1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Што сакаат гејовите, лезбејките, трансродовите лица и останатите педери? И тоа баш сега, кога (повторно) ни ги земаат Косово и регистарските таблички? Кога повторно има криза, ембарго и инфлација? Кога веќе нема млеко, а зимоска нема да има ни струја ни греење? Кога гори Хиландар, така да се каже? И малку ли има човечки права на оваа скапотија?
Ако ги прашаме путинољубците од литиите, гејовите педерски сакаат да ни ги загрозат слабите и беспомошните со пропаганда одзади, односно да ги уништат семејството, државата, светоста и населението.
А доколку ги сослушаме ЛГБТ активистите, тие само ги сакаат правата кои веќе ги имаат сите останати стрејт граѓани.
Да наследуваат имот, да ги посетуваат партнерите во болници, и да живеат животи без страв од насилство. Додека првите претеруваат, вториве се приземни (да не соблазнуваат).
Кој е во право.
Да почнеме по ред.
„Увоз од Запад“
Не толку одамна хомосексуалноста беше кривично дело во речиси секоја држава на планетата Земја.
И ден денес е криминализирана во околу 70 држави членки на ОН, додека истополовите бракови се легални само во 32 држави во светот.
Хомосексуалноста се казнува со смрт во најмалку шест земји (Брунеи, Иран, Јемен, Мавританија, Нигерија, Саудиска Арабија). Во Европа, хомосексуалноста првпат е легализирана во Франција по Револуцијата (1791). Во Србија дури во 1994 година.
И Казнениот закон во Кралството Србија од 1860 година ги казнувал „противприродните“ сексуални односи помеѓу мажите (лезбејките не ги ни препознавал), со шест месеци до четири години затвор.
Извесен тренд кон прогрес започна во седумдесеттите, но доживеа пресврт во Русија и некои африкански држави, кои ги заоструваат законите против геј личностите како „увоз од Западот“ (звучи познато?).
Уште Библијата, во третата книга на Мојсеј пропишувала смртна казна за оној „кој мажот би го обележал како жена“ зашто „двајцата направиле гнасотија“ (Левитски законик 20:13). А државите со задоволство користеле сила за да ги апсат, мачат, каменуваат, хемиски да ги кастрираат и убиваат геј лицата.
Покрај Евреите и Ромите, и хомосексуалците како цела популација требаше да бидат истребени во Холокаустот.
Оние геј лица кои избегнале апсење или смрт заради одвратните закони против содомијата, противприродните дејства, кршењето на јавниот морал или законот на Путин „против негирањето на традиционалните семејни вредности“, изложени се на сеприсутна хомофобија, дискриминација и насилство од своите сограѓани.
Луѓето и нивните држави едноставно сакаат да третираат цели категории други и поинакви луѓе како изопачена пречка која треба да се загуши. И својата непријатност заради туѓата сексуалност да ја претвораат во моралистички презир и праведнички гнев.
Значи, изгледа геј лицата имаат зошто да се бунтуваат, да шетаат и да протестираат, како и да се борат за живот вреден за живеење, без дискриминација, прогон и смрт.
Популарната мантра дека хомосексуалците отсекогаш мирно живееле меѓу нас, и никому ништо, сега или одеднаш некакви НВО активисти сакаат да парадираат и без причина да провоцираат - нема врска со вистината.
Ни со историските факти ни со здравиот разум. Затоа што педерите до вчера навистина ги убивавме, тепавме, прогонувавме, од Оскар Вајлд (две години тешка робија) до Алан Тјуринг (хемиска кастрација).
И во омразената Америка, хомосексуалноста беше забранета во сите сојузни држави (освен Илиноис) сè до 1969 година.
Американската полиција често ги кратела своите дежурства и ја убивала досадата така што ноќе влегувала во локали каде се собираат гејови и апсела и со пендреци ги тепала гостите или клиентите. Нешто како паравојските на Владимир Путин или српските навивачи денес.
Битката во Стоунвол
А потоа на Видовден се случи - Стоунвол.
Имено, посетителите на геј барот или кафеаната Стоунвол, на адреса Кристофер стрит 53 во култниот Гринич Вилиџ во Њујорк, пиеле, танцувале, флертувале, се веселеле и сè што оди со тоа, кога полицијата повторно влегла.
Тоа се случи во сабота навечер на 28 јуни 1969 година. Џандарите го очекувале вообичаеното - да натоварат неколку мажи со женска облека во марица и да им ги запишат личните карти на останатите кои мирно, во тишина и со срам ќе побегнат во ноќта.
Меѓутоа, избила - Битката во Стоунвол.
Исфрлените педери останале пред својата омилена геј кафеана. Со извици и пцовки, почнале да ја гаѓаат полицијата со камења, цигли и апарати за наплата на паркинг.
Масата станувала сè побројна, а полицијата била принудена да се повлече и да повика засилување. Следело пукање, искршени се многу излози и запалени бројни автомобили и контејнери.
Нередите траеле следните три дена и веќе ништо не било како порано. Патем, овој социолог и колумнист, со нескриено задоволство и гордост, во Њујорк (двапати) го посети Стоунвол како место од исклучително општествено и историско значење.
Значи, на Видовден 1969 година, гејовите го возвратија ударот.
Го возвратија ударот на целата историја или традиција на омраза, прогон и дискриминација. Тоа беше полициска рација за која слушна целиот свет. Или, со зборовите на познатиот поет Алан Гинзберг, „Денот кога на педерите им исчезна стравот од лицата“ („The day the fags lost their scared look“).
Неколку денови подоцна во Њујорк е основан Фронтот за Геј ослободување (Gay Liberation Front), а слични групи почнаа да никнуваат и да го промовираат својот светоглед.
Време е хомосексуалците да престанат да се мразат себеси. Преправањето, молчењето, опстанокот и останувањето во темница или помеѓу четири ѕида и криењето на сопствените сексуални склоности мораат да престанат.
Така се одржува целиот систем на насилство, семејно откажување, отпуштање од работа и една тајна мрежа на геј барови, мрачни паркови, јавни тоалети и полициски рации и претреси.
Доста им беше и на Бога и на народот. Најпосле, хомосексуалноста е постара и од христијанството, или однесување со подолга традиција. Па веројатно Бог ги создал и геј лицата?
Треба „да се излезе од орманот“ и да се прошета по улиците со гордост наместо со срам. Зашто хомосексуалноста не е никаква болест, блуд, перверзија, неприродна, противприродна, помалку вредна или срамна варијанта на сексуалноста.
Треба да се биде горд на својата (хомо)сексуалност. Во тоа е целата смисла на Парадата на гордоста, белградскиот Европрајд, или на геј парадирањето воопшто.
Според Геј манифестот на Карл Витман (1970), „Се преправавме дека сè е океј, само зашто не знаевме како да го промениме тоа - се плашевме“.
Гејовите одеднаш престанаа да се плашат и масовно излегуваа од орманот како поплава или цунами. Па Америка своевремено, како и во Србија денес, избезумено се фаќаа во костец со целиот паралелен универзум кој веќе нема да молчи, да се срами и да се крие.
Браќа педери и сестри лезбејки, браво!
Човечка гордост и достоинство
И затоа, не се работи само за (животно важни) наследни права, болнички посети или легализација на истополови заедници. Се работи и за - човечката гордост и достоинство. И тоа е она што навистина го сакаат педерите.
Признанието дека постојат и јавно да бидат тоа што се. Дека, едноставно, се. Борбата за геј правата е и борба за повеќе плурализам. За повеќе малцински мислења и однесувања во општеството, политиката, културата, па и лудата човечка сексуалност. А токму против тој општествен плурализам се креваат нашите литијаши и патријарси.
На улиците и во фирмите, кафулињата и клубовите, на филмовите и на телевизија, со прстени на прстите, својата љубов веќе пропагандно ја промовираат хетеросексуалците.
Со икони, темјани и попови (и хомоеротски фиксации врз Владимир Путин), секоја втора недела идеолошки парадираат турбо-православците.
Селаните демонстрираат со трактори, додека студентите мавтаат со индекси, во вечната борба за уште еден испитен рок.
Само геј лицата го немаат тој луксуз, зашто им го забрани Министерството за внатрешни работи.
Патем, на Парадите на гордоста навистина станува збор и за - провокација. А зошто да не?
И феминистките провоцираа повикувајќи на право на глас за жените, работничката класа провоцираше со генерални штрајкови, а црнкињите провоцираа седејќи на предните места во автобус. И тогаш малцинството нешто му наметна на мнозинството, правејќи цели општества да бидат поправедни и посреќни.
Дали ние како општество себеси можеме да си дозволиме да бидеме - провоцирани? Или станавме премногу слаби, молчаливи, зборуваме како низ нос и се срамиме?
Како од космополитската порака Белград е свет на протестите 1996/97, одеднаш стигнавме до руското знаме на литиите во 2022 година?
До тесноградите и назадни пораки дека веќе не сакаме „туѓи вредности“ и туѓ „начин на живот“ во нашето општество и сè позапуштениот двор?
Иако тоа се вредности на просветителството, односно слободата, еднаквоста и братството?
На овој начин, Европрајдот стана симбол на нашиот расчекор со современа Европа.
И затоа оваа прошетка е важна и како горд остаток, рецидив или потсетување на времето кога Белград вајстина беше свет.
Република Србија своевремено беше и горда и пркосна земја. Се бореше за слобода и против неправда и угнетување.
А од кого или што толку се плашиме?
Од геј пропагандата?
Или можеби од Кремљ?
Зошто трепериме од неколку реченици за хомосексуалноста во учебникот по биологија за осмоодделенци?
Од боите на виножитото врз тенџерињата на Металац?
Хипервентилираме заради мажи кои се држат за раце?
Па се молиме на Бога да нè избави од педерското зло?
И се криеме зад иконите и мантиите, во магла од темјан, со жени кои ја покриваат главата?
По ѓаволите, кога тоа стана кул?
Доколку една прошетка може да ги разори семејството, традицијата и идентитетот, дали тоа семејство, таа традиција и идентитет веќе не се некако килави?
Затоа главното прашање не е што сакаат педерите, туку што сакаме - ние? Белградскиот Европрајд е нашиот видовденски Стоунвол и наше огледало како општество.
Фотографиите се од протестите пред барот Стоунвил во Њујорк на 28 јуни и во следните денови на 1969 година.
Превод: Алек Кузмановски
Извор за текстот: https://www.danas.rs/