Молчењето одамна не е злато

18.03.2017 10:17
Молчењето одамна не е злато

Пријателот од ФБ Кристијан Калинов упати јавно прашање дали некој знае што се случува со списанието ФИЛМ+ и зошто по три издадени броја не излегува повеќе? Кристијан, твоето прашање ем е на место ем ме испровоцира јавно да прозборам, а не да премолчувам. Очигледно, молчењето одамна не е злато.

Еве го кусото образложение (од нас, уредниците, Сунчица Уневска и Влатко Галевски) кое би можеле да го насловиме и како: Јавен приговор до Министерството за култура за финансирање во издавачката дејност во однос на месечникот ФИЛМ+.

Имено, на минатогодишниот конкурс Министерството одобри средства за 2 (и со букви ДВА) броја на списанието. Претпоставувам дека не е потребно да образложувам дека одобрените средства не беа доволни ниту за половината трошоци за печатење на скромни 1.500 примероци. Сепак, решивме да ризикуваме и да започнеме, надевајќи се дека остатокот од трошоците ќе го обезбедиме од други извори (реклами, спонзорства, донации и продажба). На конкурсот за 2017 г. Повторно конкуриравме (за 6-месечно какво-такво финансирање) и „на наше големо задоволство“ добивме средства за уште ЕДЕН број на списанието. Во меѓувреме го издадовме и третиот број од списанието, се разбира, од сопствени средства. Сите три броја уредно ги доставивме на увид во министерството за тамошните „експерти“ да ја утврдат валидноста, квалитетот и „националниот интерес“ за македонската култура. Резултатот веќе го спомнав: одобрен е ЕДЕН број за цела година.

Здравата логика вели: Ако министерството „на невидено“ дало финансиска поддршка за два броја на списанието а имало увид во резултатот на отпечатеното, според кој вредносен критериум е проценето дека ФИЛМ+ заслужува поддршка за уште еден број. Ако оценката е позитивна (во смисла на „национален“ интерес), бесмислено е да се поддржи само уште еден број. Ако пак оценката била негативна, пологично е воопшто да не се поддржува понатаму. Вака, или логиката е апсурдна или апсурдот е логичен!

Овде сакам да потсетам дека ФИЛМ+ е првото списание (месечник) за филм и филмска проблематика, во историјата на македонското културно издаваштво. Од самиот почеток на конципирањето на списанието најавивме критички однос кон сите аспекти на филмското творештво, светското, а особено домашното, отворање на жешките теми од оваа област, како и објективен и проверен приод кон истите. Приоритети ни беа негувањето на критичката мисла, високиот степен на квалитет во однос на писменоста како и промоција на нови млади но и искусни и потврдени автори за кои списанието беше ширум отворено. Референтно беа покривани домашните и странските фестивалски случувања преку рецензии и ексклузивни интервјуа; една половина од списанието беше посветенa на македонската кинематографија, новите домашни проекти како и претставување на луѓето од филмската фела; покренавме иницијатива (со анкети и истражување) за воведување филмско образование во средните училишта...

За оние кои не успеале да нè читаат, сакам, со име и презиме да ги спомнам луѓето кои се во редакцијата или соработуваа со ФИЛМ+: Златко Ѓелески, Васко Маглешов, Гордана Блажевска, Тони Димков, Ана Поп-Стефанија, Димитрие Дурацовски, Бојан Иванов, Синоличка Трпкова, Владимир Мартиновски, Фросина Крушкаровска, Дина Дума, Елена Димитровска, Тамара Коцевска... Бидете љубопитни и ќе се уверите за какви автори се работи.

Знам дека ни се случи најнепопуларната работа во издаваштвото... неколку броја и толку... но ве уверувам дека не сме се откажале. Навистина е болно сознанието дека трите броја на ФИЛМ+ се вреднувани седум пати помалку од цената на видео спотот на Канго или на Елена Георгиева во име на естрадните „национални вредности“ во македонската „култура“. Може ли воопшто на ист кантар да се стават естрадните кичери со спомнатите пишувачи во ФИЛМ+? А да не ги спомнувам нашите еминентни политичари и стопанственици кои во име на македонската традиција и македонскиот јазик сесрдно финансиски поддржуваат Цеци, Јоксимовиќи, Драгојевиќи, Лукаси и слични промотори и заштитници на македонската култура.

Culture is what a society looks like 'from the inside'

Society is what a culture looks like 'from the outside'

И сè додека културата е копиле на општеството, ние ќе назадуваме!

А ФИЛМ+, не е згаснат, само е на принуден одмор, Ве уверувам!

Влатко Галевски, ФИЛМ+

Извор: Фејсбук профилот на авторот

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото