Белиот пешкир

26.08.2015 11:49
Белиот пешкир

Долго време, можеби повеќе од три години се „спремам“ да го напишам ова мое видување и анализа на едно битисување.

Размислував дали текстот да го именувам како горенаведениот наслов или да се вика „Кармата на боксерот“. Пресудно, односно „тригер“ за изборот на конечниот наслов како и да седнам и на хартија ги ставам моите видувања, се потврдите кои ги добив од последните случувањата во Р. Македонија. На чело на водењето на денешната идеологија, историја, политика и економија во Македонија стои човек на кој во младоста боксот му бил примарен спорт со кој се занимавал.

Според учењата на основоположникот на модерната психологија, Зигмунд Фројд, и неговиот соработник Карл Густав Јунг кој ја пратикувал аналитичката психологија, дека постанокот на социјално-психолошката матрица на едно човечко битисување лежи во неговото воспитување од страна на неговите први учители-родителите, најблиските роднини и околината во која растел, се развивал и го стекнувал животното искуство.

Овие согледувања уште од многу порано ги имале духовните учители во Источните култури во своите учења. Тие ги имаат претставено и објаснето како КАРМА, а западноевропската култура ја препознава како СУДБИНА.

Што е КАРМА?! Карма е синџир од причини и последици симболизирани како конопче кое битието на човекот го држи во оковите на страдањата. Кармата ја создаваме сами и сè што доживуваме денес е резултат на она што сме го создале во минатото, што значи дека и иднината ја креираме сами.

Ќе се потрудам да го опишам боксот како спорт правејќи потоа симболика и „анализа на Кармата“ на денешните случувања.

Боксот е индивидуален спорт во кој спортистот самостојно одлучува и решава за својата судбина потпомогнат од тренерот и тимот околу него кој самиот го избира според своите индивидуални размислувања и чувства. Има многу индивидуални спортови, но ниту еден не е, како што уште го нарекуваат, „благородна вештина“.

Само во боксот за да се победи треба да се нанесе физичка болка, да се види крв, да се доведе противникот до бессознание, а со тој начин и да се понижи. Бидејќи е учен да не се предава и секогаш победува, неговиот ум не може да прифати и признае пораз, за тоа е „одговорен“ неговиот тренер и тим, кој со симболиката на фрлање на белиот пешкир во рингот го признава очигледниот пораз и со тоа ги скратува неговите понатамошни страдања.

Некој ќе праша: а што со борењето, каратето, џудото, теквондото и други источни спортови кои имаат телесен контакт? Да, ама тие се одбранбени вештини каде што спортистите се бранат и употребуваат стратегии да го неутрализираат противникот без нанесување телесни повреди.

Социјално-психолошката матрица позната уште како ментален склоп ја изразува секое човечко Битие преку единствен сопствен лингвистички код во секојдневното комуницирање со другите луѓе.

Со препознавањето на некои елементи и правењето на компаративната кармичка анлиза би можеле да се согледаат и разгледаат неколку очигледни карактеристики и показатели на размислувањето и изразувањето со речникот на Битието.

Сите изборни победи ги престави како индивидуални и ги изразува со спортски речник како 5:0 или број на општини и региони, добиени или изгубени.

Персонална одмаздољубивост за неговиот ум на тие што „му забиле нож во грб“, односно на неистомислениците олицетворени во Велија Рамковски, Фиат Цановски и Љубе Бошковски, кои и покрај нивното материјално уништување ги понижи и човечки. Боксерчето во него излезе на виделина.

Неистомислениците во сите сфери и сегменти на битисување на едно општество ги претстави како свои противници. Државата дојде на ние и вие, предавници и патриоти, верници и неверници, интелектуалци и неинтелектуалци, антички и Македонци со словенска култура, големи Македонци и Албанци и Роми од друга страна, мажевни Македонци и припадници на ЛГБТ заедницата, тотално разнебитување на македонското ткиво.

Неговиот „стручен“ тим кој самиот го избра го сочинуваат блиски роднини и пријатели и неспособни министерчиња кои понизно го слушаат, бидејќи боксерчето во неговиот ум е најпаметното и најспособното кое се родило во оваа земја. Оваа перцепција на неговиот ум се гледа и во организирањето на повеќе од десетина контрапротести за различни поводи, изразувајќи и барајќи потврда за личната сувереност и безгрешност.

На видеото кое беше прикажано со лидерот на опозицијата во неговиот кабинет, говорот на тело покажува огромна надменост и арогантност. Да, боксерчето е сигурно и безбедно само во персонификација на рингот, кога е сам со противникот. Во големи и небезбедни „комфорни зони“ за неговиот ум тој е збунет, несигурен и блед во лицето, што се воочува на сите митинзи и собири организирани после објавените материјали кои не одат во прилог на моралните и хуманите вредности на владеење на него и неговиот тим.

Индивидуалноста и асоцијализацијата јасно се покажува и потврдува во разговорот во кој објаснува дека не сака да живее со и да има комшии околу него, најбезбеден е во сопствената комфорна зона - сам меѓу јажињата.

Менталниот склоп се гледа и во реториката дека ќе го нокаутира лидерот на опозицијата како и на крајот од изјавата на последната прес конференција по повод немилите случување во Куманово, дека сите што така ќе постапат така и ќе завршат, мислејќи на платеничката група - симболика кога боксерите се гледаат меѓусебно и секој ја покажува својата сила и надменост. За жал, заборавајќи дека осум недолжни човечки животи залудно се изгубија.

На крајот му простувам за сè. До кое ниво ја донесе оваа земја, ја изгради во циркус кој служи за потсмев во целата светска јавност... Го замолувам да се освести и разбуди, да ги согледа своите пропусти и грешки и доброволно да ја напушти функцијата.

Долги години со пријателите разговарав и им посочував дека неговата власт може да ја симне само личниот тим (додека ова го пишувам, тројца најблиски соработници го направија тоа), истомислениците и освестените морални симпатизери и членови на неговата партија. Само тие можат да го фрлат БЕЛИОТ ПЕШКИР и да му ги скратат понатамошните маки и страдања.

Скопје, 12.05.2015.

Авторот: М-р Даниел Георгиев

Слики: Свирачиња