1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:15
Дојде очекуваниот момент, организираната пропаганда почна да го прави она што беше најавено и низ овие колумни – организирано се напаѓа и се оцрнува ликот на специјалната обвинителка Катица Јанева. Но, она што е карактеристично за овој случај е речиси неверојатниот степен на анонимност на Јанева, што се одрази дури и врз оние што би требало да „знаат сè“ во државата, а тоа е, се разбира, власта.
Изборот на Катица Јанева е маестрален преговарачки маневар на меѓународната заедница, со што како „мамец за кленови“ се понудија јавно извикани имиња. На крај, со консензус на власта и на опозицијата, се избра целосен анонимус со што на моменти се парализира провладината пропаганда која немаше јасни насоки за дејствување.
Парадоксално, во првите моменти од изборот на Јанева, не само што дел од медиумите само декларативно ја пренесуваа веста за нејзиното именување, туку имаше и обид за нејзино претставување во позитивно светло. Карактеристично за пропагандното дејствување на власта, и овојпат порталите кои најчесто се користат за „ударна тупаница“ против опозицијата или неистомислениците излегоа со ист текст и со ист наслов со кој Катица Јанева се претстави како – „Кредибилна личност која има странска и домашна поддршка“.
Oна што веќе станува карактеристично за овој тип пропагандни написи е што освен што се користат исти наслови и текстови, нема потпис под нив. Авторот на текстовите речиси никогаш не е именуван, а нема никаква редакциска интервенција ниту во самите текстови. Тоа јасно укажува дека се работи за писание дадено од еден центар и дека медиумите што го преобјавуваат не ни смеат да интервенираат во текстот. Со оглед на факот што во прислушуваните материјали објавени од опозицијата, но и во редица други објавени текстови, истражувања и сведоштва, јасно е дека центарот кој ги праќа и ги нарачува овие текстови е блиску до Илинденска б.б. Ова докажува дека постоело изненадување и незнаење што ќе донесе назначувањето на Катица Јанева, па се избрала стратегија на позитивно преставување на обвинителката во јавноста за да се изгради стратегија на добар и позитивен однос кон неа, за меѓусебните односи на властодршците и на Јанева да заличуваат со релациите меѓу власта и јавниот обвинител Зврлески.
КАТИЦА ЈАНЕВА ГО ПРЕТСТАВУВА ПЛАНОТ – ПРОПАГАНДАТА ГЛЕДА ДЕКА ЃАВОЛОТ ЈА ОДНЕЛ ШЕГАТА
Работите во односот на пропагандата кон Јанева се менуваат нагло кога специјалната обвинителка го преставува планот за работа. Катица Јанева првично бара 124 вработени и милион евра за првото тромесечје од мандатот. Она што станува јасно е дека „Специјалниот обвинител“, всушност, ќе биде „Специјално обвинителство“, кое ќе има 14 обвинители, 30 истражители, 35 обвинителски советници и 30 обезбедувачи.
Дополнително, Јанева соопштува дека првите обвиненија од нејзина страна ќе бидат објавени во периодот од декември до март, период во пресрет на предвремените парламентарни избори. Со оглед што е повеќе од јасно дека обвиненијата ќе бидат насочени кон некој од функционерите што се слушаат во „бомбите“ на опозицијата, тоа дефинитивно го вклучи алармот и беше јасен знак во кој правец треба да се движи пропагандната машинерија.
Исто како во случајот со протекувањето на материјалите од посебните истражни мерки во случаите со Љубе Бошкоски и снимањето на Заев во кабинетот на Груевски, и сега порталот „Прес 24“, „ексклузивно“ ги објави финансиските и работните планови на Катица Јанева. Се разбира дека материјалите можат да потекнуваат единствено од обвинителството или од некоја друга институција, но, главно, бројките од приложеното се искористија за создавање слика за „мегаломанските“ побарувања на Јанева.
Повторно се повторува истиот шаблон, медиумите го добиваат текстот кој се праќа од ист центар. Пропагандата која мора на дневна база да го одработи предвиденото ментално труење нема време за чекање, па како и секогаш, го употребува истиот текст, истиот наслов, не се користи автор, веројатно нарачателите сметаат дека немаат потреба од семантичко разубавување на текстовите и дека публиката ќе „проголта“ што ќе им се сервира.
При нападот на Јанева, сега се користи насловот „Нов скандал во специјалното обвинителство: Мегаломанството и партизација кај Катица Јанева“.
Со овие напади пропагандната машинерија на власта веќе јасно ја одредува Јанева како цел на идни напади, а речиси е извесно дека и идните атаци ќе бидат спроведени според ист шаблон.
Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).