Пржино не е за манекени!

26.10.2015 12:10
Пржино не е за манекени!

Некако, не сакав претходно да алармирам, но требаше да се очекува дека Груевски, порано или подоцна во преговарачкиот процес од Пржино, ќе мора да ги подигне влоговите. Тоа е потег на очајникот кој предоцна сфаќа дека, на начинот и во насоката во која се одвива расплетот на македонската современа општествена, економска и политичка драма, нему спас му нема. Тој веќе еднаш, во април и мај годинава, се обиде да ја смени „темата“ со предизвикувањето на кумановскиот инцидент, како и со силниот „флерт“ со Русите, но тие непромислени и многу опасни маневри само го забрзаа и го „бетонираа“ процесот на неговото паѓање од власт. Последиците од трагичното безбедносно фијаско во кумановската Дива Населба (за што, да потсетам, ќе мора да има реална истрага) просто се „додадоа“ на неговото неславно и, општо земено, криминално конто на владеење.

Суштината на она што Груевски погрешно или воопшто не го разбра во Пржино е дека тој процес нема да резултира со уважување на тоа кој колку е популарен во македонската политика (гледам, пак се објавуваат резултати од некакви анкети правени во јуни годинава, според кои Грујо и ДПМНЕ, со скромната поддршка од дваесетина отсто од испитаниците, се вечно најпопуларните политички опции во Македонија!), туку процесот конечно ќе обезбеди, без разлика на популарноста, тој што крадел и мамел да заврши во затвор, а и да врати барем нешто од украденото. Со тоа, Македонија од држава на криминализирани политички манекени, треба да стане правна држава.

Тоа е Пржино. На тоа и Груевски, веројатно уморен и деконцентриран, стави свој потпис.

ШТО САКА ГРУЕВСКИ?

Сега Груевски повторно се обидува да ја смени и насоката и брзината и актерите и контекстот на одвивање на неговата најавена (и потпишана!) политичка смрт. Со именувањето на ДПМНЕ и на Груевски за главни виновници во неисполнувањето на договорените параметри на предизборни реформи во договорот од Пржино, меѓународната заедница почнува „да ги вади ракавиците“ и да бара од Груевски да отстапи од она за што тој грчевито се бори: по секоја цена да остане на власт – или, ако мора да се заминува до избори, да си замине под свои, а не под договорените услови!

За тој вид гаранции, Груевски мисли дека повеќе нема што да разговара со Европејците, со Хан и со „некаков“ Белгиец кому никој не знае точно ни да му го изговори името (Ванхауте?). Се обиде преку медалот за Џорџ Буш (и со уште некои други домунѓавања) да направи „влез“ кај Американците, но таа врата сè уште му е, заслужено, затворена. За да се избори „да стави нога во довратокот“, за да постигне валиден третман за себе од единствената светска сила, Груевски сега ќе мора да ја заостри играта, да преземе поголем ризик и да направи доволно голема врева за да го сврти вниманието врз себе. Со други зборови, Груевски повторно мора да го влече „адутот“ на дестабилизацијата на Македонија, за да биде – во една бандитска матрица на сфаќање на политиката – третиран сериозно.

Влегуваме во време на опасно живеење, но, ако е за утеха, балансот на нелагодноста и стравот во кој со години живее демократската јавност во Македонија, од почетокот на „бомбите“ нагло се префрли на страната на фамилијата на власт и нивните – за жал, бројни – подлизурковци и клиенти, но и наивни поддржувачи.

Сепак, бидејќи политиката е уметност на можното, а не конструкција од случки во доменот на фантазијата, вреди да се поразмисли за тоа кои се, сега, опциите на Груевски?

КОНФРОНТАЦИИ И НАСИЛСТВО?

Една од варијантите на кои може да игра Груевски е сосема да се растури договореното од Пржино, за целиот тој „пакет“ што побрзо да стане историја. Тој мисли дека, за потребите на своите поддржувачи во домашната јавност, доволно „одглумил“ сериозност во досегашното преговарање и дека за сите понатамошни последици од прекинувањето на преговорите може да ја обвини опозицијата. Свесен е дека со тоа повторно ќе ја истера опозицијата од „институциите на системот“, а подготвен е да ги направи сите неопходни провокации и опозицијата и демократската јавност да ги радикализираат своите позиции, вклучувајќи ја и можноста за рестартирање на „уличната демократија“. Груевски се надева дека на тој начин ќе постигне доволно конфузија и дополнителни конфронтации во општеството, за преку голата употреба на апаратот на државата (тајна и јавна полиција, судство и обвинителство, пропаганда итн.) да врати нешто од политичката иницијатива во свои раце. Во политиката на конфликтот, на краток рок, оној што го контролира теренот е тој што го управува процесот. Груевски се надева, со употреба на сите средства, да надвладее во таа конфронтација, за да може да почне да поставува свои услови за нејзино смирување. Колку што слушам, во некои од подружниците на ДПМНЕ веќе се лиферуваат размислувања за подготовка за можни граѓански судири.

На пример, во ваков контекст, апсењето на Заев би било основа за политички преговори за негово ослободување, што ќе бара концесии од сите страни, при што крајната отстапка на Груевски би била ослободувањето на Заев, што значи дека тој не би направил никаква суштинска отстапка во тие пазарења, за разлика од другата страна која би била приморана на некакви отстапки. И така натаму.

Резултатот од оваа опција на Груевски, преку покажување „цврстина“ и „решителност“, би бил обидот да се деморализира демократската јавност и да се принуди меѓународниот фактор Груевски да го прифати како ефективна сила за разрешување на кризата. Секоја дополнителна меѓуетничка компликација е добредојдена.

Несомнено, ваквиот развој на настаните ќе му купат нешто време на Груевски, но неговата генерална позиција со ништо нема да се подобри, особено ако во конфронтациите дојде до посериозни судири, па и жртви на некоја од страните.

Нема добар излез за фамилијата од ваквото сценарио. Можеби Груевски навистина потсетува на Лукашенко, но Македонија не е Белорусија. Во оваа варијанта, расплетот ќе биде мачен, можно е и трагичен за разни поединци, но дефинитивен по „тајфата Груевски“.

ОДОЛГОВЛЕКУВАЊЕ?

Друга можност за Груевски е остварувањето на договореното во Пржино – да потсетам: Македонија од криминално-манекенска, да стане правна држава – да го развлекува и да го забавува колку што може подолго, за да се приближат изборите во април и да се нема време за суштинските изборни реформи и за фер „нивелирање“ на спротивставените политички страни. Условот за ова е да НЕ профункционира Специјалното обвинителство до април, или барем да не профункционира со капацитет и со мандат што ќе ги направи кривичните истраги погубни по кредибилитетот и слободата на клучните играчи на фамилијата на власт. Затоа се сите кочења во обвинителството, што потоа ќе се пренесат на судскиот и на полицискиот апарат. И изборот на министер за внатрешни работи од опозицијата треба што повеќе да се одолговлекува, а Уставниот суд е „џокерот“ што ќе се влече последен. Потоа – си мисли Груевски – работата ќе се пресели на пропагандни и правни натегања во кои неговите истурени поддржувачи ќе се борат за секоја „педа“ во валканата пропагандна војна.

Но, и опозицијата и меѓународниот фактор, во ова сценарио, сигурен сум дека нема да брзаат со избори во април. Роковите од Пржино се веќе пробиени и дополнителните компромитации на тој договор само ќе ја пролонгираат агонијата на власта, со пролонгирање на рокот за вонредни избори. Гледаме, Груевски сè уште ги контролира партизираните, корумпирани македонски државни институции, како и добар дел од јавноста преку својата пропаганда, но нема контрола врз тоа што ќе го прави и домашната и растечката меѓународна опозиција против него. Ќе му се случат изненадувања што не ги предвидува, а на олку чекање правда во Македонија, неколку дополнителни месеци плус не ми изгледаат како погубна жртва за промовирање на демократските изборни стандарди и, барем некаква, правна држава.

СТРАВ ОД СЛОБОДАТА

Конечно, Груевски ја има можноста за аранжирана демисија од партиската челна функција, со гаранции што би ги добил од новото раководство на сопствената партија за одредени заштити во правно-политичките разврски што следуваат. Шансите за ова „Санадер-сценарио“, засега, се мали, бидејќи претходните две варијанти на фамилијата мора да ѝ изгледаат далеку поприфатливи.

Веројатно првпат во последните десетина години откако е на власт во равенката на владеењето на Груевски се појавува една голема непозната којашто ТОЈ не може да ја контролира: меѓународната заедница. До сега, сè што правеше Груевски – од пуштањето „во употреба“ на тротоар од 50 метри, до средба со Папата во Ватикан – беше насочено само и само и само кон консолидирање на неговиот култ на личноста кај неговото гласачко тело. Никаков интерес на нацијата или на државата, на моралот или на јавниот интерес, не беше поважен од евентуалноста да се загрозат макар и 15-ина гласови поддршка за него и за ДПМНЕ во, на пример, Долно и Горно Прдејци. Целиот државен и партиски апарат, како и целата добро подмачкана пропагандна машинерија, беа ставени во служба на оваа титоизација на неговиот лик и дело во патријархалната деспотија на фамилијата во Македонија.

Во годините зад нас, меѓународната заедница, „странците“, на тоа, во најдобар случај, гледаа со рамнодушност, а често и со премолчена или гласна симпатија. Не ми е намерата сега да навлегувам во долги анализи зошто така се случи целата работа, но штетата од ваквиот нивен став демократската јавност во Македонија не треба никогаш да им ја заборави на странците – сетете се само, на пример, на улогата на претходниот американски, британски или, дури, и на претходното „онемено“ прорежимско издание на сегашниот амбасадор на Европската комисија во Македонија за „бетонирањето“ на недемократските практики и криминали на режимот на Груевски во Македонија. Без нивниот молк или, дури, и гласната некритичка поддршка за Груевски, нашата агонија можеби ќе траеше некоја година помалку и немаше да ги достигне овие длабочини на очај и морално-политички распад.

Но, познат е еден изразен „квалитет“ на „меѓународната заедница“ на Балканот: своите грешки ги заборава со истата брзина со која, потоа, ја менува политиката кон балканските деспоти, кога ќе решат дека „датумот на употреба“ им е истечен.

Тоа е оваа фаза во која сега се наоѓаме, со општата жалопојка, во која учествуваат и низа „независни“ продемократски сили, дека Македонија – откако странците, конечно, се „пробудија“ – ти била „протекторат“ во кој македонските политички елити не биле во состојба „да се договорат“, па дали СДСМ и Заев имаат капацитет за предводење на земјата, па кој бил во право кога велел ова или она...

Дрн-дрн-јариња! Кога паѓа, тиранијата секогаш игра на картата да го излаже умот дека по неа следува непредвидлива општествено-политичка празнина, полоша и од предвидливоста на секојдневните хирови на криминализираната, деспотска фамилија. Навикнати на не-слобода, граѓаните имаат проблем да поверуваат дека слободата е, воопшто, можна. Тоа е главниот производ што сега Груевски панично го распродава: подобро и лоша сегашност, од неизвесна иднина. Ако сте будали да му поверувате.

Извор: Слободен печат

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото