ТВ Дневник: Професионалното новинарство сѐ уште тлее во Македонија

20.11.2014 10:19
ТВ Дневник: Професионалното новинарство сѐ уште тлее во Македонија

[ ТВ Дневник: Телма, 17.11.2014 година]

Овие вести ја задоволија својата функција. Ги имаше сите битни настани без навивачки моменти, сите прилози беа вистинити, точни, содржајни, со извори и со сите правила според принципите на професионалното новинарство. И тоа што можеби не прво, но многу важно е дека овој ТВ дневник се разликуваше од сите останати кои личат како јајце на јајце.

 

Навикнати на дневници во кои не се почитуваат новинарските стандарди, а многу често и се омаловажуваат луѓе, колеги, интелектуалци, професори… да се изгледа информативна емисија поразлична од другите е навистина освежување. Посебно во ден кога сите медиуми, кои ја застапуваат и се согласуваат со политиката на власта, нема да одвојат повеќе од 30-40 секунди или како техничка веста ќе го пласираат настанот на денот – протестот на студентите.

Масовниот марш на студентите од Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“, каков не се случил во последниве 10 години, не најде достојно место во поголем дел од медиумите, посебно во телевизиите. A, тоа требаше да биде главна вест затоа што првата улога на медиумот е да информира.

Масовен протест на студентите

Сепак, дека нешто од професионалното новинарство сѐ уште тлее во Македонија покажа дневникот на телевизија Телма од 17.11.2014 година.

Телевизијата првата најава и вест ја одвои за студентските протести. Притоа, прилогот беше направен според сите новинарски правила, без да се насети нималку непотребна политичка нишка во него.

ТОЧНО И ВИСТИНИТО

Прилогот почна коректно, точно и вистинито:

Револтот од намерата на властите да воведат екстерно оценување на факултетите ги обедини студентите. Се обраа неколку илјадии и 2,5 часа маршираа низ скопските улици скадирајќи пораки против ваквиот коцепт на провека на знаењето. Тргнаа од платото на државниот универзитет и масовно прошетаа пред Владата и пред Студентскиот парламент, каде неколку минути залудно го повикуваа раководството да им се придружи.

…и заврши така:

Два и пол часовниот марш помина мирно, без никакви инциденти. Организаторите уште на почетокот се оградија од политичките партии и организаци.

Во прилогот не се чувствува никаква изнасиленост, тој е содржаен, има извори, има изјави и нема ниту еден непотребен коментар.

Веднаш по минутите за протестите на студентите, беше објавен и прилог со реакции од протестите, а гостин беше режисерот Слободан Унковски кој направи паралела со студентските протести од 1968 година, во тогашна Југославија кога тој бил студент.

Исто така, настан на денот кој коректно и професионално беше пренесен во вестите, беше и оној за казните за лекарите специјалисти од Одделението за нуклеарна медицина во битолската Клиничка болница поради потрошените рагенси.

Иако оваа вест беше пренесена во речиси сите македонски медиуми, таа не беше сеопфатна. Во прилогот на телевизија Телма беа опфатени сите аспекти на обработка на веста. По информацијата од Министерството за внатрешни работи земени се изјави од пациентите, од лекарите, како и од директорот на болницата.

СПОРЕД НОВИНАРСКИ СТАНДАРДИ

Во продолжението на дневникот беа опфатени настани, кои според новинарските стандарди заслужуваат да се најдат во една информативна емисија. За разлика од останатите телевизии, прилогот за извештајот на собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања за оставките на пратениците од опозицијата се разликуваше во повеќе сегменти. Ако на другите преовладуваа навредувачките мотиви во прилозите, во овој ТВ дневник работата беше јасна како ден. Прилогот беше без никаква политичка пристрасност, професионално одработен и речиси библиографски беа пренесени настаните кои треба да се случат. Притоа, немаше ниту напаѓачка, ниту пофална нота.

Прилогот, пак, за кривична пријава за силувачите во затворот за малолетници во Велес, беше ексклузивен прилог на овој медиум. Другите медиуми не најдоа место за оваа вест, иако според важноста и социјално-општествените импликации заслужува да се најде во информативно издание. И во овој прилог се застапени сите аспекти на новинарството, без да се претерува или да се прави сензационална вест од дневен настан.

Кривични за силување за четворица од малолетничкиот затвор

Исто така, овој ТВ дневник беше едиствен кој ја пренесе и дебатата што ја организираше институтот „Прогрес„ заедно со фондацијата „Фридрих Еберт“, каде беа изнесени и дел од излагањата на пристуните гости.

Загрижувачко ниво на јавниот долг

Иако новинарските редакции се автономни во изборот на вестите кои ќе ги опфатат, на кој начин и со какви принципи ќе настапат пред јавноста, задржувајќи ја својата автномна уредувачка политика, сепак, во новинарството има стандарди за тоа како треба да изгледа една вест или во овој случај прилог на телевизија. Во овој ТВ дневник сите прилози, како и начинот, постапката и приторитетот на објавување се во рамките на професоналните новинарски стандарди.

Безидејност на пасивизираната политичка сцена

Освежување е и тоа што немаше пренесување прилози од порталите што последниве неколку години во македонското ТВ новинарство стана практика. Притоа, во таквите прилози не се внимава на никаква телевизиска подготовка која треба да следува, туку текстот само се препрочитува. Тоа го немаше во овој дневник како позитивен чекор во телевзиското информирање.

Овие вести ја задоволија својата функција. Ги имаше сите битни настани без навивачки моменти, сите прилози беа вистинити, точни, содржајни, со извори и со сите правила според принципите на професионалното новинарство. И тоа што можеби не прво, но многу важно е дека овој ТВ дневник се разликуваше од сите останати кои личат како јајце на јајце.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).