Нов јазик во Никарагва

04.08.2017 12:59
Нов јазик во Никарагва

Подигнете четири прсти (знак за Б), допрете го врвот на носот со палецот и направете движење со раката надолу како да галите сурла на слон. Штотуку сте рекле „Слон Бабар“ на никарагванскиот знаковен јазик, што се разликува од знакот за обичниот „слон“. ISN (кратенка на шпански) е јазик кој го измислиле деца. До 70-тите години на минатиот век во Никарагва немаше училишта ниту можности за образование на децата со оштетен слух, но со сандинистичката револуција се јави иницијатива да им се овозможи образование и на децата со посебни потреби. Во Манагва се регистрирани четиристотини глуви деца и за нив се отворени две училишта. Од Европа се доведени наставници кои се обидоа да им предаваат на шпански користејќи ја дактилолошката „алфабета на прстите“, но децата не можеле да ја следат затоа што не знаеле шпански. Имале сопствен знаковен јазик кој го користеле дома. Во училниците, школските дворови и автобусите нивното импровизирано разбирање со тек на време прераснало во заеднички јазик.

За ISN дознав благодарение на Кејти Оустоун која зела три слободни години во болницата Сент Томас во која е вработена, за да работи со глуви деца. Во Естели, Никарагва, новинарот Фамнуел Убеда води уметнички медиумски проект за педесетина млади луѓе кои прават ТВ емисија и емитуваат вести за глуви, а во куќата на својата мајка држи курсеви по ISN. Ниту едниот ниту другиот проект ја немаат поддршката на државата, поради што Убеда е приморан да бара спонзори за да продолжи со работата. Кејти Оустоун кај него учела ISN, на часовите кои се организираат секоја недела наутро и траат три часа, а ги посетуваат 14 наставници од основните училишта и неколку родители. Една од посетителите е мајка на тригодишно дете на кого Кејти му покажала како на знаковен јазик се вели Слон Бабар. Пораснал во семејство со кое пректично не можел да комуницира. Сега има апрат за слушање кој родителите го купиле благодарение на помошта на донаторите од странство и полека учи шпански и ISN.

Денес тоа е меѓународно признаен знаковен јазик. Џуди Кегл, експерт за американскиот знаковен јазик, во 1986 година потврди дека станува збор за сосема развиен и структуриран нов јазик. „Јазикот е создаден пред нашите очи“, пишува Стивен Пинкер во „Јазичен инстинкт“.

Првиот речник на ISN е објавен во 1996, што придонесе за негово ширење, иако нема доволно пари за секое глуво дете да добие свој примерок. Првите толкувачи се појавија во 2004, а денес нивниот број порасна и често можат да се видат на телевизија и на јавни манифестации, особено кога претседателот ѝ се обраќа на нацијата.

Знакот за претседателот Даниел Ортега кој носи огромен ролекс часовник е потчукнување по рачниот зглоб. За покојниот Фидел Кастро, кој често се споменува во политичките говори, знакот е заканувачко мавтање со прстот, а потоа знак со прстите поставен во облик на буквата V со движење со кое дланката се оддалечува од устата, како кога се пуши цигара. Новите знаци настануваат кога ќе се јави потреба од нови зборови. За Доналд Трамп се користи гест со кој се покажува ешарпата на претседателот на градите, а потоа движење за мазнење на косата на челото.

Извор: London Review of Books, 21.07.2017.
Фотографија: Џенифер Харниш