Солидарен став на еден пензионер

14.01.2015 16:20
Солидарен став на еден пензионер

Како во Македонија лесно се прават поделби на граѓаните во категории? Една споредба меѓу две категории граѓани на Република Македонија, што долго се провлекува, а останува незабележана.

Едната категорија се пензионерите, другата категорија – граѓани кои останале без работа поради стечај на фирмите (стечајци) и граѓани кои поради самоволноста на работодавците од приватизираните фирми се отпуштени од работа и заменети со млади работници.

Пензионерите се стекнале со нивниот статус по редовен пат и можеби со услови кои ги исполнувале пред промена на законите од таа сфера. Дел од вторите кои имале голем стаж, биле многу блиску до стекнување право за пензионирање или пак надомест до пензионирање, останале надвор од законските регулативи затоа што тој закон за работни односи и обезбедување во случај на невработеност е изгласан без преодни периоди (единствено во Македонија). Истите се приморани да чекаат и по десетина години до стекнување право на пензија место тоа да беше постапно при закон со преодни периоди.

Првата категорија – пензионерите, многу јасно се гледа дека ги уживаат сите благодети на оваа држава-власт.

Покрај во основното – пензијата, што како таква редовно ја добиваат, уживаат и во разни бенефити кои им се пружени – бесплатни бањи, бесплатни возења со автобуси и возови, бесплатни зимувања и што уште не – добиваат и покачување на пензиите по 5% годишно за наредните 4 години.

- Втората категорија граѓани без нивна вина се осудени да немаат баш ништо што им е пружено на пензионерите. Немаат пензија или надомест, немаат никакви бенефити, немаат покачувања. Значи и покрај одработеното, долги години се без никакви примања доведени во беда и очај, па претставуваат колатерална штета на овие закони и едноставно се отпишана категорија.

За каква тврдоглавост или слепост се работи? Еве една мала споредба (мала математика) што значи 1% покачување за привилегираните (пензионери) во однос на невработените:

- Вкупно пензионери во РМ – околу 300.000

- Просечна пензија околу 200 евра

- Вкупно средства за 1 месец = 300.000 х 200 = 60.000.000 евра

- Вкупно средства за покачување 1% = 0.01 х 60.000.000 = 600.000 евра

- 120 евра – надомест за невработени до пензионирање или ново вработување

- 600.000 : 120 = 5.000

- 5.000 стечајни работници и работници отпуштени од работа се спасуваат со само 1% покачување на пензиите.

Уште со нови 1%, се спасуваат други 5.000 стечајни работници.

Редно е владата да ги праша односно замоли пензионерите – дали сакаат солидарно да се сложат – барем во една година покачувањето на пензиите место 5% да е 3%, а средствата од 2% да се искористат за спас на 10.000 стечајни работници и работници отпуштени од работа.

Ако пак ова не е можно, бидејќи владата толку лесно обезбедува средства за 5% покачување на пензиите, нели би било логично да обезбеди и средства во висина од барем уште нови 2% за спас на 10.000 невработени работници и стечајни работници?

Редно би било владата реално да ја процени и проследи целата оваа состојба.

Срамно е ако оваа состојба не е жалосна и бедна.

Авторот е пензионер од Скопје

Извор: www.solidarnost.mk
Слика: Charlie Spear