Радикален еволуционист тепал верници низ Скопје

12.03.2015 12:43
Радикален еволуционист тепал верници низ Скопје

Скопје, 12 март 2015

Во центарот на Скопје, во близина на соборониот храм Св. Климент Охридски, уапсен е 42-годишниот Дарко С., осомничен за повеќе брутални напади врз верници од различна вероисповед.

Дарко е фатен во моментот кога подготвувал нов напад врз верниците што излегуваат од литургија, а бил вооружен со бејзбол палка, нож и неколку книги кои ја поткрепуваат теоријата на Дарвин за потеклото на видовите.

„Лицето Д.С. веќе беше на распит и го призна делото. Тој откри дека е дел од поголема мрежа атеисти и заедно со уште неколку физичари планирале напади врз лица кои не веруваат во биг-бенг теоријата за настанокот на светот“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Извори на Пара вести блиски до МВР откриваат дека мета на оваа радикална група атеисти и еволуционисти главно биле христијаните и муслиманите, но биле нападнати и растафаријанци, членови на харе кришна, Јеховини сведоци и скиентолози. Впрочем, токму поради испишаниот графит „долу Том Круз!“ на еден скопски ѕид полицијата успеала да им влезе во трага на радикалните атеисти.

Од нивната СМС комуникација, полицијата дознава дека тие биле многу нервозни затоа што нема амиши во Македонија, за да додадат уште една група на својот список кон која би се однесувале насилно.

„Ова не е прв пат агресивни научници и поддржувачи на разни т.н. научни теории да напаѓаат верници и да демонстрираат насилство, без никаква толеранција кон секој што мисли поразлично од нив. На оваа појава мора да ѝ се стави крај, со нивно спалување на клада, покрстување, премин во ислам или некоја друга религија“, вели експертот за верски прашања Божидар Ангеловски.

Претседателката на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, како и повеќе експерти од областа на образованието, веќе на големо размислуваат за иницијатива за воведување на веронауката како задолжителен предмет во основните и средните училиште, како и исфрлање на физиката и биологијата, кои евентуално би можеле да бидат изборни предмети.

„Ова што го прават еволуционистите и биг-бенг теоретичарите ги преминува сите граници. Мора да се работи со децата уште од најрана возраст за да се спречат ваквите изливи на насилство и нетолеранција. Биологијата и физиката се чувствителни области и не секој е спремен да биде во контакт со таква материја, а тоа да нема опасни последици“, коментира Валентина Божиновска, претседателка на Комисијата.