Олга Димитриевиќ: Независната сцена учествува во репродукција на капиталистичките модели

05.09.2015 14:04
Олга Димитриевиќ: Независната сцена учествува во репродукцијата на капиталистичките модели

Низ вашата работа се провлекуваат, како што критиката сака да го нарече тоа, женски теми. Јасно е дека всушност станува збор за положбата на ЛГБТ заедницата, но за разлика од актуелниот наратив на човечките права, во својата работа го внесувате и прашањето на класите. Колку тоа е важно денес и дали самата ЛГБТ заедница треба појасно да се занимава со општествените прашања кои се однесуваат на работниците и социјално загрозените групи?

Прашањето на класите, според мене, и понатаму е едно од најважните, и неминовно ќе наидеме на него и во приказната за ЛГБТ заедницата и мигрантите и работниците, веќе е присутно на некаков, па макар и скриен начин. Меѓутоа, тука ми е поинтересно тоа што ме прашавте колку ЛГБТ заедницата би требало да се занимава со прашања како класните позиции – тоа имплицира дека ЛГБТ заедницата да нема никаква врска со класата, како да е во прашање одвоен идентитет, но мене не ме изненадува таквата претпоставка. Кога е во прашање белградскиот контекст, инсистирањето на политиките на идентитети и еден сервилен однос кон државата преку доделувањето разни самодоволни признанија и награди на министрите и полицијата и другите инстанци на државата, доведе до тоа српскиот мејнстрим ЛГБТ активизам, да се изразам така, да се одроди од народот, и заради тоа да се перцепира како нешто бело-машко-среднокласно, што потполно ја занемарува пошироката општествена слика. За нас од заедницата е важно повеќе да не нè претепуваат на улица и да се регулираат правните прашања, но истовремено е важно дали тоа ќе стане движење на отпор и солидарност, способно да се вклучи во пошироките фронтови на борбата, или ќе остане затворено во своите партикуларни борби кои дури не го ни вклучуваат поголемиот дел од заедницата. Во моите текстови, левите политики се неодвоени од ЛГБТ прашањата и феминизмот, но тоа е релативно лесно да се изведе на индивидуално ниво. На макро план, тешко може да дојде до такво вклучување ако процесот не е двонасочен. За левицата, ЛГБТ прашањето, како и феминизмот, мора да биде прашање на принцип, а не лесно да се отфрлаат како наследство од либералите, и мора да постои чувствителност за маргинализираните позиции на општествените групи и специфичности што тоа ги носи со себе.

Политичко освестување со емоции

Своите текстови ги пишувате јасно и едноставно, со силна мелодраматична фолк нота. Дали мислите дека на тој начин полесно допирате до пошироката публика, односно, како на некој начин да не сакате да ги комплицирате и онака комплицираните теми?

А, зошто да се комплицира? Некогаш ми изгледа, а особено кога пишувам драми, дека треба да се вратиме на основите, како што се вели back to basics, и одново да се одреди што е црно, а што бело. Транзициската логика и пропаганда малку ни ги измеша лончињата, постојано со приказната дека системот би бил идеален кога не би имало корумпирани, нечесни, вакви, онакви, па бевме склони да поверуваме дека постојат добри приватизации, дека Народноослободителната борба била речиси окупација итн. Затоа ми изгледа дека прво треба повторно да ги поставиме нештата на свое место. На пример, кога зборуваме за приватизацијата, механизмите кои се користат за одземање на заедничкиот имот се комплицирани, но многу е јасно кој има корист од тоа, а кој настрадал, како што е јасно кои биле антифашистите во Втората светска војна. Во тој контекст, мелодраматичното е важно за да ѝ се додаде на целата приказна и афективна компонента, едноставно, политичкото освестување не оди без емоции.

Неодамна гостувавте на трибината „Што произведуваат работниците во културата?“ која беше организирана во белградскиот Културен центар Рекс. Што, во идеолошка смисла, денес произведува она што колоквијално се нарекува независна сцена во Србија?

Тука е и прашањето што е независна сцена и колку е хетерогена. Но, она што го забележувам е дека често, кога е во прашање односот кон луѓето ангажирани на проекти на независната сцена, односот, на пример, кон работничките права умее да биде ист или полош отколку во големите компании или корпорации. Се разбира дека проблем е и големата автореференцијалност и нашето чувство дека правиме важни настани на кои се вртат истите стотина луѓе, но за нас работата често е прашање на преживување, не само во економска смисла туку и во ментална, и потоа запаѓаме во замки како што е согласувањето со ненормални услови за работа, апсолутна потплатеност, некритички сојузи со „креативните индустрии“, проектно условување. И на крајот завршуваме со тоа што независната сцена ревносно учествува во репродукција на капиталистичките модели кои ги живееме во моментов. Културниот свет често умее да им го забележува на другите токму она на кое самиот воопшто не е имун.

Колкав потенцијал гледате во ангажираниот театар? Дали ве измачуваат оние вечни прашања за тоа колку тој ангажман е производ, а колку некаков мал зачеток на еманципација, производство на знаења, најпосле и промени?

Зависи за која форма на ангажиран театар зборуваме. Во последно време, на пример, имам голем проблем со ангажираниот театар кој го потенцира еден дел од критиката во Србија, која, повеќе или помалку, сè што не е експлицитно и наводно „во главата“ моментално го отфрла како општествено неодговорно. А мене ми изгледа дека таквиот вид ангажиран театар всушност создава еден перфиден сојуз помеѓу политиката и изведувачите, во кој општествениот проблем за кој се зборува во таа создадена театарска ситуација никако не се однесува на нив, туку на „оние таму“, надвор од театарот. Со други зборови, „ние“ сме ангажирани и храбри, а „оние таму“ се некултурна и политички несвесна маса. Сосема јасно, во тоа е содржана и класната компонента голема колку една куќа. Во тој контекст секогаш со поголемо задоволство ќе речам дека јас пишувам тажни љубовни приказни. Меѓу другото, и заради тоа мислам дека театарот мора да се преиспита и реорганизира. Можеме да правиме поединечни политички и субверзивни претстави колку сакаме, но ако театарот остане ваков, буржоаски, напуштен, како институција на висока култура за избрана публика за која одењето во театар е знак на општествен статус, сè што правиме, колку и да се чини субверзивно, ќе се движи во рамките на структурно зададената рамка која одржува статус кво. Тоа се гледа добро кога ќе се потегне приказната за финансирањето, сите се жалат заради намалување на буџетите, но аргументацијата не оди подалеку од тоа дека ако нема театар, тоа влијае на културното пропаѓање на нацијата. Кога пред неколку години културните работници правеа протест, во прогласот пишуваше „Не сакаме силиконски убавици, сакаме уметнички акти“. Дури и да го затвориме едното око за оваа мизогинија, извинете, што е со работните места, прекарната положба, распределбата на општествените средства, што е со значењето кое не се исцрпува само во културните навики туку на некој посилен и поцелисходен начин учествува во општествениот живот?

Во текстот „Колку е добро што те гледам повторно“ се занимавате со прашањето на солидарноста и здружувањето на послабите. Индивидуализмот на поединецот, славен како врвно достигнување на современото општество, денес во целост ѝ се спротивставува на идејата за заедничка борба. Колку самите автори се подготвени да му се спротивстават на својот индивидуализам, па дури и на правото на авторство?

Би ја избегнала бинарната опозиција која претпоставува дека колективната работа а приори е прогресивна и води кон општествена промена. Дали ќе дојде до тоа или не, исто така зависи од односот на моќта во рамки на колективите, колку тие се маскираат, и дали заради тоа ќе се откажеме од правото на авторство или не зависи од ситуацијата, од тоа во чија корист е тоа. Едно е професионален ангажман, друго е грасрутс иницијатива. Да се надоврзам на претходното прашање, во културната работа границите помеѓу активистичкиот ангажман и експлоатацијата често знаат да се помешаат. Самата драма „Колку е добро што те гледам повторно“ зборува за политиките на пријателство, љубов и солидарност; тие политики можат да се применат и на секојдневната работа во реалниот живот. Но, за таа драма е важно и прашањето на општествената имагинација, односно потребно е да се смислат рамките во кои нам, авторите и авторките, ќе ни биде можно да дејствуваме и да ја спроведуваме заедничката борба.

Класната компонента на фолкот

Турбофолкот беше лост на власта во Србија во деведесеттите, производ на системот, државен концепт уште од периодот на Лепа Брена. Токму заради тоа е интересно вашето тврдење дека филкот во себе има субверзивен елемент и дека затоа го присвојувате во своите драми. На што точно мислите?

Па, јас имам голем проблем со тезата, односно тоталитарната фантазија дека турбофолкот е производ на режимот на Милошевиќ, дека самата држава го смислила за манипулација со народот. Неспорно е дека дел од турбофолкот учествуваше во создавањето и одржувањето ретрограден и патријархален културен модел, но да се каже дека целиот турбофолк е таков или дека го измислил Милошевиќ едноставно ја игнорира комплексноста на ситуацијата во која се среќаваат културните политики, економијата, пазарот, внатрешните законитости на музичкиот бизнис, опозициските читања, позицијата на жените и уште неколку други нешта. Во гадењето од фолкот секогаш е вклучено и гадењето од народните маси што го слушаат, а тоа е длабоко проблематично. Критиката би требало да оди од позиција која ги преиспитува пазарот, условите за работа и улогата на тоа во капиталистичкиот начин на производство, а не од фанатизмот за неписмените маси кои нè уништуваат со својот недостаток на вкус. Тој пристап ги игнорира и трансформациите на жанрот кои се случуваа сиве овие години. Во фолкот имаме сè, од конзервативни пораки до прогресивни, и мене ме интересираат прогресивните, како што ме интересира и тоа како тривијалните заплети на песните добиваат своја политичка артикулација во пошироката општествена сфера. Преку емотивното доживување на тие песни се артикулира и чувството на неправда и емотивна осуетеност. Слично како и во мелодрамата, тоа неостварување на љубовниот идеал зборува за нееднаквите општествени односи. Иако критичкиот став можеби не е видлив во текстот веднаш на почетокот, тој се открива во поширокиот културен контекст, односно во длабоко неправедниот, патријархален, хетеронормативен и расистички свет во кој живееме. Во својот текст за мелодрамите на Даглас Сирк, Фасбиндер прекрасно напиша дека „љубовта е најдобриот, најперфидниот и најефективниот инструмент на општествената репресија.“ Тоа е токму она заради кое фолкот е вткаен во моите драми, тука потполно сме на подрачјето на мелодрамата: односот на две личности го нарушува трета страна, а таа трета страна често е светот – и општествениот поредок – самиот.

Во Белград и денес е можно да се пронајдат „андерграунд кафеани“ во кои народната музика се консумира далеку од сјајот на белградските сплавови. Таму, за разлика од театарот, доаѓа најсиромашниот дел од населението. Колку ви е важно да ги посетувате? Кои би ни ги препорачале?

Повеќето кафеани што сум ги посетила во последните неколку години сега се затворени, осиромашувањето го направи своето и андерграунд кафеаните со жива музика речиси во целост се преместени надвор од центарот на градот, потполно во склад со континуираната политика на различните градски власти центарот да се остави како простор за елитите, недостапен за сиромашниот свет. Не сакам да романтизирам и да прикривам дека во кафеаните се манифестираат и неподносливиот хегемон маскулинитет и десничарски испади, но за мене е важно што во нив и понатаму постои простор за невозможни општествени комбинации, во кои се случуваат привремени сојузи помеѓу, на пример, трансродови сексуални работнички, квир екипи, камионџии, пејачки, сојуз каков што е невозможно да се замисли во бројни таканаречени урбани места. Тоа е таа класна компонента на фолкот која се артикулира во пошироката општествена сфера, за мене тие кафеани се пример дека емотивното и интимното комуницира со политичкото. Маргиналната позиција и отуѓувањето од општеството преку кафеанското искуство преминуваат во емотивни искуства, кои потоа истовремено ја рефлектираат општествено маргиналната позиција.

Извор: www.portalnovosti.com

Слични содржини

Квир / Култура / Настан
Балкан / Култура / Музика
Квир / Култура / Теорија
Балкан / Книжевност / Култура / Историја
Општество / Активизам / Квир / Историја

ОкоБоли главаВицФото