1025 hPa
87 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 04:59
Пред неколку дена, првиот полицаец во Албанија поднесе неотповиклива оставка по скандалот во кој шефот на Канцеларијата на Интерпол во Тирана бил упасен бидејќи го сокрил писмото со кое се барало апсење на еден осомничен пратеник од владејачката коалиција. Тоа е минимум, апсолутен минимум на владеење на правото во која било европска земја.
Денеска во Македонија, во сите медиуми, социјални мрежи и кафеани слушаме разговори во кои шефот на тајната служба договара купопродажба на прислушни апарати од странска земја директно вовлечена во неколку кризни жаришта. Во една реченица се кријат толку апсурди и бизарности што секој збор сам по себе е причина за неверица.
И повторно истата песна – вината е во поштарот, а не во писмото. А уште помалку во оној кој го пишувал писмото. Дури и да е така, дури и доколку Заев уште утре прекине со објавувањето на скандалите, на небото над Скопје нема да престанат да се таложат тешки темни облаци. И најбитното, дури и замолкнувањето на Заев нема никогаш веќе да го симне од дневен ред сознанието за неквалитетот на луѓето во чии раце била нашата и државната безбедност, политика, економија, животи.
Пред неколку недели тврдев дека како што тече времето и скандалите се редат, формирањето на преодна влада сè повеќе ќе биде спас за ВМРО-ДПМНЕ. Природата на денешните бомби и димензијата на информациите уште повеќе ја засилува таа теза, бидејќи ниту Груевски, ниту Мијалков, ниту Ахмети веќе не можат да се надеваат дека Заев ќе замолкне или направи компромис за доаѓање на власт „преку уцена“ како што милуваат да интерпретираат владините медиуми. Доколку до вчера мислевме дека проблемот е една врхушка од грст луѓе, од денес понатаму се импонира дилемата за севкупниот систем и луѓето кои биле милом-силом вовлечени во него.
Ниедна пријава против Заев нема да го спречи распаѓањето на врхушката, но здравите ткива на системот мораат – час поскоро – да направат избор на ампутација на загноените ткива пред гангрената да ги зафати и коските и рбетот на државата. За сопствено и општо добро. Затоа, наместо омраза, застрашување или нелагода пред објавувањето на информациите, треба да разберат дека Заев единствено ја дава дијагнозата, но не е симптомот на заболувањето. Симптомот е во системот, кој кога-тогаш ќе зачука и нивните порти.
Оваа власт, институционално и индивидуално, е како пиштол гол актер на сцена осветлена од сите страни и пред до последен ред исполнета сала со гледачи кај кои хипнотичката опчинетост со главните глумци сè повеќе се разлева во изрази на гадење и презир кон баналноста на глетката. Никој не сака пред себе да гледа попроста верзија на самиот себе, да биде сведок на мизерна вулгарност. Секако, соголениот актер сè уште ќе упатува пцости и со прст ќе прозива ликови од аудиториумот.
Предоцна.
Deus Ex Machina веќе стапна на сцената.
Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слики: Александар Ковачевски