Следејќи ја трагата на одговорноста и на парите

10.02.2017 14:21
Следејќи ја трагата на одговорноста и на парите

Особено значајна алатка што им стои на располагање на медиумите во остварувањето на контролната функција над власта, претставува можноста за ретроспективно прикажување на одреден настан или активност. Честопати јавноста има кратко помнење и нејзината реакција е поврзана со моменталната информација што се пласира, односно со актуелното случување. Медиумот кој обработувал една тема, може да се повика на историскиот тек на случувањата и да ги воочи последиците на одредени активности за кои информирал во некој претходен момент. Токму следењето на развојот на одредено случување во неговата временска рамка овозможува специфичен вид анализа која зема предвид широк дијапазон податоци и информации.

Искористувањето на историјатот на едно случување е особено важно кога станува збор за контрола над власта во нејзиното прекршување на основните човекови права и слободи и за повикување на одговорност за ваков вид прекршувања.

Еклатантен пример за можностите што ги дава овој вид пристап, претставува информирањето во врска со поплавите од летото 2016 година.

Медиумите многу активно известуваа за поплавите во кои настрадаа голем број луѓе и кои нанесоа голема штета на неколку општини во околината на Скопје и во самото Скопје.

-Најмногу жртви во Синѓелиќ, Стајковци, Арачиново и Смилковци
-Поплавени објекти, оштетени возила, скопско во кал
-Невремето направи пустош во Стајковци и околината
-Катаклизмични сцени по вчерашното невреме – најмалку 21 загинат

Информациите беа проширени на активностите што ги презеде државата, на пружањето помош и на можната одговорност за настанатата ситуација.

-Мораше ли водената стихија да однесе 21 жртва?
-Поплави: Нетранспарентни постапки за нечисти канали
-Помошта пристига, болката и бесот остануваат
-ПОВИЦИ ЗА ОДГОВОРНОСТ И АПЕЛИ ЗА ХУМАНОСТ – СОБРАНИЕТО ЗА…
-Уништени домови, инфраструктура, посеви! Колку чинеше поплавата?

Во сите медиуми се појавија информации за помошта која се собира во државата, за средствата кои се издвоени од буџетот и за помошта која пристигнува од други држави.

-Помошта, што ја дониравме во Македонија надминува 900 илјади евра
-Австрија со помош од 500.000 евра за настраданите од поплавите
-ФК Работнички со донација и апел за помош на настраданите од поплавите
-Како ќе бидат распределени парите кои граѓаните ги донираат за поплавените подрачја?
-оне.Вип донираше 1.000.000 денари за помош на настраданите во поплавите
-Помош од милион денари од М-НАВ за настраданите во поплавите
-Помош за настраданите во поплавите од Словачка и од Холандија

По само неколку месеци, само неколку медиуми го следат понатамошниот развој на настаните поврзани со поплавите.

-Бавно и селективно обештетување на поплавените во скопско
-Активисти: Не се отстранети причинителите за поплавите
-Активисти: Каде е ветеното обештетување за поплавените граѓани?
-ТРИ МЕСЕЦИ ПО ПОПЛАВИТЕ ВО СКОПСКО, ПОГОДЕНИТЕ ОСТАВЕНИ САМИ НА СЕБЕ
-Само една четвртина од поплавените во Сингелиќ и Стајковци добиле отштета

По шест месеци, во неколку медиуми се појавија информации дека сè уште има луѓе кои се раселени од поплавените подрачја.

-Владата ќе одлучи за продолжување на рокот за привремено сместување на поплавените
-Поплавените кои немаат услови за враќање дома, нема да останат на улица!
-ПОЛОВИНА ГОДИНА ПО ПОПЛАВИТЕ: Сè уште има семејства што не можат да се вратат дома

Во ниту еден медиум не е направена анализа во која ќе бидат обработени прашањата поврзани со поплавите во кои загинаа многу луѓе и кои направија голема материјална штета, а кои добиваат значење токму како резултат на изминатото време и на можноста за сумирање на сознанијата.

Постои горливо прашање поврзано со луѓето кои се сè уште раселени, постојат последици од поплавите кои се многу видливи и постои очигледна намера на властите да го затворат досието за поплавите без да дадат одговор на прашања за:

-Причините и човечкиот фактор кои доведоа до смрт на повеќе од 20 луѓе и до огромна материјална штета;
-За одговорноста на локалните и на централните власти за тешките последици од поплавите и за начинот на справување со нив;
-За конечната бројка на сите жртви (непосредно и посредно починати, повредени, со траен инвалидитет);
-За конечната пресметка на штетите (на индивидуалните лица, на правни лица и на заедницата во целина);
-За конечната сума на сите собрани, односно издвоени пари и отчет за нивната распределба или трошење.

Должност на медиумите е да не дозволат да останат неодговорени вака суштински прашања. Должност на медиумите е да потсетуваат и тогаш кога јавноста ќе подзаборави. И, должност на медиумите е да не дозволат повредите на основните права на луѓето да бидат заташкани за да се избегне одговорноста од тие кои се избрани, односно поставени на раководни позиции. А сè што треба е малку историја и – да не се испушти трагата на парите.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Фотографии: Георги Личовски