Панк молитва за Богородица

19.03.2012 14:00
Pussy Riot

Во силната желба да се истакнат, членовите на феминистичката панк група Pussy Riot истрчаа во храмот на Христос Спасителот, се искачија на олтарот пред огромниот иконостас и со разнобојни чорапи навлечени на своите глави отпеаја песна која по својот уметнички квалитет, искрено кажано, заостанува зад оној граѓанскиот.

И што да се каже? Навистина се истакнаа.

Црквата реагираше веднаш и песната ја нарече „светогрда“. Па, секако дека е светогрда кога во рефренот на оваа ѓаволска песна упорно се повторува богохулна реченица – Богородице, избркај го Путин.

Се зборува дека патријархот Кирил лично го замолил Путин строго да ги казни храбрите девојки. А во Евангелието по Матеј, црно на бело пишува: „А Јас ви велам: Љубете ги своите непријатели и молете се за оние, кои ве гонат; за да бидете синови на вашиот Татко, Кој е на небесата, Кој прави Неговото сонце да изгрева над злите и над добрите, и дава дожд на праведните и на неправедните.“

Изгледа дека нашиот патријарх во православието залутал од некоја друга религија.

Се зборува уште и дека пред изборите Путин навистина лично наредил девојките да бидат пронајдени и уапсени, и судејќи според вредните истражни органи, сѐ укажува на тоа дека овие две приказни се вистинити.

И да резимираме. Путин не знае ништо за измамите и фалсификатите кои беа забележани на последните претседателски избори. За потопената платформа „Кольская“ (17 загинати), Путин по сѐ изгледа исто така нема поим. Тој никогаш, во ниту една реченица не ја спомена оваа страшна трагедија која во средината на декември минатата година се случи во Охотското море. Тој никогаш не реагираше на разни ситни и безначајни случувања кои постојано се споменуваат во сите изјави на платените агенти на Стејт департментот (заедничко име за сите опозиционери и учесници на последните демонстрации), како што беше сообрајќањата несреќа на Ленинската авенија или како што е смрта на Магнитски и доказите за тоа дека полицајците, иследници и чиновници на даночната инспекција и денес спокојно живеат и ги трошат чесно украдените 250 милиони долари. Тој никогаш не реагираше на обвиненијата на бизнисменот Морозов за тоа како државните чиновници, одговорни за градежните работи во Сочи, од него безочно изнудувале мито, на скандалот со фондот на Федерацијата кога Путин лично пееше и свиреше на клавир, а парите од доброволните прилози собрани на тој концерт никогаш не стигнаа во било кој онколошки центар или детска болница...

„Секако дека знаеме за тој одвратен инцидент“, по повод акцијата на феминистките им рече потпаролот на Путин, Димитриј Песков, на насобраните новинари. А вие, драги читатели, што мислите вие? Ќе го дочекаме ли некогаш мигот по повод смртта на макар еден руски граѓанин кој до смрт го претепале полицајци, или како бубашваба неказнено го прегазил некој богат државен чиновник, Димитриј Песков да ни се обрати ако не со иста, макар со слична реченица?

За Русија тоа се изгледа само безначајни трачеви. А „панк-молитвата“ на Богородица отпеана во храмот на Спасителот, за таа да се смилостиви и конечно да презеде одлучувачки чекори и да го истера Путин – е тоа е, како што гледаме, еден од најважните проблеми на руската сегашност.

Извор: Ежедневный Журнал

ОкоБоли главаВицФото