Кратка историја на македонскиот цртеж од Александар Ѓаконов до денес

16.10.2017 01:53
Кратка историја на македонскиот цртеж од Александар Ѓаконов до денес

Во малата сала на НУ завод и музеј во Битола, почетокот на септември е резервирана за еден исклучителен ликовен настан. Покрај кратката историја на македонскиот цртеж поставен во своевидна компаративистичка релација со цртежи од други средини, претставен ќе биде битолскиот сликар А. Ѓаконов, автор кој во манирот на виенскиот или минхенскиот академски стил и естетизам, работи кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Екскулзивитетот на оваа изложба е во тоа што со излагањето и промоцијата на делата од овој сликар се поместува историјата на современата ликовна уметност во Македонија, најмалку за половина век порано и тоа во исклучително афирмативен и европски контекст. Со ова изложбата не само што е своевиден естетски, стручен, ликовен настан, туку и историски со што Битола дефинитивно е просторот каде што е создадена или од каде што потекнува современата ликовна уметност во Македонија.

Изложбата е целосно поддржана од министерството за култура на Р.Македонија.

Изложбата „Современ македонски и меѓународен цртеж“, од збирката на фондот на НУ Завод и музеј во Битола, првично е поттикната и реализирана од две суштествени причини.

Едната е своевидна носталгија кон она што некогаш беше цртежот - спонтаност, непосредност, искреност, радост на создавањето, непрентециозност, интимност и јасна чиста мисла во хармонија со чувствата, начинот на перцепирање на светот.

Оваа негова неповторливост, беше се повеќе истакнувана, оваа негова директност се повеќе му требаше на едно време во кое човекот имаше потреба да го пронајде вистинскиот сооднос меѓу она што го има во себе и она што е опкружување, да ја нивелира таа стварност, можеби единствената вистинска.

Во Македонија, постоеше едно време, во кое цртежот, постојано беше присутен во ликовните средини - било преку традиционалната изложба организирана во Универзитетската библиотека во Скопје, било во бројните изложби низ ликовните центри. Постоеше интерес, постоеше публика, постоеше комуникација.

Денес, благодарение на ваквите фондови, можеме да докажеме дека тие времиња некогаш навистина постоеа и дека цртежот во оваа средина имаше своја достоинствена, тивка и длабока присутност. Благодарение на вистинскиот однос на средината кон него, во збирката имаме антологиски дела на Димитар Пандилов, Васко Ташковски, Трајче Блажевски, Свето Манев, Тоде Ивановски, Родољуб Анастасов...

Ревизија

Вториод повод за оваа изложба е промоција на автор кој работел во Битола и чија колекција од околу триесетина цртежи, кои потекнуваат од 1898 до 1901 година, откриваат еден нов момент во современата македонска ликовна уметност, воопшто.

Станува збор за Александар(А) Ѓаконов, чиј што живот и дело допрва треба да се испитува и преиспитува. Факт е дека потекнува од познатата битолска фамилија Ѓаконови.

Неговите цртежи создадени кон крајот на деветнаесеттиот век и почетокот на дваесеттиот, и по својата естетста структура и по својот ликовен израз, начин на размислување, изграден ликовен говор, едукација, мотивска определба и творечко кредо, не само што говорат за изграден автор, образован најверојатно во некои од европските ликовни центри - Виена или Минхен, туку пред се говорат за еден автентичен ликовен современ израз кој што е создаден на ова поднебје во време кога поимот за современоста на ликовното изразување најчесто бил само како некаква непозната вибрација која доаѓа од друг свет без поголемо значење и разбирање.

Неговата храброст и смел начин на изразување во средина која единствено на оваа територија го негува или го развива граѓанскиот живот претставува не само нов историски, туку и цивилизациски елемент.

Александар Ѓаконов, иако засега со овој релативно не многу голем опус, слободно можеме да кажеме дека е основоположникот на современата македонска ликовна уметност, речиси половина век пред Мартиноски.

Дали нашата ликовна, културна јавност и стручна присутност се во состојба на подготвеност и желба да го извршат оваа значајно поместување?

Всушност, на некој начин, откривањето и презентирањето на дела создавани во Битола пред повеќе од еден век во духот на она што се создавало во европските простори, и нивното прифаќање, неприфаќање или рамнодушност се уште еден елемент кој ја покажува или докажува нашата способност за државотворност или нашето стихијно и неорганизирано опстојување далеку од културното вреднивање и живеење, далеку од цивилизациската дијалектика и еволуција по која се движи светот.

Премиерното презентирање на овие дела и на оваа изложба сигурно ги поместува границите на пројавувањето на современата ликовна уметност во Македонија, поставувајќи ја Битола во значајна историска улога.

Всушност, по многу нешта оваа изложба е своевиден феномен и настан од исклучително значење кој што не само за ликовната публика, туку и за истражувачите и проучувачите на ликовната уметност би требало да е посебен предизвик, предизвик кој значи ревизија на севкупната современа ликовна уметност и културно - цивилизациското живеење не само во Битола, туку воопшто, во Македонија.