Вистинската победа на Путин

09.03.2012 15:47
Вистинската победа на Путин

За време на демократските избори, ние новинарите обично известуваме за одредени појави. Ги анализираме кандидатите и нивните ставови. Објавуваме испитувања на јавното мислење. По изборите, зборуваме за резултатите – кој победил, кој изгубил, и зошто.

За диригираните избори, како оние кои неделата се одиграа во Русија, потребно е друго известување. Ставовите на кандидатите се ирелевантни; ставовите на граѓаните се од маргинало значење. Ни прашањето кој победил, а кој изгубил не е интересно, бидејќи сите, дури и оние кои се платени да се преправаат дека не е така, знаат дека исходот беше однапред утврден. Пред две недели, се сретнав со еден руски амбасадор во една европска престолнина. Го прашав кој ќе биде следниот претседател на неговата земја. „Немам поим“, рече. А потоа, мора да му оддадеме признание, прсна во смеа.

Имено, кај диригираните избори не се важни изборите, туку диригирањето. Колку била убедлива пропагандата? Колку вешто власта ја гуши побуната? На крајот, поентата на диригираните избори не е во тоа да се избере победник, туку да се зацврсти легитимитетот на нелегитимниот режим.

Според овие критериуми, минатонеделните избори во Русија донекаде беа успешни. Судејќи по сѐ, милиони луѓе навистина гласаа – околу 64 проценти, според (можеби претераните) официјални податоци, макар што и набљудувачите зборуваат за „енергичното“ излегување. Ова е голем успех за вториот претседателски режим на Путин: се чини дека многу Руси уште веруваат, до одреден степен, дека има смисла да се гласа, дури и иако резултатот е однапред познат.

Режимот исто така насобра некои поени со тоа што не претеруваше во својата победа. Ако Владимир Путин го следеше примерот на претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, кој тврдеше дека освоил 80 проценти од гласовите во 2010, ќе испаднеше будала. Вака како што е, со 64 проценти, победата на Путин изгледаше некако изводлива – независните набљудувачи сметаат дека вистинската бројка е околу 50 проценти – иако призна дека и некои други луѓе освоиле гласови, со што на целата оваа работа ѝ обезбеди тенка глазура на уверливост.

Одлуката режимот да ги толерира масовните протести во Москва, макар до почетокот на гласањето, исто така беше успешна. На телевизиските екрани ширум светот немаше мртви трупови и крвави демонстрати, па така немаше ни осуди од Западот коишто би можеле да одекнат и во Русија. Всушност, демонстрациите од главниот град не се проширија низ целата земја – ниските температури помогнаа – па така, опозициското движење можеше да се отпише како урбано-помодарски феномен.

Но, имаше и некои значајни промашувања. Едно од нив беше победничкиот говор на Путин во неделата. Пред затворањата на гласачките места на далечниот исток на земјата, се прогласи себе за победник, служејќи се со емоционален речник кој обично се користи по завршување на долгогодишна војна. Ги осуди „обидите да се уништи Русија и да се узурпира власта“, и изгледаше како да плаче додека им зборува на своите симпатизери: „Ви ветив дека ќе победиме. Победивме. Слава на Русија!“ Подоцна неговиот претставник за печатот го обвини ветерот за солзите, но штетата веќе беше направена: ако штотуку сте победиле на избори на кои сте немале вистински противници – сите останати кандидати ги одобри режимот – и ако стотици луѓе пријавиле големи изборни неправилности, не би требало да ја истакнувате моралната важност на вашата победа.

Секако, не е лесно да се одржи таква рамнотежа. Од една страна, авторитативниот лидер кој победи на диригирани избори мора да се преправа дека гласањето има смисла. Од друга страна, не смее да се претпостави дека сите кои ќе го доведат до прашање неговиот легитимитет сега автоматски ќе исчезнат. Пред сѐ, мора да внимава да не испадне будала. Многу луѓе ќе толерираат малку претерување, но многу луѓе ќе толерираат агресивни лаги какви што Путин изнесе вечерта во неделата. Ако Путин се занесе во своите невистини – ако навистина поверува дека неговите противници се платеници на Хилари Клинтон, на пример, и ако почне да се однесува во склад со тоа – ризикува остра реакција од страна на граѓаните.

Можеби ќе дојде до таа реакција. Но сѐ уште не е дојдено. И покрај критиките во Русија и надвор од неа, и покрај вицовите на негова сметка, и покрај протестите на интернет и улиците, Путин победи на еден значаен начин: повторно стана претседател на Русија. Борбата Русија да се ослободи од неговиот корумпиран и отровен режим само што започна.

Извор: Slate

ОкоБоли главаВицФото