Разговори преточени во дела

28.04.2015 00:25
Разговори преточени во дела

„Бомбите“ кои во последно време ги пласира опозицискиот СДСМ во јавноста, сами по себе се атрактивни и самото нивно пренесување во медиумите го привлекува вниманието на јавноста. Меѓутоа, тоа не е доволно. Медиумите не смеат да запрат на едноставно пренесување на овие „бомби“. Тие претставуваат концентрат од информации кои бараат понатамошна анализа од медиумите.

Аналитичкото новинарство по многу нешта е многу слично на судската истражна постапка. Новинарот треба да открие и да презентира валидни материјални докази кои ја потврдуваат веродостојноста на информацијата и кои ѝ овозможуваат на јавноста да ја смести добиената информација во реалниот контекст на случувања. Во случајот со „бомбите“, тоа значи презентирање такви докази што ќе понудат логични, причинско-последични врски меѓу разговорите и дејствата, случувањата и ситуациите кои следуваат.

Само доследно аналитичко новинарство може да проблематизира изјава од типот:

„Кога се зборува за вистината, не може таа да се креира врз основа на телефонски разговори кои се прибавени на нелегален начин и креирани на кој знае кој начин. Граѓаните не ги интересира кој за кого и што мисли и разговара по телефон, туку кој и што направил за да им се подобри животот, кој отворил 130 илјади нови работни места и кој им отпишал долгови и редици други проекти. На двесетте бомби на опозицијата ние одговоривме со 60 нови мерки во корист на народот, рече Ставрески.“

Имено, Ставревски има право кога посочува дека разговорите сами по себе немаат посебна тежина. Тие може да зборуваат за намера, може да зборуваат за некултура и за примитивизам, може да индицираат одредени случувања, меѓутоа без понатамошна анализа, остануваат само разговори меѓу двајца луѓе.

ВРСКАТА МЕЃУ РАЗГОВОРИТЕ И АКТИВНОСТИТЕ ПО НИВ

Новинарите треба да ја направат врската меѓу изнесените разговори и активностите што следуваат по нив, резултатите на тие активности, прекршувањата на законите кои се фактички направени…

Многу мал број медиуми и за многу ограничен број случаи пристапија кон ваков вид верификување на изнесените информации.

На пример, во транскриптот од „24-та бомба“ стои:

Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Никола Груевски:

НГ: Ало
ГЈ: Ало да…
НГ: Како си Горде?
ГЈ: Добро еве со работа претседателе….
НГ: Вака сеа, за овие кадровските со кого ја требаше да зборам сеа
ГЈ: Само секунда…
НГ: Го имаш ли…земи го списокот пред тебе ја имам нешо бележано ама не сум сигурен
ГЈ: Ја си го имам тефтерот одма се е кај мене прецизно утврдено само да отворам…значи ај вака од почеток, како шо ги имавме запишувано. За дописнициве, за Вашингтон и Атина нели рековте уше еднаш ќе зборите со Марина Христова за Атина а евентуално Антонио Спасев и Борче Стамов…
НГ: Мхм
ГЈ: А следно сега…одам по ред да не пропуштам некој…добро овие кај шо сме имале дилеми и кај шо имаме време не ги спомнувам…


За да може да има соодветно значење овој транскрипт за јавноста, потребно е медиумите да ни кажат која е, на пример, таа Марина Христова, да ја направат достапна нејзината биографија, да понудат информации за нејзините квалификации и, секако, да презентираат докази за тоа дали навистина отишла како дописник за Атина или, пак, како дописник отишол некој друг од спомнатите во разговорот.

ВКРСТУВАЊЕ ИНФОРМАЦИИ ОД РАЗЛИЧНИ ИЗВОРИ

Како многу позитивен пример за ваков вид анализа може да се посочи анализата објавена во „Нова“ под наслов „Кумот на Груевски пазарел шума, а добил градежен плац“ од 26 март 2015 година. На 15 март 2015 година истиот медиум го објави транскриптот од разговори во кои се спомнува купување земјиште, промена на урбанистички планови, освојување неградежен зелен простор. Овие разговори се интересни за јавноста, меѓутоа нивното вистинско значење може да биде разбрано единствено доколку се поврзе со конкретните активности што се преземени и крајниот резултат на овие активности. На оваа анализа многу добро се надоврзува анализата направено од медиумот „Плусинфо“ (+Инфо), во која е опфатен уште еден аспект на истата проблематика.

Медиумите посветија големо внимание на презентираните информации поврзани со автентичното толкување на Законот за амнестија и ова е еден од ретките случаи кога голем број медиуми не се задоволија само со пренесување на снимените разговори, туку се обидоа да ги стават во контекст на реалните случувања и на конечниот резултат – такво толкување на Законот за амнестија кое овозможи запирање на каква било процедура против осомничените за кривични дела против човечноста.

Фактот дека се презентираат разговори кои се воделе пред извесно време, им дава на медиумите можност да се повикаат на нивните анализи од тој период, да вкрстат информации од различни извори и во одреден број случаи дури и да го идентификуваат крајниот резултат.

Токму медиумите имаат можност на јавноста да ѝ покажат дека не станува збор за тоа „… кој за кого и што мисли и разговара по телефон…“, туку за доказ за прекршување на законите, повреда на слободите и на правата на луѓето и за уривање на уставниот поредок на државата.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Графички приказ на бомби: Фросина Цонева

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото