Граѓаните бараат владата почесто да носи странски богаташи

02.04.2012 13:41
Граѓаните бараат владата почесто да носи странски богаташи

Исчистени улици, отстранети контејнери и возила од коловозите и тротоарите, засилено полициско обезбедување. Вака изгледаше Охрид непосредно пред доаѓањето на најбогатиот човек на светот, мексиканецот Карлос Слим, кој присуствуваше на состанокот на Комисијата за широкопојасен интернет и дигитален развој формирана од Меѓународната телекомоникациска заедница и УНЕСКО, со која претседава тој.

Охриѓани беа пресреќни што на гости им дојде најбогатиот жител на планетата, но не поради него туку поради тоа што комуналните служби, за првпат во последниве дваесет години, си ја завршиле работата како што треба и целосно го исчистиле градот од ѓубре.

„Кога во неделата излегов на прошетка, душата ми се наполни“, вели Климе Наумоски, 63-годишен охриѓанец. „Никаде ѓубре, исчистени тревници, изметени улици, поткастрени гранки – милина“, додава тој.

И другите охриѓани се задоволни од хигиената во градот, но скептични се дека таа и понатаму ќе се одржува на истото ниво.

„Јас дури си мислам дека откако ќе си замине Карлос Слим, градските власти пак ќе го вратат и ќе го расфрлаат ѓубрето во градот“, вели Билјана Велјаноска, 52-годишна домаќинка од Охрид.

Откако ја увидоа користа од посетата на Карлос Слим, разни граѓански здруженија ја формираа организацијата „За почиста Македонија“, чија цел е да лобираат кај владата за почести гостувања на странските богаташи, а со тоа, конечно да се натераат градските власти и комуналните служби да си ја вршат работата за која добиваат плата.

„За почеток, ќе лобираме да ја донесат Мадона во Тетово, бидејќи условите во овој град се на најниско ниво од неговото основање. Потоа, планираме да го донесеме Бред Пит во Скопје, а пејачката Адел во Куманово. Имаме и други планови, но засега ќе работиме на остварувањето на овие“, вели Маријан Каменски, претседател на здружението „За почиста Македонија“.

Неофицијално, во неколку македонски града се формирале и други невладини здруженија чија цел е преку гостувањето на славни личности од светот да ги поттикнат властите и градските служби да си ја вршат работата.