Станишев: Граѓаните на Македонија се будат

02.03.2016 05:23
Станишев: Граѓаните на Македонија се будат

Состојбата во Македонија, посебно во последната година, многу се измени. Граѓанското општество ги зеде работите во свои раце и почна да се бори за демократијата и за својата слобода, изјави за „Плусинфо“ лидерот на бугарските Европски социјалисти, но и поранешен премиер на Бугарија, Сергеј Станишев, кој вчера присуствуваше на Меѓународната конференција „Обезбедување на базичните предуслови за демократска Македонија“ во организација на ПЕС, Центарот „Олоф Палме“ од Шведска и институтот „Прогрес“.

-Многупати имам кажано во моите посети на земјава во изминативе 365 дена, дека ние не сме тука да му кажеме на народот да гласа за СДСМ. Ние сме тука за да има, но и да видиме слободни и демократски избори во Македонија. Но и поради бегалската криза, треба да имате легитимна власт, која ќе биде признаена од сите граѓани, и од победниците и од поразените - тврди поранешниот бугарски премиер.

Станишев нагласува дека парламентарните избори во април 2014 година не биле фер и демократски и дека тоа го имаат потврдено ОБСЕ и ОДИХР во своите последни извештаи за изборниот процес во Македонија. Ако во Македонија нема фер и демократски избори, нема ништо да се смени.

-Вие во Македонија не сте сами. Граѓаните се зрели за европска иднина, за подобра иднина на Македонија. Низа пати видовме дека тие сакаат судбината да е во нивни раце. Бараме Владата да го почитува и целосно да го спроведе Договорот од Пржино, а пред сè, да се прочисти Избирачкиот список и медиумите да може слободно да известуваат за сè. Тоа е критериум што сака да го види ЕУ од Македонија. Без фер избори нема демократија. Актуелната власт сака да го изигра Договорот од Пржино за да остане на власт - оценува лидерот на бугарските Европски социјалисти.

Станишев вели дека постојат два пата за Македонија.

-Јас знам дека граѓаните посакуваат тој што ќе ги организира изборите, да направи услови тие да бидат пред сè фер, слободни и демократски. Од тоа сè зависи. Тоа е прв услов што го бара ЕУ, а второ и поважно е дека нештата се менуваат. Партијата што владее веќе не е во устата ни во мозокот на граѓаните. Граѓаните се будат. Кој и да дојде на власт, треба да знае дека работите се сменети. Ние сакаме да ја видиме мирна, демократска, развиена државата и да биде дел од ЕУ и од НАТО. Многупати сме кажале дека ставот на Јункер за затворање на вратите во ЕУ е грешка. Секоја држава не може да биде групно вреднувана, туку според своите успеси. Тоа важи и за вашата земја, Република Македонија – нагласи Станишев.

Според него, грешката е кај граѓаните и партиите, кои мислат дека со едни добри избори се смета дека демократијата дошла.

-Изборите, пред сè, треба да се чесни и фер, тоа е само чекор кон демократијата. Демократијата треба да биде чувана, одгледувана и заштитувана во секоја земја ако граѓаните живеат слободно. Ова не е во сите земји. Демократијата не е „умрена“ само во Македонија, ние тоа го имаме видено во Унгарија, Романија, Хрватска, но и во првата влада на ГЕРБ во Бугарија. Тоа е една поука за сите нас, дека демократијата бара „борба“ ако сакаме да ја имаме - тврди Станишев.

Заев: Изборот е помеѓу мафијашка и демократска Македонија

Следува исклучително важен период за иднината на Македонија. Изборот е едноставен и многу сериозен: Мафијашката власт на Груевски или демократска Република Македонија. Не оди едно со друго. На слободни и фер избори граѓаните мора да ја донесат одлуката кому ќе му ја дадат честа да ја предводи Република Македонија, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во неговото обраќање на Меѓународната конференција „Обезбедување на базичните предуслови за демократска Македонија“.

-Никола Груевски многу сака да се крие зад зборот народ и значењето на граѓаните. Јас сум убеден, на слободни и фер избори, Груевски ќе добие референдумско НЕ од граѓаните. Македонија ќе добие референдумско ДА за одговорна влада што ќе ја предводи СДСМ. Тоа е другиот базичен предуслов за демократска Македонија, одговорна влада, што ќе ја преземе одговорноста за обнова на Македонија. Алтернатива на фер и демократски избори нема. Криминални избори, избори без демократската јавност и
опозицијата, се мрачно сценарио за Македонија што го посакуваат антидемократските струи предводени од Никола Груевски. Тие кои се обидуваат деновиве на сите начини да видат спас за себе, па дури несовесно поттикнувајќи меѓуетнички конфликт. Нема да успеат. Нема да биде лесно - порача Заев и додаде дека СДСМ е подготвена да ја преземе одговорноста за нормализација на институциите во Република Македонија и за напредок во евроинтеграциските процеси.

Тој повтори дека целта на СДСМ е општество со силна средна класа, еднаквост меѓу граѓаните, праведни даноци, повеќе работни места и подобри плати. Повика на исклучителна зрелост од сите и на индивидуална посветеност во следните месеци, бидејќи во прашање е иднината на Република Македонија.

Извор: Слободен печат
Фотографии: Ванчо Џамбаски