Иванов ги смирува страстите со берење чај

07.07.2014 09:17
Иванов ги смирува страстите со берење чај

Скопје, 7 јули 2014

По насилните протести поради незадоволството од пресудата во случајот „Монструм“, таткото на нацијата Ѓорге Иванов ги смирува страстите преку својот пример - правејќи кул, опуштени работи.

Иако не се произнесе со никаква изјава, не се обиде да го протолкува или објасни изворот на гневот и не апелираше во медиумите за смирување на ситуацијата, тој на големо придонесува за смирување на страстите берејќи чај на планините и ливадите во Република Македонија.

„Како поинаку да се смират тие агресивни луѓе кои прибегнуваат кон насилство и приредуваат немили сцени, освен преку сопствениот пример на правење нешто опуштено, убаво, благородно“, вели политичката аналитичарка Роза Очилкова.

Од извори блиски до кабинетот на Иванов дознаваме дека берењето чај од камилица, мајчина душица и нане е дел од внимателно промислената стратегија за хармонизирање на меѓуетничките односи во земјава, а не дел од редовната агенда на претседателот, која вклучува посета на празијади, борби со петли и пуштање во употреба на нови гумички на вентилот од некоја селска чешма.

„Претседателот Иванов е зрел и мудар политичар, знае дека дури и на планина ќе сретне некој човек кој со молскавична брзина ќе ја рашири информацијата за претседателот кој се занимава со опуштени работи, па набрзо сите граѓани во земјата ќе го следат неговиот пример наместо да демонстрираат и да бидат насилни“, објаснува нашиот соговорник од кабинетот на претседателот, кој сака да остане анонимен дури и повеќе од претседателот.

Редакцијата на Пара вести се обиде телефонски да стапи во контакт со Ѓорге Иванов, но неговата секретарка ни одговори дека во моментов внимателно го набљудува процесот на сушење на чајот што го набрал.

Неофицијално, дознаваме дека во стратегијата на Иванов клучна улога има чајот од камилица, додека оној од нане ќе игра само епизодна улога во политичките збиднување во Македонија.

Слика: Свирачиња