека американската администрација не може да најде решение и да му гарантира безбедност. Сигурен сум дека ќе успее, но кога веќе тоа го прават, Американците би требало јасно да покажат дека еднакво се грижат за судбината на неговото семејство: неговата жена; братот Чен Кегуија; и активистката Хе Пеиронг, која му помогна да побегне.

Не е сосема јасно како ќе постапи американската делегација, но внимателно ќе ја следи ситуацијата. Засега својата стратегија ја откри единствено Чен. „Ако нешто муи се случи на моето семејство“, рече на снимката, „ништо нема да ме запре да го истерам докрај ова прашање.“

Извор: The New Yorker

ОкоБоли главаВицФото