Има што да се каже

13.12.2011 13:03
Има што да се каже

Една мошне смешна приказна, господ знае дали е вистинита или не, веќе долго кружи зад кулисите на театрите на престолнината. Некогаш одамна, кога за некои масовни сцени во театрите биле ангажирани статисти, режисерот ги терал сите да научат една иста реченици и во претставата да ја изговараат многу пати на разни начини. И не само тоа. За до гледачот да стигнуваат само некои зборови и така да се предизвика ефект на неразбирлив жагор, режисерот ги учел сето она што ќе се изговара задолжително да биде целосно нескладно. А таа реченица била: „И што да се каже, кога нема што да се каже?“

Кога оделе на гостувања во внатрешноста, трупите секако дека патувале без статисти. Нив непосредно пред претставата ги земале од градот во кој гостувале. И така еднаш некој театар пристигнал во некој град во кој, како и секогаш во тие пригоди, помошникот на режисерот веднаш почнал да работи на изнајмување на „толпата“. Се обратил на градските власти за помош, градската власт задачата ја сфатила крајно сериозно и во театарот испратила импозантна група млади луѓе, студенти на блиската воена академија. Но, за несреќа, тие се појавиле само пет минути пред почетокот на претставата. Немало време за проба, па помошникот на режисерот набрзина им објаснил во што се состои нивната ни малку сложена задача, тие заедно кимнале со главите во смисла „сè им е јасно“ и претставата почнала.

Претставата одела по својот вообичаен тек и кога дошло време за тоа, толпата момчиња костимирани во селани одеднаш истрчала на сцената и остро, а што е главно складно и многу организирано, на цел глас викнала: „И што? Да се каже! Кога! Нема! Што! Да се каже!“ Што ќе правиш. Војска е тоа. Неразбирливиот жагор не успеал, а разбирливиот сложен хор, многу далечен од замислата на режисерот, успеал.

Ова ви го раскажувам затоа што до неодамна ми се чинеше дека токму тоа „и што да се каже“ почна да се издвојува од сеопштиот неразбирлив жагор на општеството и за жал, да добива сè почемерни, безнадежно невесели контури. И навистина. Што да се каже, кога веќе нема ништо да се каже.

А последните денови одеднаш, сосема јасно почувствував дека не е баш така, дека повторно има што да се каже. На пример, за тоа дека членовите на нашето општество, дури и оние најмрзеливите и најмалку љубопитните меѓу нив, малку се присобраа, како малку да живнаа. Или тоа мене само така ми се чини? Можеби моево чувство е лажно. Можеби тоа е засновано само на некој мој случаен впечаток. Но, тоа постои. А само до неодамна, не постоеше.

И работата не е само во ова, ако тоа воопшто може така да се нарече, во резултатите од последните избори. Иако, ако се земе предвид веќе сосема распојасаната измамничка изборна игра изведена директно пред очите на целиот чесен и нечесен народ, овие резултати се навистина впечатливи. Работата е во нешто друго. Работата е во тоа што кај многу граѓани одеднаш, речиси во ист миг, се разбуди веќе полузаборавеното чувство на одговорност и тоа што сите тие излегоа на избирачките места. Некои во улога на избирачи, некои во улога на набљудувачи. Еве, на пример, првпат во последните десет години, вчера и јас се појавив пред изборната комисија.

Знам дека мојот внимателен оптимизам, благо кажано, е преран. Знам дека тие момци нема тукутака да попуштат и да си заминат. Знам и дека нивната апсолутна аморалност денес веќе е очигледна за секого кого и малку го интересираат прашањата на моралот. Дека целиот нивен интелектуален потенцијал се троши исклучиво на уметноста на смислување и спроведување колку што е можно повеќе подли измами. Дека целата сила на нивната убедливост се темели или на простачкиот мит за чиновникот, или на пендрекот на зомбираниот специјалец. Дека нивната нелегитимност ниту за нив самите веќе не е тајна.

И токму затоа тие нема да попуштат и своите места нема да ги отстапат на други. Во најмала рака не доброволно. Тие бул терири со своите крвави заби не го зграпчија затоа телото на нашата несреќна земја. И секако, за да се одржат по секоја цена, тие во полна пареа ќе ги пуштат во погон своите специјални механизми за зачувување на власта, меѓу кои најчести се постојаното застрашување и дрската тотална лага.

Но, ние не смееме да попуштиме. Децата нема да ни простат.

Малку сме? Да, секако дека сме малку. Тегобно, срамно малку. А зарем во оваа од бога напутшена земја, во земјата во која, како што рече големиот Лесков, полесно е да се најде светец отколку чесен човек, луѓето што размислуваат, совесни и оние кои умеат да го бранат своето достоинство, некогаш имало многу? Но, тоа сме ние, такви какви што сме.

Херојството е судбина на малку луѓе и да се биде херој воопшто не е задолжително. Но, да мислиш дека во тебе има човечко достоинството, како и на тоа дека ти си задолжен со сите достапни средства да го браниш – тоа е неопходно.

Денес, како и во времињата на „развиениот социјализам“, повторно стана очигледно дека на една страна стоиме НИЕ, а на другата ТИЕ. И без намера кого било да го наговорувам на што било, ќе ја искористам оваа згодна прилика да го изразам своето лично мислење и да ИМ посакам дека освен фотелјата на која љубоморно седат и фалсификуваните гласачки ливчиња што ги држат во своите затреперени раце со кои ги наполнија гласачките кутии, ништо повеќе да не им преостане. Сите кои нешто знаат и умеат, со гадење да им се тргнуваат од патот не сакајќи да имаат никаква врска со НИВНИТЕ валкани работи. Меѓу научниците и уметниците, писателите и воопшто меѓу сите творци премолчено да биде прифатен општиот став дека соработката со тој мрачен талог, со таа нечесна багра, навистина е понижувачки срамен чин. Да останат сами со тие „популаризатори“ на своите големи идеи, со раскилавените пејачки и врескачките соработници секогаш подготвени, ако треба, со лесен чекор да побегнат. Како општествена база да им останат групите млади недоучени лигуши, сложно мавтајќи со знаменца и балони, сите заедно со оние коцкоглави кербери на влезот во нивниот крадачки рај.

Знаме дека ова, барем за некоја блиска иднина, е апсолутно неостварливо. Но, има иднина. Уште ние ќе се среќаваме со нив, не само денес и не само утре.

Ми се чини дека дојде мигот кога зборот „отпор“ стана клучен. Во која форма тој отпор ќе се изрази, зависи од личниот темперамент на секој од нас, како и од типот на културната и општествената средина на која ѝ припаѓа. И само пасионизираниот занес кој ни дарува отпор може сите заедно, и секој од нас посебно, да нè спаси од ова зло. Немојте да паѓате со духот и никогаш никому не му дозволувајте да ве смета за никој и ништо или подол полтрон. Тоа нема да помогне? Ќе помогне. Веќе помага. Последните денови сведочат токму за тоа. Мене барем така ми се чини, а јас се навикнав да ѝ верувам на сопствената интуиција.

Извор: Grani.ru

ОкоБоли главаВицФото