Што им е вродено на тие што ги дискриминирате?

28.07.2017 14:54
Што им е вродено на тие што ги дискриминирате?

Ги гледате нивните рачиња, испружени покрај вашата кола и неретко им велите да земат нешто да работат, место да питаат. Велите дека им е вродено тоа. Велите дека лажат. Дека не им треба дом, навикнати се да скитаат под ведро небо и да лумпуваат. Дека не се одговорни и дека крадат, прават деца за кои не се грижат и не одат на училиште. Не ги пуштате да се бањаат со вашите превосходства во базените. Велите дека смрдат. Ги пцуете. Ги навредувате. Ги туркате. Ги тепате. Ги тегнете за врат и ги терате да гласаат за вашите политичари, а нивните газди, ваши послушници ги влечете со себе како непријатни, но неопходни приврзоци. Не ги ни мразите, туку ги презирате.

Мразам квалификации од типот „вродено“, особено ако тоа им се припишува на етнички заедници или раси. Но, ако веќе сте запнале, еве како размислувам јас за тоа како и што им е „вродено“ на оние што се меѓу најдискриминираните во ова и во многу други општества ширум овој неправеден свет. Не им е вродено питањето. Тоа добро го знаете. Питаат затоа што институциите ги дискриминираат, бидејќи не им служат на сите еднакво. Сиромашни се, понижувани, тепани. Дали и тоа им е вродено? Дали мислите дека им треба вашето сожалување, а наместо правда?

Ако нешто им е вродено, тоа е слободата, подвижноста, интелигенцијата и креативноста. Вродени им се шармот и убавината. Надалеку се познати по својата сензуалност и чувствителност. Историјата и сегашноста ги помни како добри љубовници. Долгите векови дискриминација и насилство ги кодирале да имаат добро здравје, да бидат издржливи и снаодливи. Кога ја добиваат можноста од „супериорните“, работат чесно и вредно, без оглед на тоа дали работата бара физички или високо интелектуален напор и креативност. Ако имаат уште нешто вродено, тоа сигурно се добрината и несебичноста, солидарноста и простувањето. Инаку, како би можеле да имаат толку убава насмевка и тогаш кога им е најтешко? Како би можеле да имаат толку широко срце по толку неправди и насилство што ги трпат?

Најубавите песни ги пеат. Најубавите филмови се направени за нив. Иако се сиромашни, нивните домови се разнобојни и топли. Таму каде што други вложуваат пари, труд и креативност, ним им извира како секојдневие. Нивните веселби се познати ширум светот. Нив ги нарекувате со погрдни имиња? Тие се помалку вредни од вас? Тие не заслужуваат почит, дом, правда? Што ќе речете на ова?!

Извор: Слободен печат, 28.07.2017
Фотографија: Ritchelly Oliveira