Муниципализам

17.05.2021 09:50
Муниципализам

Политиката, пред сè, е организирање - со кого можеме да постигнеме нешто, па дури и кога тоа „нешто“ не е однапред јасно и го надминува она што иницијално мислиме дека можеме да го постигнеме. Политиката е посветена колективна работа за одредување и остварување заедничка цел. Карактерот на политиката е дефиниран преку тоа со кого, во какво својство и во каква структура се организираме.

Муниципализмот е стратегија на хоризонтално организирање која поаѓа од местата и условите во кои живеат и работат општествените заедници. Муниципализмот на луѓето им дава рамка како можат да се организираат за да дејствуваат и како можат да дејствуваат за да ги менуваат непосредните материјални детерминанти во однос на тоа како живеат и работат, правејќи ги актери на политичкото обликување на целите на општеството. Дотолку, муниципализмот овде нè депасивизира, во нашиов контекст на децениска заробеност во национализмот и во партикуларните присвојувачки интереси кои за мнозинството носат малку корист а политичкото дејствување го обесмислуваат.

Муниципализмот е нужен, но не и доволен услов за да се промени општеството, зашто условувањата на глобалниот капиталистички систем и глобалниот систем на државите се глобални. А во тој глобален систем на меѓу-условување, за поголем дел од глобалното население иднината е еколошки, социјално и економски неизвесна. Затоа е нужно да бараме делотворни средства со кои можеме да го менуваме таквиот систем, да ги јакнеме општествените актери кои можат да го менуваат тој систем, да им бидеме сојузници на оние кои можат другде да го менуваат тој систем - за да можеме да чекориме кон еколошки сигурна и социјално праведна иднина за сите. А таквите делотворни средства поаѓаат од моќта на организирањето - зашто во глобалното општество на комплексна меѓу-условеност, политичката моќ да се принудат системите на промени се наоѓа на рабовите кои се способни да се организираат.

Да не должам, со својата седа брада гарантирам дека Можеме! е прекалена сила на организирање, организирање за еколошки сигурна и социјално праведна иднина. Не знаеме каква е таа иднина, но мораме да се организираме за да ја изградиме заедно во околности кои не сме ги создале ние.

Превод: Алек Кузмановски

Слика: Zadok Ben-David

Слични содржини

Општество / Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија

ОкоБоли главаВицФото