Сензационалистичка употреба на „педофил“ и „педофилија“

23.05.2013 09:48
Сензационалистичка употреба на „педофил“ и „педофилија“

Неетичко новинарство: Сензационалистичка употреба на „педофил“ и „педофилија“

 

Несомнено, заштитата на децата од сексуално насилство претставува тема од посебен јавен интерес. Од новинар(к)ите се очекува да се придружат во борбата за правата на децата, да ги истражуваат случаите на сексуално насилство и сексуално искористување на децата, но и да ги почитуваат стандардите на етичкото новинарство.

Што треба да знаат новинар(к)ите кои известуваат за сексуално насилство врз деца?

Кога новинар(к)ите известуваат за деца, особено за деликатни теми, како што е сексуалното насилство, неопходно е, но не е и доволно да се придржуваат до етичкото начело „минимизирајте ја штетата“.

Како прво, потребно е новинар(к)ите да ги познаваат казнените одредби, како и одредбите од „Конвенцијата за правата на детето“, особено чл. 34, каде што:

„Државите потписнички се обврзуваат да ги штитат децата од сите облици на сексуално искористување и сексуално малтретирање“.

Имено, со оваа конвенција државите се обврзале да преземаат мерки за спречување на наведување или присилување на дете да се впушти во незаконска сексуална активност, искористување на деца за проституција и други незаконити сексуални практики, како и искористување на деца во порнографски претстави и материјали.

Исто така, потребно е новинар(к)ите да ги познаваат и посебните етички стандарди за медиумско известување за деца, како што се: Етичките насоки на УНИЦЕФ, насоките и принципите на Меѓународната федерација на новинари, како и Упатствата за известување и информирање за малолетници (Прирачник за етиката во новинарството). На уредниците можат да им бидат од особена корист и „Уредничките принципи за деца на BBC“.

Заштита на приватноста и идентитетот на децата

Кога известуваат за деца кои се жртви на сексуално насилство, новинар(к)ите мора да ја заштитат приватноста и идентитетот на децата, како и да избегнуваат несоодветно пренесување информации кои можат да доведат до нивно идентификување. На новинарите им се препорачува никако да не ја откриваат адресата на децата за кои известуваат.

Етичките насоки на УНИЦЕФ експлицитно им наложуваат на новинар(к)ите секогаш да го менуваат името и да го замаглуваат визуелниот идентитет на секое дете кое е идентификувано како жртва на сексуално малтретирање или искористување. Согласно упатствата во Прирачник за етиката во новинарството, дури и:

„Информациите добиени од лекари, социјални работници, воспитувачи, наставници или роднини кои директно или индиректно упатуваат на идентитетот на малолетникот, не смеат да бидат објавени“.

Согласно Насоките за медиуми на Третиот конгрес против сексуалното искористување на деца и адолесценти, кога се известува за сексуално малтретирање и експлоатација, не треба никогаш да се идентификуваат преку зборови или слика, не само децата, туку и местата каде што можат да се лоцираат ранливите деца. Според насоките и принципите на Меѓународната федерација на новинари, новинарите и медиумските организации треба да избегнуваат „употреба на сексуализирани слики на деца“, како и употреба на „стереотипи и сензационалистички претстави“ кога промовираат материјали кои вклучуваат деца.

Сензационалистичко известување за смртна казна врз „педофил“

„Начинот на информирање во случаи на… семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационалности“.

Во изминативе неколку години, медиумите се преполни со сензационалистички написи на тема „педофилија“. Најсвеж пример е насловната страница во дневниот весник „Вечер“ со сензационалистичкиот наслов „Педофил стрелан во Скопје во 1987 година!“, и наднасловот „Во Македонија во осумдесеттите имало неколку пресуди со смртна казна, од кои една за педофилија, извршена со пресуда на окружниот суд“. Написот се повикува на друг напис објавен во „Вечер“ на 4 февруари 1987 година, „Злосторник осуден на смрт“.

Освен во насловот, новинарката ги употребува изразите „педофил“ и „педофилија“ во неколку наврати:

„Во Република Македонија за педофилија е изречена смртна казна во февруари 1987 година.

„Таткото педофил и монструм…“

„Вечер, таа далечна 1987 година, го следеше овој монструозен случај на педофилија и изрекувањето на смртната казна“.

Што е етички најпроблематично во ваквото известувањето кое се повикува на текст објавен пред повеќе од 26 години?

Прво, ниту во насловот и наднасловот, ниту пак во објавената копија на текстот од 1987 година не се среќаваат изразите „педофил“ и „педофилија“, а токму овие изрази стануваат ударни во написот од 2013 година.

Второ, во написот од 2013 година експлицитно се тврди дека „за педофилија е изречена смртна казна“ (што имплицира дека педофилијата тогаш била кривично дело) иако во написот од 1987 се известува дека смртната казна му е изречена на злосторникот „поради силување и убиство на својата малолетна ќерка…“ Името и презимето на жртвата е повторно објавено во сосем поинаков контекст, што може да доведе до обновување на траумите на пошироката фамилија на жртвата.

Трето, во написот од 1987 се известува дека жртвата на кривичните дела силување и убиство имала 15 години. Случајот е медиумски „дијагностициран“ како „педофилија“ и покрај тоа што ниту во 1987, а ниту денес, не постоела кривична одредба „педофилија“, туку постои кривична одредба која санкционира „полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години“ (односно „обљуба или противприроден блуд со малолетно лице кое не наполнило 14 години“, според КЗ на СРМ од 1977).

Новинарката упорно ја фаворизира употребата на клиничката дијагноза „педофилија“, наместо да известува за одредбите од кривичниот законик на кои се засновала пресудата. Новинар(к)ите треба да знаат дека терминот „педофилија“ е медицински термин, и дека самите медицински лица предупредуваат истиот да не се користи како правен термин. Новинар(к)ите треба да се воздржат од воспоставување на клинички дијагнози и таа работа треба да им ја препуштат на медицинските лица кои се овластени да даваат дијагнози.

Кога известуваат за судски случаи, медиумите треба да користат правни термини. Дотолку повеќе, што голем дел од лицата кои вршат сексуални кривични дела врз деца немаат дијагноза педофилија, а дијагностицирањето на педофилија нужно не подразбира вршење на сексуални акти со деца, бидејќи според досегашната медицинската дефиниција, педофилијата може да биде „акт или фантазија…“.

Сензационалистичкото известување за судската постапка (и семејната трагедија) од пред 26 години, проследено со медиумското дијагностицирање на „педофили“, беше дисеминирано од повеќе медиуми. Некои од нив ја зголемија штетата, произведувајќи наслови без временска одредница, кои можат да ги доведат во заблуда читателите дека во Македонија сѐ уште се спроведува смртна казна со стрелање врз „педофили“ (На пример, Педофил во Македонија осуден на смрт со стрелање, Стрелан педофил во Скопје!, Во Македонија изречена смртна казна за педофил, Македонски педофил осуден на смрт со стрелање).

Но, дали сензационалистичкиот медиумски лов на „педофили“ навистина придонесува за заштита на децата од сексуално насилство?

(Продолжува: Како етички да се известува за „регистарот на педофили“?)

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Фотографија: D. Sharon Pruitt

ОкоБоли главаВицФото