Владата ги осиромашува пензионерите

15.10.2015 01:56
Владата ги осиромашува пензионерите

Деновиве, Владата на маалскиот инаетчија кој сакал доживотно да биде премиер, грозно се мајтапи со повеќе од 300.000 пензионери, кои претставуваат една петтина од населението на Република Македонија. Сите камбани на владејачите се активирани да се види дека Владата не само што ги покачила пензиите, туку и ажурно ги исплаќа. Додека во светот плати и пензии се смалуваат, во Република Македонија тие се зголемуваат благодарејќи ѝ на сегашната влада.

Тоа е грозната лага со која премиерот се мајтапи со пензионерите. Зошто и како?

Затоа што премиерот намерно создаде фалшив систем на ненароден режим. Се ближат вонредни собраниски избори. Пензионерите, како најсигурен столб со своите гласови треба ненародниот режим да го спасат од губење на власта и испраќање во историјата и на заслужени казни. Да почнеме со ред.

Со транзицијата се создаде (постоеше од порано) Фонд на солидарноста во Сојузот на пензионерите. Во него треба да се слеваат сите придонеси што од своите плати ги внесуваат сите вработени за од нив да се обезбеди исплата на пензиите. За тоа постои соодветна законска регулатива. Меѓутоа, Владата стори сè за да создаде шашма, Фондот да нема пари за да прикажат дека Владата ќе интервенира со пари од државниот буџет, како да ги вади од фондот што на премиерот му го оставиле дедо му и татко му. Ако сè беше во ред, Фондот немаше да стане инсолвентен. Покрај придонесите од платите, Фондот имаше и имот. Од секој приватизиран имот 10 отсто одеа во Фондот. Прашање е што се случи со тој имот? Што стана со Фондот? Немаше соодветен отчет и транспарентна одговорност. Засега да се покаже дека некој го продал недвижниот имот на Фондот, па се создаде лагата дека во него нема пари.

Затоа сега морала да интервенира Владата со средства од државниот буџет. На тој начин сосема ги испомеша односите. Од една страна, Владата ја спроведувала уставната дефиниција на Република Македонија како социјална држава. Така, Владата од државниот буџет обезбедува исплата на пензии, бесплатно возење во јавни автобуси и бањско закрепнување на пензионерите. И сето тоа како средствата да ги вади од тешко спечалените сопствени средства (од сопствениот џеб). Меѓутоа, вистината е дека и државниот буџет го полнат сите граѓани, вклучувајќи ги и пензионерите. Според тоа, граѓаните и пензионерите, а не Владата, ги финансираат примањата што се означени како грижа на Владата. Така пензионерското тркало се врти на сопствен погон, а заслугата ја собира маалскиот итрец, кој е способен само за саморекламирање. Кој и на кого треба да му биде благодарен?

Впрочем, колкаво е покачувањето на пензиите и како се плаќа? Пензиите се покачени по принципот на урамниловка, се зема од повисоките за да се даде на пониските. Износот на покачувањето е 621 денар на секоја пензија поединечно. Тој износ е далеку од тоа да доведе до сериозно подобрување на социјалната положба. Незадоволството се пројавува кај тие што им се зема и кај тие што им се додава. Само едно е важно! Владата да ја добие улогата на библискиот христијански самарјанин! И така веќе десетта година. Тоа го донесе партизацијата на институциите што немилосрдно ја спроведе владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи смалување на и така ниските пензии во споредба со побогатите земји.

Вистинско подобрување може да се постигне само со зајакнување на економијата. Меѓутоа, таквата промена може да се случи само со отфрлање на сегашниот ненароден режим. Притоа треба да се отвори и прашањето на одговорноста на Здружението на пензионери на Македонија, кое својата улога ја сфаќа само во директна и непосредна поддршка на лошите политики на Владата.

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Ковачевски