За медиумите и пропагандата

12.08.2014 14:58
За медиумите и пропагандата

Хорацио Вербицки, веројатно највлијателниот новинар во Јужна Америка, вели: „Новинарство е да се објави она што некој не сака да го знаете, останатото е пропаганда“. Реченица која сум ја видел на работните маси на многу новинари, новинарки и луѓе кои се занимаваат со медиуми, но исто така и на транспарент на протести за слобода на изразувањето, на интернет страници на активисти, синдикални организации... Интересно, најчесто му се припишува на Џорџ Орвел. Веројатно поврзувајќи го цитатот со приказната за животот на Винстон Смит, кој на своето работно место во Министерството за Вистина, ги уредува старите весници во општество во кое партијата ја ревидира и историјата согласно потребите на пропагандната машинерија на Големиот Брат. Не сум склон да верувам на теориите на заговор, на приказните за тајни организации кои од зад кулисите владеат со светот и имаат Голем план за сите нас. Но, повеќе од јасно е тежнеењето на најразлични центри на моќ, да остварат влијание врз информациите за процесите и појавите во општеството, стопанството. Политичарите знаат дека контролата врз вистината е моќ, поседувањето на информациите е власт, а „блаженото“ незнаење прави луѓето да се чувствуваат удобно во мал простор, во трло омеѓено со полувистини и лаги.

Ставањето под контрола на информативните медиуми за потребите на пропагандата е веќе вообичаена пракса. Условени со финансиска рентабилност, или под директна закана од употреба на сите репресивни апарати и алатки кои политиката ги има на располагање, голем дел од редакциите стануваат сервиси на пропагандата. Слободата на изразување и непристрасното, избалансирано, објективно и непартиско известување во тие и такви редакции не постои.

Најпластичен пример за претворањето на голем дел од медиумите во кербери на пропагандата, е случајот кога политичар од власта, пратеник во Собранието, му се заканува на свој колега од опозицијата, чија активност на собраниската говорница најавила можна опасност за некоја ахилова тетива на власта, со зборовите: „Ќе те спружам на насловна!“ Чин кој укажува на тоа дека одреден број насловни страници, одреден број редакции, уредници и новинари се орудие кое политичарот на власта го користи стратешки за лична дискредитација на политичките противници, за пласирање контролирани вести и написи, за пи-ар и маркетинг на политичката партија на власт.

Има уште еден пример, не можам да го наречам пластичен, затоа што не содржи никакви финеси, тоа е пример направен на дребонг од необработено парче метал: Исфрлањето на новинарите од Собранието на Македонија на 24 декември 2012. Во моментите кога во просторија покрај пленарната сала, припадници на МВР ги довршуваат склековите и вежбите за растегнување пред да јурнат меѓу пратениците на опозицијата и да ги исфрлат надвор од салата како партали, нивни колеги влегуваат во галеријата каде што се сместени новинарите и „со убаво, со кротко и со малку ќотек“ ги отстрануваат елитните припадници на Седмата сила од нивните позиции. Командантот на процесот заклучил дека е подобро ако новинарите не го сведочат исфрлањето на пратениците на опозицијата од пленарната сала, па затоа дал наредба и тие да бидат исфрлени!

Ова што следно ќе го ставам како след на „спружувањето“ и на исфрлањето, нема да го дообјаснам, ниту да се задржам подолго отколку што е потребно да се напишат две ужасно страшни реченици. Уредникот на највлијателниот политички неделник во Македонија, загина во сообраќајна несреќа, под многу сомнителни околности! Новинарот кој ја истражуваше случката, беше ставен во притвор!

Ако ја задржиме Орвеловската перспектива, можеме да објасниме зошто сѐ уште функционираат тие пукнатини во системот на партиската пропаганда каде виреат слободните медиуми. Сведени на биолошки минимум, со крајно ограничен пристап до публика, а со тоа и крајно редуцирано влијание врз јавното мислење, тие се оставени да преживуваат за да задоволат неколку потреби на пропагандистичката машинерија, чиј антипод се. Најпрво, на власта, во моментите кога пред меѓународната заедница докажува дека во Македонија постои слобода на изразување и демократичност во медиумската сфера, потребно ѝ е постоењето на медиумска опозиција. Потоа, на „Министерството за Вистина“ му требаат внатрешни непријатели за да ја одржи тензијата на митската борба со предавниците, странските платеници, кодошите и комуњарите, за да може вниманието на јавноста да се пренасочи од вистинските општествени, политички, економски и културни проблеми, каде што власта би трпела штета врз нејзиниот имиџ. Затоа, во недостаток на други „вести“, шиканирањето на новинарите и неконтролираните медиуми станува омилен спорт на мегафоните на режимот.

Сепак, оние редакции и информативни куќи кои го објавуваат она што некој не сака да го знаете, во крајно извитоперените услови и состојби кои станаа доминантни во македонската медиумска сцена (како дел од извитоперените услови и состојби кои се доминантни во македонското општество воопшто – влошување на состојбата со човековите права, широко застапена дискриминација по најразлични основи, корумпираност на институциите, органите и јавните сервиси, тотална партизација на државата...) се трудат да ја одржат во живот јавната дебата, да бидат фер и објективни, да ги разјаснат темите кои ги обработуваат, спротивно на создавањето конфузија кај публиката, или уште полошо, пристрасно и пропагандистичко известување. Тоа се редакции и новинари кои постојано го држат фокусот кон оние кои што ги создаваат политиките, како и на самите политики кои го моделираат македонското општество.

Улогата на новинарската фела која не е ставена во пропагандистичката камарила на власта, почнува да поприма елементи на активизам. Општествениот и политичкиот контекст во кои функционираат ги приморува да влезат во костец со газдите на медиумските кербери, а новинарите, следејќи ги основните постулати на професионално извршување на дејноста, стануваат активни застапници за граѓански слободи и човекови права воопшто. Како што новинарот Зоран Бојаровски пишува во неговиот напис Новинарство во егзил: „новинарот што ги исполнува овие услови е и по дефиниција активист и, во исто време, член на тоа братство. На братството на граѓанските активисти. На патот кон слободата…“

Патот кон слободата треба да се изоди и тоа воопшто не е романтичен, ниту лесен процес. Бројот на жртвите (со полно право можеме да зборуваме за жртви) и силината на ударите од страна на власта постојано ќе се зголемуваат и радикализираат, а на слободарските новинарски пера ќе им биде сѐ потешко да опстојат. Затоа, прашање на здраворазумско управување со ресурсите е формирањето на коалиции и овозможувањето соработка и поддршка меѓу новинарите и граѓанските активисти кои се дел од демократската политичка опозиција. Ова поврзување треба да овозможи пристап до непристрасни вести и информации на што поголем број граѓани. Да ги зајакне еснафските организации, новинарските синдикати и здруженија кои ги штитат новинарите. Да биде контрапункт на строго централизираната и координирана пропагандна машинерија. Да не дозволи да завладее молк!

Во нормални услови, не би имало потреба од обиди за ставање равенство меѓу журнализмот и активизмот. Во нормални услови, ни овој текст не би постел, но македонскиот контекст силно ги поларизира сите структури на општеството и не остава никого надвор, во независната, неутрална сфера. Она што преостанува е само личниот избор кој го имаме сите: Дали ќе го свртиме погледот настрана кога ќе дознаеме за било какво зло, корупција криминал, кои некој се труди да ги скрие, или колку може посилно ќе дуваме во свирчето за тревога?


Извор: Збор и слобода, Институт за хуманистички и општествени науки, Скопје, јуни 2014.

Слики: Aldo Sergio