Државниот концепт за среќа не е и мој

22.02.2013 11:21
Државниот концепт за среќа не е и мој

Бира да се насочи кон добрите вести и нејзината политика е солидарност со различните. „Работам на тоа да се зголеми општествената и личната моќ на жените, емоционалната писменост и можноста жените да бидат такви какви што сакаат. Целата екипа од Европа има, според мене, машки вредности, уста полна земја и ја смета трагедијата за повисока вредност од комедијата, којашто го афирмира животот и позитивните вредности. Сметам дека секое човечко суштество има искра во себе, важно е да се види убавината во другиот и да можеме да го избереме начинот на којшто ќе гледаме на животот. Јас бирам како ќе го живеам својот живот и со таа искра гледам на него“, вели Лепа Младеновиќ, активистка којашто две децении се бори против насилството и милитаризмот, а за унапредување на човековите права и слободата за сексуална определба. Поводот за овој разговор е неодамна доделената Награда за жени Ане Клајн, на фондацијата Хајнрих Бел, што ќе ѝ биде врачена на 1. март во Берлин. „Во текот на процесот на прифаќање на наградата, дознав дека ние жените, феминистките и лезбејките, немаме во телото „фајл“ за награди. Кога ќе ни кажат дека сме ја добиле, не знаме како се чувствуваме. Бев изненадена, но ниеден ден потоа не знаев што да правам со таа информација. Кога тоа ќе се погледне од феминистичка страна, јасно е дека на жените, како родова улога, не им е дозволено да се фалат себеси, ниту другите да ги фалат, па дури и кога ќе се случи тоа, тие не знаат што да прават во врска со тоа. Вежбам да го прифатам тоа (се смее). „Зошто токму јас“, „зошто не други“, знаете, тоа се еден куп сомнежи што низ историјата се типично женски, затоа што ние немаме модели на наградувани жени, па немам од каде да го извлечам моделот на жена којашто е среќна и задоволна со тоа што е наградена“, вели Младеновиќ и додава дека жените не може на кој било начин да бидат одговорни за положбата во којашто се наоѓаат. „Не постои одговорност за оние што немаат моќ да ја подобрат својата ситуација. Како кога Афроамериканците би ги прашале зошто биле робови, или Ромите зошто не им се обратат на „белите“ институции. Одговорните се оние коишто имаат моќ, коишто ја прават хиерархијата и тоа е класика во рамки на патријархалниот систем: оние што се на власт да останат таму, а некој постојано да биде исклучен од можноста да учествува во поделбата на моќта.

Како изгледа мануфактурата на хиерархијата?

Веќе 20 години работам како консултантка со жени што преживеале траума, значи работам со емоции. Жените имаат огромна серија емоции чиишто товар го носат и кои не им даваат простор да го бираат својот живот. Самите не го избрале тоа, туку општеството и неговата хиерархија ги направиле тие поделби, жените да имаат помала моќ и да бидат жртви на насилство. Еднаш седмично, во Србија една жена е убиена од нејзиниот сопруг, поранешен сопруг или партнер, само затоа што е од женски род.

Колкави се казните за сторителите?

Еден ден сигурно ќе се направи истражување. Знам дека некои не добиле никакви казни, некои успеале да се извлечат, некои добиле минимални. Важно е дека постои феминистичко движење што веќе 20 години работи на темата на машкото насилство и собира податоци. Убивањето и злоупотребувањето на жените трае веќе илјадници години, не е ништо ново, само има нови облици.

Дали српската траума си има своја генеза од деведесеттите до денес?

Не верувам дека постои „српска траума“, не верувам во нацијата како единствена категорија. За мене националноста е избор и бирам да не сум од српска националност. Не се чувствувам како граѓанка само на Србија, туку и на целиот регион што говори српско-хрватско-бошњачко-црногорски јазик. Во Србија емоциите се политичко прашање, односно конструкција. Хуманистичкото движење вели дека тие се општествен конструкт и дека секоја личност има склоп емоции што зависат од личната, семејна ситуација, но таа е и дел од општеството што тука постојано дискриминира преку хиерархијата за којашто зборувавме. Јас, којашто сум бела жена, лезбејка, имам привилегија во однос на Ромката, но од друга страна, имам конструкт емоции што произлегува од тоа што сум лезбејка и немам граѓански и човекови права што во оваа држвата ги уживаат белите хетеросексуални жени.

Како ја рационализирате поддршката за откажувањето на геј парадата и недостигот од свест за тоа дека прашањето на сексуалните слободи е прашање за сите нас?

Феминистичкото движење на коешто му припаѓам замислува свет во којшто сите сме различни, со еднакви права. Чекорам по патот на солидарноста, соработката и грижата за другите, додека државата и општеството имаат друга концепција. Таа е поинаква, заснована врз целосно поинаков, националистички концепт што е исклучлив според сите категории и не се грижи за своите луѓе затоа што има тотално необичен концепт за среќа.

Вие сте прва којашто го споменува државниот концепт за среќата?

Државата би морала да се погрижи граѓаните и граѓанките да бидат среќни, да се веселат, да бидат исполнети, но оваа држава сигурно не го прави тоа!

Плански или поради неспособност?

Таа има поинаков, националистички концепт за среќата заснован врз хиерархијата и исклучувањето. Тој концепт има моќ да мисли само за себе, и никако за другите – другите мора да бидат исклучени, како што сум јас. Нив не ги интересираат моите граѓански права. Нивниот концепт за среќата е во убивањето и печењето јагне, ќебапите и ракијата. Тоа е екстремно машки, сексистички, патријархален концепт за среќа.



Неодржувањето на Прајдот е капитулација на државата и правото?

Да, сето тоа заедно: капитулација на државата, општетсвените вредности и општеството што не ги ни произведува. Се разбира дека е капитулација, и повеќе од тоа.

Може ли да постои нешто полошо од државата којашто потклекнува пред заканите на хулиганите?

Може, кога ви е срам. Мене ми е срам од државата во којашто живеам, но националистичката и ултрадесничарската екипа што е на власт не може да уништи сосема сè, иако може да го намали нашиот успех. Добрите вести ги создаваме сами, а од државата доаѓаат само лошите.

Претседателот на „Наши“, Иван Ивановиќ, ѝ упати смртна закана на Соња Бисерко во телевизиско студијо, и тоа во присуство на министерот за правда Селаковиќ, кој молчеше.

Тоа е недопустливо! Во текот на последните 20 години, националистичката група особено се етаблираше. Смртна закана!? Знаете ли колку пати сме слушнале дека ќе нè исечат на парчиња и ќе нè сомелат во машина за месо, ќе нè спалат на клада; и лезбејките, и геј мажите, и Соња Бисерко, и Наташа Кандиќ, а тоа е огромна листа, не само во Србија, туку и во БиХ, Македонија, Косово, во целиот регион. Копираат едни од други, тоа не е специфично за оваа група, туку тоа е дел од фундаментален национализам што, во склад со јакнењето на капитализмот, насекаде зеде голем замав.

Како се вика тоа, кога министерот за правда ќе ја изедначи реченицата „Косово е независна држава“ со „ќе го убиеме секој оној којшто тоа јавно ќе го каже“?

Тоа е злосторнички говор на една неодговорна држава што не се грижи за граѓаните и граѓанките. Радикалните феминистки тоа би го нарекле профашизам, затоа што ако министерот не реагира на проблемот што е во негова ингеренција, тоа значи дека го поддржува. „Наши“ се дел од идеологијата на оваа држава.

Зборувате за листи што може да ги охрабрат будалите спремни на сè?

Се разбира, тоа е знак дека државата и општеството постојано произведуваат ултранационалисти кои ги има сè повеќе. Со зборувањето за нив им даваме премногу простор, а сакаме да бидат на маргините, затоа што има други сили во ова општество што треба да се истакнат, а коишто се косат со нив. Постојат пет феминистички организации во Србија, што самите себе се произведоа и рекоа „ние сме доброволната црна листа“. Ние мора да бидеме на листите на предавниците на српството: Соња Бисерко, јас и целата екипа што уште во 1991 година беше претворена во предавници.

Не се согласувам со колегите што тврдат дека државата нема врска со хулиганите, туку пред сè, таа ги злоупотребува?

Точно! Кога министерот не реагира значи дека ги користи нив. Не постојат „хулигани“! Кога се прават погрешни анализи се мисли на наивната маса момчиња што само сакаат да се тепаат. Всушност, тоа е политичка категорија и хулиганството не е одвоено од државата и партијата, тоа постои за истата цел и заедно со нив. Во 2001 година, ние имавме Масакр Прајд во Белград и целосно ни беше јасно дека тие 800 таканаречени хулигани беа таму затоа што имаа поддршка од политичарите, претседателот и Српската православна црква, кога на Плоштадот на републиката, високо позиционираниот свештеник на СПЦ ја поддржа масата да нè тепа. Тоа не се ни клинци, ни хулигани, туку дел од државата, партиите и црквата.

Државна неформална војска?

(се смее) Да, државна неформална екипа за тепање на неистомислениците.

Како да се допре до оние кои не ве разбираат?

Има стотици рецепти, луѓето се различни и секој реагира на свој начин. Сфативме дека е важно ние самите да зборуваме во прво лице! Дека е важно сосетките да сфатат дека жената од соседството живее лезбејски живот, а тој е поинаков од хетеросексуалниот. Да разбереме кои се разликите, да ги запознаеме и да ги научиме. Биографиите го намалуваат сексизмот, национализмот и хомофобијата. Друг начин е да лобираме кај државата да ги промени своите закони и да обезбеди еднакви права за сите.

Претпоставувам дека не ви одговара актуелниот Устав?

Сигурно дека не! Уставот не ме препознава како лезбејка. Уставот не ги гарантира сите граѓански права, искоренувањето на сиромаштијата и не ги дефинира границите на оваа држава. Го поддржувам правото на самоопределување на Албанците да имаат своја држава, а ние би имале посреќна Србија кога би го пуштиле Косово и би се занимавале со луѓето кои немаат храна и основи човекови права.

Гарнитурата од врвот нема проблем со крикот „царот е гол“?

Се разбира дека нема, кога е националистичка. Тотален срам. Како да му се објасни на некој од надвор кој е денес на власт во Србија?

Тројца што за многумина од нас се – воени злосторници?

Сигурно се воени злосторници. Државата не направи денацификација, што е мое барање како Жена во црно – сите оние што беа вмешани во воените злосторства да се отстранат од местата на моќ и да се извинат за злосторствата што се направени во наше име.

Додека народот и интелектуалната елита молчат?

Молчат, нема бунт, но не смее да се занемари фактот дека постојано има некои мали бунтови. Жените во црно непрестајно се на улиците уште од 1991 година.

Што ви кажува „улицата“ сето ова време?

Во времето на Милошевиќ, сакавме на јавен простор да ги изнесеме своите тела, намерно во црна боја. Рековме „не, во наше име“ и „не дозволувајте да бидете излажани од своите“. Не на татковците, не на шефовите, не на бога и не на претседателот. Кога живеам во држава во којашто секое утро ми е мака од сè што направила, а за да бидам граѓански одговорна важно е да сторам нешто, за воопшто да можам да живеам, иако совршено добро знам дека мировното движење не ја сопре војната.

Кога човек станува стар?

Таа одлука е лична и општествена. Имам 58 години и се чувствувам одлично, меѓутоа една Ромка, жена што преживеала сексуално насилство, лезбејка од село во оваа држава, не може да избере живот каков што сака, ни работа што сака да ја работи, ни колку долго ќе живее. Кога таа ќе биде стара и кога јас ќе бидам стара, тоа зависи од дискриминацијата и општествените хиерархии, а дури тогаш внатре во себе можеме нешто да избереме.

 Извадок од образложението на одборот за доделување на Наградата за жени Ане Клајн, при фондацијата Хајнрих Бел:

„Лепа Младеновиќ е втората добитничка на Наградата на жени Ане Клајн. Таа е српска интелектуалка и активистка, застапничка на мирот и човековите права. Особено е посветена на правата на жените и правата на луѓето чијашто сексуална ориентација и родов идентитет отстапуваат од нормите на мнозинството. Клучни точки во нејзината работа се сексуалното политичко насилство во војна и во мир, превенцијата на насилство и справувањето со трауми. Исто така, нејзиниот ангажман ги надминува границите на Србија.
Таа е активна членка и коосновач на многу организации и мрежи, меѓу коишто се и Жени во црно, понатаму Аркадија и Лабрис, организации што ги застапуваат правата на лезбејките“.

 Извадок од соопштението на Барбара Унмусиг, потпретседателка на фондацијата Ханријх Бел и престедателка на одборот за доделување на наградата:

„Лепа Младеновиќ е исклучителна личност, соединувајќи политичка храброст и интелектуален ангажман, како и практично советување на жени што претрпеле траума, политичко лобирање и научно истражување. Таа постојано се изложува на опасности, а при застапувањето на правата на хомосексуалците во Србија, човек треба да биде бестрашен. Сериозната дискриминација и непријателски однос од страна на најголем дел од луѓето како и од државните власти се секојдневие и животна реалност за хомосексуалците во регионот.

Наградата за жени Ане Клајн е јасна политичка изјава против хомофобијата во Србија како и во многу други земји, на начин што ја поддржува и изразува отворена солидарност кон работата на Лепа Младеновиќ и останатите застапници на правата на лезбејките во Србија“.

Извор: Dnevnik, Novi Sad, 17.2.2013; Heinrich Böll Stiftung