Работничките мантили во Штип протестираа наместо шивачките

09.12.2016 13:16
Работничките мантили во Штип протестираа наместо шивачките

Работничките мантили вчера во Штип протестираа наместо шивачките кои на вчерашниот неработен ден, беа зад машините во фабричките хали.

Наместо нив, револтот од тоа што тие се на работа речиси на секој државен празник, за понижувачка плата, симболично го искажаа работните униформи, закачени на транспаренти.

Тие беа ликот на работничките, а нивниот глас беа активистите од Здружението „Гласно“, формирано за да ги штити пратава на текстилните работници:

„Бараме измена на неуставната измена за минимална плата во текстилната и кожарската индустрија која во овој сектор изнесува 9.000 денари, а во сите останати 10.080, бришење на членот 2 од Законот за минимална плата каде нормираниот учинок е подлога за злоупотреба на работниците од овие две гранки и на работодавачот му се дава право да исплаќа плата помала од минимално утврдената и формирање на надворешен граѓански синдикат воден од работниците, а не како досега тие да бидат претставувани од работодавачите, истакна Кристина Ампева, претседател на Здружението „Гласно“.

На овој начин, од „Гласно“ се надеваат дека ќе ја подигнат свеста кај работниците за нивните права, но и ќе се информираат како да реагираат во случај на прекршување на истите.

Инаку, само во Штип има околу 6.000 текстилни работници кои работат за просечна плата од околу 12.000 денари.

 

Извор: televizijastar.com