Фаќај џаде, Никола!

14.10.2015 13:47
Фаќај џаде, Никола!

Hit the road Jack and don't you come back no more

Реј Чарлс

 

Помина 11 Октомври. Политичарите го одбележаа со една свечена академија во новата зграда на МНТ на која се обрати претседателот на Собранието, додека премиерот имаше ексклузивно интервју на ТВ Сител. Не ги гледав ниту едниот, ниту другиот. Немаат што да кажат, односно тоа што го зборуваат е блазирано (бесчувствително, отапено, заситено) и сосема надвор од ситуацијата, поводот или јубилејот. Или, уште полошо, нивното јавување го упропастува и девалвира и она незгаснато свечено расположение кое како пиетет и спомен на мојот татко-партизан, си го носам длабоко во себе. Со други зборови, последните кои би сакала да ги чујам на големиот ден за Македонија, се токму оние кои кои ги доживувам како нејзини хиени.

Најпоразително од сè е интервјуто на Груевски, кој, како што прочитав во извештаите, воопшто и не зборувал за македонскиот национален празник, иако настапил токму на Денот со кој се одбележува почетокот на македонското антифашистичко востание и борба за национално ослободување. Зборувал за себе, ги величел своите достигнувања, ја пизмел опозицијата и ги охрабрувал своите гласачи. Држел монолог на својата телевизија, пред свој новинар и им се обраќал на своите симпатизери. На 11 Октомври.

Тажно.

Резигнирана и гневна од ваквото, најблаго кажано – непристојно и навредливо поведение на човекот кој за самофалби постојано е тука, а за критики е секогаш „нисам одавде“, го поставив овој наслов инспирирана од култниот Реј Чарлс и неговата уште покултна песна „Hit the road Jack“.

Човекот кој е под сериозни сомневања за тежок злостор против сопствената земја и нејзините граѓани, односно човекот против кого дури допрва ќе треба да се докажува неговата злоупотреба на државната функција, не заслужува ништо повеќе освен да му порачам:

Фаќај џаде, Никола! Подалеку од нашиот град, кој го претвори во најголемата лична отворена играчница со „Лего коцки“, во кој си склопуваш фигури според сопствени желби. Кој го трансформираше во град за општ потсмев на целата пристојна меѓународна јавност, град кој го нарекуваат македонски Дизниленд, Грујо сити, Скопјанг.

Фаќај џаде, Никола! Остани скраја од нашите животи, за што побрзо да заборавиме дека некогаш сме изнедриле ваков шутрак за премиер. За што побрзо да преболиме дека од нашите редови излегол ваков лицемер, крадец и измамник. За што побрзо да си ја исчистиме совеста поради тоа што дозволивме да бидеме толку наивни, глупави и лесноверни, верувајќи на твоите блефови.

Фаќај џаде, Никола! Нека те снема отаде-потаде Македонија. Од истата таа Македонија, која ја стори земја без надеж, без иднина, без младина, без вредности, без чест и достоинство. Во која инсталираше подлост, сервилност, поделби, страв и омраза.

Фаќај џаде, Никола! Гитла од нашите вредности, сиктер од нашите слободи, усвет од нашите соништа.

Убава е пораката на Реј Чарлс. И јасна.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото