Марија Иванчева: Семипериферијата нема да биде поштедена

24.12.2013 10:13
Марија Иванчева: Семипериферијата нема да биде поштедена

Можете ли да ни изложите кратка хронологија на протестите во Бугарија?

Последниве години имаше неколку протести во Бугарија, од кои би издвоила три најзначајни: најпрвин беше еколошкиот протест летото 2012 година, зимата 2013 година следеше протест против зголемувањето на цената на струјата, додека актуелниот протест започна како многу проблематично собирање против општата политичка репрезентација. Имаше и други помали протести, на пример, против приватизацијата на железницата и приватизацијата на фабриките за оружје; сите имаа одредени реперкусии и на главниот град, но беа помали. Во 2012 година, кога бунтот беше на својот врв, околу пет илјади луѓе успеаа ефикасно да ги блокираат главните патишта кон Софија, па тоа беше дводневен спектакл и покрај тоа што не беше масовен. Зимоска се бунтуваа околу 10.000 луѓе, но имаше многу неорганизирани акции, без водство; луѓето само доаѓаа и се дружеа, понекогаш се обидуваа да ја избегнат полицијата. Имаше ноќни физички пресметки, особено помеѓу полицијата и фудбалските хулигани, но повеќето демонстранти беа обични луѓе. Летово петнаесет илјади луѓе излегоа на марш на улиците во Софија, што е незапаметено во последните петнаесет години.

Средната класа и вознемирениот систем

Кои се демонстрантите кои летоска маршираа во Софија?

Се обединија различни групи, но главно тоа беа жителите на Софија и другите градови – работници во приватниот сектор, студенти и млади луѓе. Накратко, оние кои се добро образовани, кои ги разбираат глобалните општествени движења и се идентификуваат со нив. Но, зимоска имаше и такви кои излегуваа на улица од очај, како и оние кои се солидаризираа со нив, кои не протестираа само заради своите сметки за струја, туку биле поттикнати од другите кои, на пример, се замозапалуваа.

Целиот тој процес зборува за атомизацијата на општеството и целите кои ги имаат одредени групи. Ги распознаваме и работничките проблеми и неволјите на средната класа?

Тешко е да се каже кој ја сочинува средната класа, затоа што постојат многу различни дефиниции. Од друга страна, за марксистите тоа е проблематична, непостоечка категорија, која често се злоупотребува за оној дел од работниците, кој е добро образован, да се насочи против остатокот од класата. На одреден начин, владеачката идеологија со транзицијата ветуваше просперитет и таканаречена средна класа, нејзино ширење во целото општество. А сега гледаме дека тоа, кога би почнало да се случува, би го вознемирило истиот тој систем, би го вознемирило капитализмот. Дел од протестите го презема тој идентитет и таа аспирација.

Тоа може да се види и во медиумското покривање на настаните: еден дел од демонстрантите е идеализиран како оние кои сакаат пристоен граѓански живот, а другиот дел е демонизиран, како љубители на општествениот хаос. Првите се медиумски презастапени, другите останаа во сенка?

Тешко е да се каже нешто за тоа. Сето тоа зборува за фрагментацијата и атомизацијата кои ги споменавте. А тоа лесно се виде и во протестите – без многу разговори и говори, само врева и ракоплескање. Немаше јавни трибини, затоа што луѓето ја отфрлаа потребата за една таква улога. Истовремено, можеше да се забележи дека минатото лето мејнстрим медиумите не известуваа во корист на средната класа, туку во корист на буржоазијата, луѓето кои ги поседуваат средствата. Сега беше поинаку, протестите беа премногу големи за да не можат да бидат видени. За нив се известуваше, но на различни начини. Либералните медиуми беа многу отворени за протестите, а останатите ги третираа двосмислено, барајќи во нив скандали и компромитација.

Кај нас медиумската стратегија често се сведува на она „премногу не е доволно“: за некој феномен се зборува многу, а да се каже малку за неговите подлабоки причини?

Да, нема аналитичност, само заземање страни, па дури и обиди за гламуризација на настаните со нивното секојдневно покривање. Но, јасно е дека тоа не е сè, постојат многу проблеми за кои не се известува. Голем проблем на зимските протести беше тоа што дел од луѓето сакаа да протестираат против партијата ГЕРБ на Бојко Борисов, која ја напушти владата, па беа исклучени од протестите. Пораката беше: ние сме против Социјалистичката партија (Бугарската социјалистичка партија, БСП), не и против останатите.

Каква е сега парламентарната сцена во Бугарија?

Од десното до екстремно десно сè е подредено; единствената забуна ја внесуваат некои екстремно десничарски партии, кои со некои барања звучат „левичарски“, но, се разбира, тоа е многу проблематично, најмногу заради тоа што им се обраќаат само на етничките Бугари. Значи, и оние нивни барања кои звучат добро – за национализација, семејни надоместоци, плати со кои може да се живее пристојно – се однесуваат само на специфичен сегмент од општеството.

Кога се случи транзицијата, се појави големата коалиција на мали, фрагментирани партии, наречена Унија на демократски сили (УДС), која подоцна се распадна на неколку делови. Беше на власт во 1992 и 1997 година, кога одговори на кризата предизвикана од инфлација, која ја предизвика владеењето на Социјалистичката партија на Бугарија. Тоа одведе многу претпријатија во пропаст, банките лудуваа и всушност никој не ја водеше земјата. По искажаниот акумулиран долг, колабираше целиот систем и дојде до висока инфлација. Сето тоа го искористија десните конзервативци за да дојдат на власт. Нивното решение беше приватизацијата, со која започна и нова проблематика. Приватизацијата на почетокот навистина ја стабилизираше макроекономската слика, но по која цена? По цена на дестабилизација на животите на мнозинството од домашното население! Многу фабрики беа затворени, многу работни места беа уништени, приватизацијата не започна нов развоен циклус. Како резултат на тоа, многу луѓе ја напуштија земјата. Тешко е со факти да се поткрепат размерите до кои беше влошена ситуацијата во земја во која општата стапка на невработеност се мери во ситуација кога една петтина од населението спаѓа во привремени, а сè повеќе и во постојани мигранти.

Парламентот и неговите влади, па и последнава, секогаш се некакви коалиции на „обичната“, конзервативна и екстремна десница. Секогаш се тука и околу десет посто од либералите, кои претставуваат 13 етнички малцинства. За жал, тоа е многу олигархиска партија. Значи, веќе ги имаме споменатите БСП и ГЕРБ. До 2001 година, системот беше двопартиски како во Британија, каде третата мала партија секогаш можела со една од големите. А потоа се врати царот и формираше влада, со намера да го прекрои двопартизмот. Но, многу бегалци од неговата партија развија сопствени партии, па така и ГЕРБ, како партија на десно-центристичкиот популизам. Иако се неолиберални во економската политика, како и другите, тие се обидуваат и со програма која ќе ѝ се допадне на средната класа; сепак, токму тие успеаа да ја направат кризата со сметките за електрична енергија.

А како е со идеологиите во цивилното општество, кое сака да се прикажува како неполитичко?

Тоа ми е омилена тема. Нивната аполитичност е политичка во шмитовска смисла, затоа што има непријател. А тоа е народот, илибералната маса, наводно наклонета кон авторитарните лидери. Па, цивилното општество се поставува против тоа, тие се за слобода, либерални вредности и човекови права – но само за некои сегменти од општеството. Така што многу е лесно да се поддржува геј и лезбејската сцена во Софија, затоа што, главно станува збор за проблематиката на хомосексуалните конзументи од средната класа, а не за сеопшта промена на структурите кои ја овозможуваат репресијата над луѓето од ЛГБТ популацијата.

Некритичко отфрлување на минатото

Европската левица ни самата не е единствена во својот однос против Европската унија: дали воопшто постои анти-ЕУ расположение во Бугарија и кој го изразува?

Екстремната десница. Но, да не заборавиме дека Бугарија е во многу тешка геостратешка ситуација: иако немаме голем отпор кон ЕУ, имаме изразени задачи во рамките на политичките класи, во конфликтите на интересите помеѓу ЕУ и Русија , да се маневрира на двата фронта.

Тоа не ми звучи лошо... или барем е помалку лошо од нашата мономанија?

Но тоа е лошо: кога на национална територија се натпреваруваат гасоводи, рускиот Јужен тек и ЕУ проектот Набуко, а земјата во еден момент ги поддржува, па во друг ги одбива двата, на дело е потполна шизофренија. Зад нашиот грб се борат два моќни блокови. Така, зимоска, на референдумот за користење нуклеарна енергија, прашањето не беше само дали го сакаме овој тип енергија, туку и дали ја сакаме едната или другата варијанта. А тоа е проблематично: рековме дека не сакаме, а тие развиват алтернативна нуклеарна програма.

Политичката имагинација прилично се осиромаши и се испразни по 20 години ваква транзиција, придружена со нејзините транзитолошки рефлексии. Што мислите, во која насока ќе продолжат и ќе се развиваат сегашните протести? Почитувајќи ги специфичностите на секоја од земјите, во Словенија и Хрватска се запре кај проблемот за институционализација на енергијата на отпорот...

За мене политичката имагинација не се однесува само на она што ќе се случи во иднината или при нуркањето во минатото, туку во многу критичкото историско преиспитување на минатото. Но, тоа беше многу тешко во блиското минато, затоа што политичката имагинација на тој начин се празнеше од содржината. Сите постсоцијалистички влади, вклучувајќи ги и оние кои се нарекуваа социјалистички, со валканата вода го истурија и детето, во смисла на начелното одбивање на комунизмот. Немаше пресуди за тоа што беше добро а што лошо во социјалистичкото минато, сè е прогласено за лошо! На ист начин постапуваше новата левица со претходната ера, сето тоа за нив беше еден вид подвид на фашизмот. Но, тој систем функционираше во некои сегменти, од стопанскиот раст во одредени периоди до развој на инфраструктурата.

Уште попоразително е тоа што не се согледува дека историјата на социјализмот е историја на големи борби во рамките на тие општества, а не некаков предодреден монолит на дело?

Да, и како тогаш да се спасат и да се преземат важните работи од тој период? А тоа не е проблем само во Бугарија: во својата дисертација го истражував случајот на Венецуела и дојдов до заклучок дека и таму, дури и оние кои учат, малку учат од сопствената историја.

А што да се каже за нашата земја која ја нема, Југославија и нејзината поука – можеби тоа наследство не смее да им биде препуштено само на Југословените? И онаа наклонетост на секоја нова генерација левичари, но и некои постари, кон некој наводно апсолутен нов почеток?

Постоеја толку експерименти и обиди за да се осигура благосостојбата, во образованието итн. Се разбира, не мора сè да се препишува од минатите времиња, но мора да се разбере како било, па потоа и што од тоа денес е применливо, а што останува контекстуално. А тоа не го правиме доволно: притоа самокритички мислам и на себеси, иако се трудиме – како колективи, а не само како поединци. Првенствено затоа што и таа борба, колективната, е поголема.

Можеме ли да се надеваме дека идните демонстрации ќе бидат поструктурирани, подобро организирани?

Не знам да одговорам на тоа децидно, знам само дека сите групи во Бугарија сега ги преиспитуваат своите мобилизаторски капацитети. Тоа е во ред, но ако не се работи околу минатото сè ќе остане да лебди. Затоа што ние сега на одреден начин размислуваме за партиите, за тоа како тие се создаваат, па сакаме само да ги копипејстираме тие искуства и што побрзо да оформиме политички релевантна партија од вистинската левица, без да размислиме за тоа како се создава поинаква партиска организација. Или, ако сме анархисти, само ќе речеме дека ги мразиме партиите. Затоа ми беше инспиративен говорот на Мајкл Лебовиц во Венецуела за тоа каква би требало да биде социјалистичката партија: основен проблем е внатрешната контрола, а не контролата на партијата над населението, нешто што го имавме во Источна Европа. Значи, не станува збор само за дисциплината и вовлекувањето на масите во политичкото одлучување, туку и за воспоставување на механизам за внатрешна контрола, за да се достигнат стандардите кои се заговараат. На пример, ако ја заговарате идејата дека потрошувачката треба да ѝ се подреди на акумулацијата, тогаш тоа треба да се однесува и на вас; ако не го извршувате тоа, мора да се повлечете. Сето тоа мора да се случува во рамките на партијата, а не во односот на партијата кон остатокот на населението. Се плашам дека денес секоја партија се основа на истиот етос, дека „ние“ сме таа избрана група луѓе на кои однапред треба да им се верува.

А да застанеме на сопствените нозе?

Ако се занимаваме со иднината на Балканот, мораме да размислуваме за „балканизацијата“ на Југославија, нејзиното уништување и создавањето нации-држави, со сите придружни феномени на клаустрофобијата и шовинизмот. Не е ли проблем што агендите, како ова вмрежување на балканската левица или форумот Балкан, со сите промени на статусот на одредени земји во рамките и надвор од ЕУ, внесуваат повеќе геополитички предизвици во овој простор отколку што тој може да постигне да ги преработи? Со тоа, на левицата секако би требало да ѝ биде јасно дека е нужно да се излезе од наметнатите рамки на државичките-нации...

Сè што ќе успее е добро. На сличен форум во Литванија зборував со тамошните луѓе за тоа дека имаме идеја за балканска федерација; веднаш прифатија дека и на нив би им требало нешто слично. Тоа можеме да го наречеме Балкан или поинаку, битно е да ги анализираме и разбираме процесите на заедничката економска периферија, која треба да стане суверена. Мислам дека прашањето за сувереноста е круцијален концепт. Либералната анализа на глобализацијата ја замрачува нееднаквоста во контекстите. Лесно е да се каже дека секој кој реферира на национална територија е националист кој треба да исчезне; една од причините зошто десните екстремисти се поуспешни од левицата е и во нивното тврдење дека ја штитат сувереноста над националните ресурси, општите добра и услугите. Тоа го прават во името на искривената субјективност, но од нив мораме да научиме дека сувереноста е нешто вредно. Не станува збор за национализмот, туку за тоа кој ќе ги контролира ресурсите кои сакаме да ги регулираме. Убаво е да се залагаме за европска федерација, за европски општи добра, како такви. Но каде се заедничките добра – културните и природните добра кои им се достапни на сите членови на општеството – во Амазонија? Ако Перу, Еквадор или Бразил не можат да им дозволат на меѓународните корпорации да им ја пустошат земјата, истото ќе се случи со експлоатирањето на нашите суровини во Европа, како што веќе се случи во Африка. Значи, лесно е да се застапува некаков laissez faire commonism, кој секогаш е на страната на богатите општества.

Политичкиот естаблишмент и неговиот медиумски мејнстрим не ги проблематизираат новите нееднаквости во рамките на ЕУ на вистински начин: се преправаат дека сите сме еднакви или речиси еднакви, додека на дело е неоколонијалното преструктурирање на заедницата?

Голем проблем во државите и општествата, кои се споредливи со нашите, е и една друга тенденција, исто така многу опасна – според неа ние само ја драматизираме сопствената ситуација, која секогаш може да биде уште полоша. Не постои поврзување со ситуацијата во земјите кои имаат многу бегалци, имигранти, а сето тоа има врска и со нас, кои сме им следната точка на патот. Би требало да биде разбирливо дека тоа се земјите уништени со нашите војни, со нашето искривено категоризирање. Но, во Бугарија владее мислење дека таквите не би смееле да дојдат ваму, нека одат на Запад. А нас, тој Запад нека не третира порамноправно, затоа што ни требаат повеќе пари, повеќе структурни фондови, со оглед на тоа дека заостануваме и се дезинтегрираме. А да застанеме на сопствените нозе? Тоа е семиперифериска ситуација, која всушност, наспроти новите периферии, сака да биде привилегирана: нашите потреби се пред нивните.

Истовремено, речиси и да нема интерес за меѓусебно запознавање, камоли за зближување на бившите социјалистички држави: сите врски се Исток-Запад, а ниту една Исток-Исток?

Токму заради тоа во последните шест месеци започнавме со порталот LeftEast на англиски јазик, како платформа за размена на информации помеѓу земјите од некогашниот европски исток. Посетете нè на www.criticatac.ro/lefteast и соработувајте со нас!

Патот на расистичките движења го отвора неолибералната администрација

Каков е најновиот развој на ситуацијата во Бугарија, што се се случуваше по нашиот разговор во Белград?

Последниве недели се создаваат бранови од меѓусебно спротивставени мобилизации, кои ја делат земјата по етнички и класни линии. Од 23 октомври штрајкуваат студентите, кои окупираа шест факултети во Софија и другите градови. Последниот штрајк во низата е поттикнат со повторното противуставно именување на медиумскиот магнат Делјан Пеевски во парламентот, а сега можеме да кажеме дека штрајкот трае веќе со месеци: започна како израз на морална индигнација и со барања за оставка на „левата“ влада, патронизиран од партиите и интелектуалците од десницата. Иако владеачката БСП ги контрамобилизираше своите поддржувачи, студентите попуштија пред притисоците од „левицата“ и десницата и започнаа дискусии и форуми со цел развој на сопствени анализи и разрешување на настаните. Тие дискусии траат сè уште. Истовремено, припадниците на професиите кои се сметаат за загрозени (како што се земјоделците, лекарите и полицајците) излегуваат на улиците протестирајќи против штедењето и другите буџетски издвојувања, но и против отказите. Секоја група ги истакнува своите барања, ретко во меѓусебен дијалог, а „социјалистичката“ власт, едноставно ги игнорира. Се случува и пораст на етнички мотивираното насилство: наспроти сè поголемиот број инциденти во кои се нападнати странци стои примерот каде жртва на грабеж, наводно била припадничка на екстремно десната партија ВМРО, позната по идејата за затворање на границата со Турција, за да се спречи влез на бегалци во земјата. Десничарите од партиите го искористија тој случај со ултиматум за власта, која треба да ја исчисти земјата од криминалците и економските мигранти или „народот ќе ја земе правдата во свои раце“, што предизвика бран антиимигрантско насилство.

Како реагираа институциите на државата на сето тоа?

Многу тромаво и неволно. Владеачката БСП молчеше додека можеше. Полека се мобилизираа либералните невладини организации, интелектуалците и професионалците чија реакција на омразата наспроти етничките малцинства, и пред бегалците да бидат зафатени со неа, беше млака. Проблемот е во тоа што многумина од нив сега излегуваат на улиците да ги поддржат демонстрантите, а либералните медиуми тоа го претставуваат како отпор на вообразената средна класа кон неуките и реакционерни маси. Развиен е еден вид моралистичка, антипопулистичка критика на политичкиот систем. Заговарајќи ги мерките за штедење, приватизацијата и понатамошната либерализација на пазарот како пат без алтернатива, тие ефективно, како „комунистички“ и „тоталитарни“, ги блокираат сите тврдења дека јадрото на проблемот е во про-ЕУ, неолибералната, технократска администрација, поврзана со крупниот капитал во рацете на бившите номенклатури. Затоа, наспроти својата морална индигнација, токму тие го отвораат патот за „народните“, „национални“, а всушност расистички движења, кои сега ги бранат „етничките Бугари“ од „странската опасност“, пренасочувајќи го вниманието од власта и вистинските односи на силите во општеството. Сите тие манипулации овозможуваат лесна хајка на „слугите на Џорџ Сорос и прозападните корпоративни кругови“ од една страна, но од друга страна го поддржуваат плачот на средната класа, дека таа не е уважена и дека не го добива своето заслужено место во заедницата на европските народи. Истовремено, со подигнувањето нови ѕидови во рамките на Унијата и околу неа, многу Бугари се принудени од емиграција да се вратат дома, каде затекнуваат приватизирана и уништена економија и приватизирани јавни услуги.

Најпосле, што ќе излезе од сите тие мобилизации?

Засега, тоа е потполно нејасно. Студентите од Големо Трново, чии барања се најрадикални, бараат сите сегашни партии да го напуштат парламентот, нова одговорност и бесплатно високо образование за сите. Нив ги напаѓаат вооружени групи од поддржувачите на власта. Кога земјоделците се обидоа да го блокираат автопатот кај Пловдив, власта испрати стотина полицајци. Селата во кои се планираат собирни логори за бегалци се бунтуваат, а власта одлучи да потроши пет милиони евра за изградба на граничен ѕид. Обидите за воспоставување дијалог помеѓу групите кои се бунтуваат не успеваат и сето тоа добива контури на меѓуетничко и меѓукласно насилство и омраза, што непомирливо го дели бугарското оопштество. Сонот за летната ноќ на некоја народна мобилизација така станува наш предбожиќен кошмар кој, судејќи по сè, ќе нè измачува и во годините што доаѓаат.

Извор: http://www.novossti.com

ОкоБоли главаВицФото