Билјана Србљановиќ им ја затвори устата на сите кои се згрозени од голотијата на Битеф и РТС

26.09.2017 12:37
Билјана Србљановиќ им ја затвори устата на сите кои се згрозени од голотијата на Битеф и РТС

Претставата „Олимп“ која го отвори годинашниот Битеф се покажа како своевиден тест за театарската публика, но и целото српско општество.

Сите оние кои издржаа 24 часа на претставата „Олимп“ од салата Сава центар излегоа во солзи, возбудени, моќни, емотивни... И дури потоа сфатија дека во живо гледале „скандал“. Барем така смета дел од аудиториумот на РТС, згрозен од фактот дека во неделниот термин „на јавниот сервис се мавтале пениси“.

Билјана Србљановиќ на својот Фејсбук профил ги сподели своите впечатоци, и им одговори на сите кои преносот на „Олимп“ на РТС ги „шокирал“, „згрозил“, „им предизвикал мачнина“...

„Размачкана од солзи, пот и лиги, без глас од врескање и викање, едвај го пишувам ова зашто рацете ми се тресат од едночасовното аплаудирање, сакам да изјавам дека Иван Меденица не направил ништо во животот и веќе ништо да не направи, поради ова што го приреди во Белград, со својата екипа на Битеф, го заработи најголемиот споменик на сите времиња. 24 часа оргија на интелектот, најсилни емоции, радост, веселба, солзи, очај, страв и сожалување, тоа беше Олимп во Белград, кој го преживеав со најпрекрасната и најпосветената публика. Херојски подвиг на РТС за професионалниот, фантастичен пренос, Бастилјо, сѐ ти е простено.

Мислам дека доста ќе пишувам за ова, секако, снимаме и подкаст, но ако треба во една реченица да ја опишам еуфоријата: кој се сеќава на La Fura dels Baus плус De la Guarda Villa Villa плус Марталеровиот Murx во Нови Сад, е па тоа, ПОМНОЖЕНО СО СТО.

Какво волшебно искуство, какво чувство на задоволство, какво одушевување и колективна катарза, јас сега навистина потполно полудев.

Во тоа име, како професорка по теорија на античка драма, на овие што на интернет се скандализираат од голотија, зашто античките војни, убиства, силувања, чедоморства, таткото да ја заколе ќерката и братот да го убие братот, не им побудиваат чувства на гадење и згрозување, сакам стручно и сеопфатно да им порачам: ај не сери“, истакнува Билјана Србљановиќ.

Веќе најави и продолжение на приказната за „Олимп“, а патем, на неупатените им ја објасни фотографијата која се истакнува како главен аргумент за плукањето по претставата и Битеф.

„Ова е една слика на која се згрозуваат, а она што се случува овде е дека гласниците ја најавуваат војната или, со други зборови, им дуваат во газот на воинствените. Гласот од газот извикува воени повици, што тука не е јасно?“

А што се однесува до голотијата...

„Драг интернету, кога ги водите децата на Халкидики, на средниот прст, како не се плашите дека случајно ќе видите нешто од античката уметност и ќе бидете шокирани до крајот на животот од тој настан, не дај боже, можеби и ќе станете уметници или љубители на уметност? Буууу, голо тело, тргни ги децата да не се расипат! Ајде бре, доста. Најдете тема на која сте компетентни. Да живее Битеф!“, порачува Билјана Србљановиќ.

Извор: Noizz.rs