Ѓаволот доаѓа по своето!

15.02.2016 02:03
Ѓаволот доаѓа по своето!

Никола Груевски поднесе оставка на местото премиер и распиша избори за 24 април. До изборите, во име на Груевски, Владата на Република Македонија ќе ја предводи неговиот заменик, до неодамна анонимен апаратчик. Иако де јуре не е на премиерска функција, де факто, Груевски ја води Владата. Што се однесува до изборите, извесно е дека опозицијата нема да учествува. Зошто?

Најкратко, затоа што сè остана исто. Пошироко, ова се основните и основани забелешки:

Седум месеци откако Европската комисија ги усвои Ургентните реформски приоритети и Експертските препораки од „Извештајот на Прибе“ (Рајнхард Прибе, раководител на Сениорската експертска група), таму препорачаните нужни реформи останаа мртво слово на хартија.

Најнапред, не е воспоставен конструктивен дијалог на власта, опозицијата и граѓанското општество. Наместо тоа, власта одлучува исклучиво еднострано. Така, самоволно се распишани и изборите. Наместо вледеење на правото и принципот на поделба на власта, на сцена е, всушност, политичко самоволие, а законодавната и судската власт се узурпирани од извршната власт. Човековите права не се почитуваат, а Уставот на Република Македонија го кршат оние, кои пред сите останати, би требало да го почитуваат. Нема судски и собраниски надзор над Управата за безбедност и контраразузнавање. Оваа организација и понатаму е без контрола и може да прислушува јавни личности. Нема независност на регулаторните тела. На пример, на Народниот правобранител (Омбдусманот – заштитникот на граѓаните) не му е овозможено, според прикажаните докази, да го истражи кршењето на човековите права во врска со скандалот за прислушување. Државната комисија за борба против корупцијата не стори ништо околу обелоденетите докази за корупција на највисокото ниво на власта. На чело на Дирекцијата за заштита на личните податоци е поставено лице за кое се изнесени сериозни докази дека претходно било вклучено во изборен криминал. Не станува ни збор за департизација на јавната администрација. Уште повеќе, толку има прекубројно вработени, што оние кои нема први да дојдат до своите канцеларии, подоцна не можат да најдат слободно столче. Власта ја задолжува државата со кредити за да ја плаќа амдинистрацијата и да ја купува нејзината лојалност и гласовите на изборите. Конституирањето на Државната изборна комисија доценеше четири и пол месеци, со што беше оневозможено таа да ги истражи нерегуларностите на претходните избори. Не е воспоставен нов Избирачки список, а на стариот – бројот на избирачи е речиси еднаков со бојот на жителите на Македонија, сметајќи ги и сите малолетни лица! На претходните избори, утврдено е, гласале и бројни мртви лица. Јавниот сервис е под целосна контрола на власта. Затоа, опозицијата ги бојкотира изборите. Тие и такви избори, во вакви услови се чиста фарса.

Седумдесет и осум невладини организации потпишаа протестно писмо до сите амбасади на државите членки на ЕУ и до амбасадата на САД, но и до сите претставници на меѓународната заедница во Македонија. Тоа писмо завршува со следните зборови:

Ние граѓаните и активистите од граѓанските организации очекуваме Европската Унија и натаму да биде наш сојузник и партнер во борбата за демократизација на Република Македонија. Во спротивно, со жалење ќе мораме да констатираме дека ЕК станува соучесник во газењето на демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија.

Без исполнување на условите за слободни, фер и демократски избори, што подразбира нужно одложување на постојниот датум, ние како граѓански активисти немаме друга опција, освен да повикаме на бојкот на изборите закажани во април и на масовни протести против режимот кој продолжува да ги гази демократијата, човековите права и владеењето на правото во Република Македонија“.

Писмото до европските официјални лица е необично остро, но со причина. Европската комисија не се изјасни негативно за самоволниот чин на Груевски да распише избори, иако ништо не е сторено – тие да се озвозможат во демократски дух. Во Македонја се веќе објавени неколку текстови во кои се тврди дека Груевски, всушност, ѝ ветил на Европската Унија решавање на едно од надворешно-политичките прашања за чија разрешница ЕУ многу се грижи. Имено, во следниот период, Груевски ќе се согласи со промена на името на Република Македонија, во согласност со барањата на Грција. За ова да се спроведе, потребно е, значи, Груевски повторно да биде на власт. Поради решавање на еден меѓународен, билетарален проблем, изгледа дека ЕУ е подготвена да замижи пред кршењето на човековите права, внатре во една држава.

А Груевски, сега официјално само шеф на ВМРО-ДПМНЕ, започна со исклучително бескрупулозна предизборна кампања. Неговото обраќање пред Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ е исклучителен пример на сатанизација на политичкиот противник. Говор на омраза и заплашување, пар екселанс:

„На 24 април доаѓа до казна и до одмазда на народот. Доаѓаат неговите пет минути. Тоа е денот кога овој народ, народот на Македонија, на сите ќе им покаже кој е кој во оваа држава… Затоа СДСМ сега бега од изборите. Затоа што знаат дека доаѓа казната. Цела година и половина соработуваа со ѓаволот. Сега ѓаволот доаѓа по своето“.

Ѓаволот доаѓа по своето, тоа го изговори Груевски, претходно поставувајќи релација меѓу идентитетот на својата партија и народот, меѓу себеси и државата! Ќе биде тоа жежок април!

Во меѓувреме, иако е 2016, проектот „Скопје 2014“ продолжува. Тоа е проект на фалисфикување на наследството, со кој, пред сè, се премолчува и поништува југословенското минато на Македонија, во кое е воспоставена и државноста на таа југословенска република, националноста на Македонците, и во која е признаен нивниот мајчин, македонски јазик.

Кој и да влезе во зградата на Владата на Република Македонија како прв иден премиер, зградата која е „рекласицизирана“ како шампита, пред портите секако ќе го дочекаат скулптури на императори, а пред вратата на самиот кабинет, во кој повеќе од една деценија владееше Груевски, скулптури на таткото Тит и син му Филоксен.

Не се шега седумте илјади години македонска историја, како што тврдат државните, прорежимски археолози, и во тој дух на измислување на минатото, и понатаму во Скопје ќе се поставуваат, пред сè, скулптури. Зошто скулптури, пред сè? Одговорот не е во сферата на естетиката, туку во сферата на даночната, економска политика. Затоа што данокот на скулптури е најнизок.

Некој веќе пресметал дека сите досега поставени, главно гигантски, скопски скулптури, да биле случајно излеани од суво злато, сепак, би чинеле помалку отколку што чинеа, иако се само со лажна позлата. А од каков материјал се, доволно зборува онаа зелена боја која после неколку години ги прелива, па затоа денес, бројните коњаници и коњи се премачкани со некоја црна боја, катраносани и сите – вранци. Како што би рекол Груевски, ѓаволот доаѓа по своето!

Извор: Danas / Цивил
Фотографии: Ванчо Џамбаски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото