Држење за власта во мрак

30.07.2013 08:59
Држење за власта во мрак

Маса од две до три илјади луѓе на 23 јули ја опколи зградата на бугарскиот парламент на неколку часа, заробувајќи ги пратениците и министрите, а потоа уследи насилна полициска акција. По 40 дена демонстрации, изгледа дека владата сè повеќе губи допир со изменетото општество.

Власта се урива. Барикадите околу Собранието и полицискиот кодон распореден околу зградата потсетуваат на падот на комунизмот и другите кризни периоди во Бугарија. Манијакалниот и параноичен комунистички режим, убеден дека некој сака да му ја одземе власта со крвопролевање и насилство, сепак се однесуваше експанзионистички: се обидуваше да ја контролира и предводи масата, организирајќи приредби за работниците за да оркестрира единство на нацијата и партијата.

Денес истата оваа власт се наоѓа во рацете на „наследникот на Политбирото“, но има сосема нов изглед. Сочинета е од изолација, владеење со застрашување и тајност. Симбол на власта денес се барикадите околу „опколените против граѓаните“.

Меѓутоа, никогаш немало барикади пред претседателската резиденција. Како претседателот Плевнелиев од партијата Граѓани за европски развој на Бугарија да не се плаши од демонстрантите. Постои анонимна власт, која забрзано донесува тајни одлуки и со олеснување преживува од денес до утре. Токму оваа власт, на многу непознат начин, именува гувернери и високи државни службеници.

Владата, која е резултат на матни преговори на две партии, се преправа дека води некаква политичка егзистенција обидувајќи се да наметне краткорочни и долгорочни мерки во опколениот парламент. Овие напори ги негираат демонстрациите и политичката неизвесност која ги следи.

Освен состојбата на политичката сцена и народните немири, факт е дека бугарската политика не напредуваше од големите идеи на доцниот XIX век - или, во најдобар случај, од периодот пред падот на Берлинскиот ѕид. Внимателниот набљудувач може да види дека премиерот Пламен Орешарски (близок до Социјалистичката партија, на власт од 29 мај 2013) се однесува како монарх, трудејќи се да ѝ се обраќа на нацијата како суверен владетел, убеден дека општеството молкум ќе ги прифати сите манипулации. Она што ни Социјалистичката партија ни нејзините сојузници не можат да го сфатат е дека, со глобализацијата и раѓањето на информатичкото општество, политичката сцена се промени.

Тоа не важи само за Бугарија, туку и за целиот свет, па дури и за Турција и Египет. Денес министрите и народните пратеници не претставуваат толку власт колку потрошен материјал: општеството од нив очекува постојани објаснувања, а во спротивно бидуваат избришани од политичката сцена.

Власта се соочува со нов вид испит, олицетворен во социјалните медиуми, каде се развива нов вид демократска транспарентност. Луѓето ширум светот повеќе не се задоволуваат со тоа просто да гласаат еднаш во четири години и потоа да ги пуштат другите да одлучуваат за нивната судбина. Се појавува нов вид граѓанство, способно да ги отстрани сите штетни појави на која било влада.

Ова е знак на нов форум, создаден преку граѓанските и мрежните структури, кој по сè изгледа знае како да ги трансформира традиционалните партии одвнатре. Овој нов вид демократија, кој се раѓа од социјалните мрежи, може да го уништи статусот кво на клиентелистичките мрежи драги на Социјалистичката партија и нејзините партнери. Тој може да го уништи политичкиот феудализам и секое однесување кое се врзува за него, како купувањето гласови. Создавањето нов облик на сувереност се шири надолу преку децентрализацијата и нагоре преку европските институции и финансиските пазари.

Власта, лишена од својата суштина, е празна лушпа, сместена помеѓу различни центри на моќ. Опседнатите токму овде се обидуваат да ги протуркаат илузиите, лишени од секаква смисла. Тоа е навика која ги приморува да бараат решение со создавање раздор, спротивставувајќи едни граѓани со други: Софија и провинцијата, или провладините и антивладините демонстранти.

Политичките лидери не можат да сфатат дека новото граѓанство на социјалните мрежи ги надминува традиционалните врски на политиката и теоријата, и дека е само прашање на време кога различни области во земјата ќе се реогранизираат според демократскиот принцип кој ги надминува територијалните интереси. Сергеј Станишев, лидерот на Социјалистичката партија, и Лутви Местан од Движењето за права и слобода (партија на турското малцинство во владејачката коалиција) очајнички се обидуваат да пронајдат пристап заснован на духот на демократската транзиција која ќе ги елиминира. Истовремено, тие се држат за власта со сите сили и спремни се на сите нужни компромиси - дури и со лидерот на опозицијата ГЕРБ, поранешниот премиер Бојко Борисов. Тоа се луѓе кои длабоко веруваат дека се предодредени да водат.

Извор: Kultura/Presseurop, 24.07.2013.